Со јулските плати што ќе се исплаќаат на крајот од месецов или во август, поголем дел од придонесите ќе се пренасочуваат кон пензискиот систем, а значително помал дел кон осигурувањето во случај на невработеност. Измените веќе стапуваат во примена, но без дополнително да се зголеми товарот за работодавачите и вработените.
Со времените решенија внесени во Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, стапката за пензиско и инвалидско осигурување се зголемува од 18,8 на 19,9 проценти од бруто-платата. Притоа, придонесот за осигурување во случај на невработеност се намалува од 1,2 на само 0,1 процент.
Иако се менува распределбата на придонесите, нивната вкупна стапка останува 28 проценти од бруто-платата. Затоа нема да има дополнителни трошоци за работодавачите, ниту промени кај нето-платите на работниците.
Со овие измени се санираат дел од проблемите присутни ви Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, односно треба да се подобри неговата финансиска кондиција. Наспроти тоа, се цени дека средствата во Агенцијата за вработување се доволни за покривање на тековните потреби. Законските измени, временски ограничени до крајот на годинава, беа предлог на група пратеници од ВМРО-ДПМНЕ. По истекот на овој период, придонесите повторно ќе се пресметуваат според редовните законски стапки.
Со ова практично се обезбедуваат дополнителни приходи за пензискиот фонд во година во која продолжува спроведувањето на политиката за линеарен раст на пензиите. По промената на власта, од 1 септември 2024 година сите пензионери добија линеарно зголемување од 2.500 денари, а од 1 март 2025 следуваше уште едно покачување од 2.500 денари. Потоа беа донесени нови законски измени со кои пензиите дополнително се зголемија за 1.000 денари од 1 октомври 2025 година и за уште 1.000 денари од 1 март 2026 година.
Со пренасочувањето на дел од придонесите кон ПИОМ, Владата и законодавецот очекуваат полесно финансирање на зголемените пензиски расходи, без дополнително да се зголеми товарот врз компаниите или вработените. Ова доаѓа во период кога со ребалансот на годинешниот Буџетот дефицитот се зголемува на 4,1 проценти од БДП, а Владата најавува дека редовната исплата на пензиите останува еден од приоритетите.
Ефектите од серијата линеарни зголемувања се рефлектираа кај просечната пензија. Според најновите податоци на ПИОМ за мај, достигнала 28.064 денари, а пензија примиле 349.015 корисници.
Најголемиот дел од пензионерите – 128.457 имаат месечни примања од 20.229 до 23.945 денари. Тие го зафаќаат најголемиот дел во пензионерската структура од 36,81 отсто. Со пониски пензии, чијшто максимум оди до 20.228 денари, живеат 26.599 лица (7,62 %).
Своевидна „средна“ класа претставуваат две категории – 83.402 пензионери (23,90 %) со примања од 23.946 до 30.000 денари; и 89.535 пензионери (25,65 %) со пензии од 30.001 до 46.889 денари.
На врвот на пензиската скала се само еден процент од корисниците. Пензија повисока од 64.518 денари примаат 3.496 лица, а највисоката старосна пензија од 94.332 денари ја добиваат само осум пензионери.
Аналитика








