Основците, средношколците и студентите кои сметаат дека одговараат на условите предвидени со последниот антикризен пакет, ќе треба да аплицираат за да добијат помош. Како тоа ќе се одвива, ќе се знае во наредните денови, информираа од Министерството за образование и наука.
„За начинот на кој учениците и студентите ќе можат да аплицираат, за критериумите, условите и роковите за искористување на овие мерки, Владата и Министерството за образование и наука ќе објават подетални информации во следните неколку денови“, пишува во соопштението од МОН.
Засега е познато дека повеќе од 120 илјади ученици и студенти ќе добиваат месечен паричен надомест. Поддршката ќе се реализира до крајот на тековната учебна, односно академска година. Како што се наведува до МОН, „како поддршка за нив и нивните семејства, во услови на зголемени трошоци за живот и продолжени ефекти од енергетската криза“.
Исто така, со мерките од деветтиот антикризен пакет се опфатени околу 105 илјади ученици од основните и средните училишта, чии семејства се со ниски месечни примања до 50 илјади денари. Во наредните шест месеци тие ќе добиваат финансиски надомест од 1.200, односно 1.800 денари.
Студентите, пак, над 15 илјади кои студираат надвор од местото на живеење, во следните седум месеци ќе користат ваучери за превоз, во износ од 600 до 1.200 денари. Зависно од пресметаните трошоци за превоз.
За поткрепа на стандардот на основците и на средношколците од Буџетот ќе се 14,3 милиони евра, а за студентите два милиони евра.