ПОВЕЌЕ

    СТАРТУВАШЕ ГРАДСКИОТ ВОЗ: Од Скопје до Зелениково за 25 минути, Мицкоски и Николоски првите патници

    Време зa читање: 4 минути

    Градскиот железнички превоз во Скопје денес го имаше своето прво патување од Зелениково до Новата железничка станица во Скопје, симболично, а првите патници беа министерот за транспорт и вицепремиерот Александар Николоски заедно со премиерот Христијан Мицкоски, првите луѓе на железничките претпријатија „Транспорт“ и „Инфраструктура“ и други вработени, кои, придружувани од медиуми, пристигнаа во Скопје од железничката станица во Зелениково.

    Со ова официјално започна со работа првата фаза од проектот „Градски воз“, со кој периферните населени места и општини се поврзуваат со централното подрачје на главниот град.

    „Реализацијата на градскиот воз е доказ дека кога се има јасен план, концепт и визија, може да се реализираат проекти и е уште поголем доказ дека нешто што пред две години се сметаше за заборавено и напуштено, а тоа е железничкиот превоз, еве после две години се враќа во превоз“, истакна Николоски, додавајќи дека почетокот на „Градски воз“ претставува чекор кон поефикасен јавен превоз, поголема мобилност на граѓаните и подобра заштита на животната средина.

    Тој потсети дека пред две години, според него, железничката инфраструктура била во лоша состојба, дел од железничките станици биле затворени, а значителен број возови не сообраќале.

    „Ако пред две години имавме напуштени и девастирани пруги, железнички станици кои што беа затворени и се распаѓаа, возови кои што не работеа и бројни композиции лежеа на македонските пруги, еве денеска после две години имаме јасен и активен карго превоз, а од вчера веќе имаме и градски воз“, рече Николоски.

    Вицепремиерот посочи дека Владата го исполнила ветувањето првата линија на градскиот воз да започне со сообраќање до септември годинава и упати апел таа да биде користена од што поголем број граѓани.

    Првиот воз од Зелениково ќе тргнува во 6:20 часот, а потоа ќе има поаѓања во: 8:30 часот, 12:26 часот,  14:00 часот, 16:25 часот, 18:30 часот, 20:12 часот и 21:55 часот. Во обратен правец, од Железничката станица Скопје, првиот воз ќе тргнува во 5:32 часот. Следните поаѓања се во: 7:30 часот, 11:40 часот, 13:20 часот, 15:42 часот, 17:45 часот, 19:12 часот, 20:56 часот.Патувањето од Зелениково до Скопје ќе трае меѓу 24 и 28 минути, зависно од поаѓањето. Патувањето од Скопје до Зелениково ќе трае меѓу 24 и 26 минути. Возниот ред важи од 1 септември до 31 декември 2026 година.

    Цената на билетот на Градскиот воз изнесува 40 денари во еден правец или 70 денари повратна карта.

    Надлежните најавија дека градскиот воз треба да се развива со вкупно три линии, од кои првата започнува со работа денеска, додека за останатите две паралелно се изработува проектната документација.

    Директорот на „Македонски железници – Инфраструктура“, Синиша Ивановски, информираше дека Зелениково до Скопје сега има 25 километри реконструирана железничка мрежа. На оваа фаза имаше бетонски прагови од 1959 – 1963 година, состојбата на пругата беше крајно незавидна и поради тоа бавно се возеше, дури и со само 20 километри. Во овој момент возовите без никаков проблем гравитираат со брзина од 80 километри на час, а некаде и со 100 километри на час, се стигнува од Скопје до Зелениково за неполни 25 минути.

    Од Центар до Зелениково има повеќе станици и постројки. Има и 11 патни премини, а на секоја станица ќе има и паркиралишта за велосипеди – потенцира Ивановски.

    Првиот човек на ЈП „МЖ Инфраструктура“ информираше и дека едната од преостанатите линии ќе се протега од Волково, преку Ѓорче Петров и Скопје Север, до Железничката станица во Скопје, во должина од 18 километри.

    Втората линија ќе ги поврзува Миладиновци, Илинден и Маџари со Железничката станица во Скопје, а нејзината должина ќе изнесува 20 километри.

    Ивановски очекува проектирањето на двете делници да заврши до крајот на октомври. Доколку бидат обезбедени потребните средства во соработка со Владата, градежните работи на двете делници би започнале до крајот на годинава.

    Според плановите, двете линии би требало да бидат целосно оперативни и функционални до крајот на 2027 година, а најдоцна до почетокот на 2028 година.

    На трасите се предвидени и патни премини, а планирано е и обновување на железничките станици.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично