Државата располага со девизни резерви во ознос од 4,936 милијарди евра. Јуноското ниво е за 274 милиони евра пониско од мајското, кога официјалните резерви достигнаа 5,210 милијарди евра. Според најновите податоци на Народната банка, регистриран е месечен пад од 5,3 отсто. И покрај намалувањето, девизните резерви и натаму се задржуваат на ниво кое се смета за високо и обезбедува сигурност за одржување на макроекономската и финансиската стабилност.
Во јуни е забележана и промена во нивната структура. Најголемиот дел од резервите, 73,8 проценти, се пласирани во хартии од вредност, што е повеќе отколку во мај, кога нивното учество изнесуваше 68,5 проценти. Паралелно со тоа, уделот на валутите и депозитите е намален од 14,9 на 10,4 проценти, а на монетарното злато од 16,6 проценти на 15,8 проценти.

Јунскиот пад следува по неколкуте месеци во кои резервите се движеа над психолошката граница од пет милијарди евра. На крајот од април беа на прагот од 5,207 милијарди евра, малку под мартовското ниво, а во однос на истиот период лани беа повисоки за повеќе од девет проценти.
Гледано на подолг рок, девизните резерви се практично на истото ниво како на крајот од минатата година. Во декември лани тие изнесуваа 4,925 милијарди евра. Или, актуелната состојба е за 11 милиони евра подобра од онаа со која се заокружи 2025 година.
Девизните резерви претставуваат средства со кои располага Народната банка и имаат клучна улога во одржувањето на стабилноста на девизниот курс и финансискиот систем. Тие служат за интервенции на девизниот пазар, за финансирање на потребите од платниот биланс и за редовно сервисирање на надворешниот јавен долг, а истовремено претставуваат и важен заштитен механизам во услови на надворешни економски шокови.
Аналитика








