Франција денес повторно е во знакот на масовни протести, една недела по немирите и грабежите што ја потресоа земјата. На улиците се најавени синдикати, средношколци, студенти и „Жолтите елеци“, а властите распоредија околу 70.000 полицајци и жандарми низ целата земја поради стравувања од ново насилство.
Протестното движење почна со незадоволството на учениците поради недостиг од кадар и условите во училиштата, но во изминатите недели се прошири и на барања поврзани со растот на трошоците за живот, јавните услуги и економската нееднаквост. Минатиот викенд на протестите излегоа околу 550.000 луѓе, според француските власти, но дел од собирите прераснаа во судири со полицијата, грабежи и уништување продавници и јавни објекти.
Поради ризикот од повторување на насилството, во повеќе градови се воведени ограничувања и забрани за собири. Во Париз е дозволена протестна поворка, додека во делови од Лион, Ница, Монпелје и други градови демонстрациите се ограничени или забранети. Во повеќе од сто градови се воведени различни мерки, меѓу кои и локални полициски часови.
Во Париз дел од продавниците се затворени или дополнително обезбедени, а Лувр и музејот Орсе денес не работат. Властите најавија употреба и на специјални полициски единици, оклопни возила, хеликоптери и водени топови доколку дојде до поголеми нереди.
Претседателот Емануел Макрон вчера првпат се сретна со претставници на средношколците, кои бараат подобри услови за образование и промени во системот Parcoursup. Студентското и ученичкото движење, сепак, најавува продолжување на протестите.
(Фото: FreCha / Wikimedia Commons / CC BY-SA 4.0)
Аналитика








