ПОВЕЌЕ

    СО ШЕСТ МИЛИЈАРДИ ДОЛАРИ 20 ГОДИНИ СЕ „ЅИДА“ РУСКАТА ПРОПАГАНДА ВО Македонија

    Време зa читање: 3 минути

    Шест милијарди долари со руско потекло, цели две децении, од 2000 до 2020 година, преку илегални патишта и со помош на локални олигарси продирале во Македонија, навлегувајќи во домашните финансиски текови. Тврдењето произлегува од софискиот Центар за проучување на демократијата, а е дел од најновата анализа за ширењето на дезинформациите и дестабилизирањето на демократиите во Југоисточна Европа од страна на Москва, пренесе Независен.мк.

    Последните години Македонија се наоѓа под многу силна руска пропаганда, што е  потпомогнато со илегално внесување руски пари преку политички партии, социјални групи и влијателни поединци. Според анализата, Москва преку нив има влијание и врз политичките одлуки во државата.

    Руската мрежа е најраспространета во Македонија, но и покрај тоа одекот е помал отколку во Србија и во Бугарија. Двете земји се посочени како главни носители на руската пропаганда и спроведувачи на руското влијание во регионот.

    Сепак, вознемирувачки се бројките кои велат – руските пари вметнати во македонската економија и во финансиските текови зафаќаат шест отсто од БДП. Што е за речиси двојно од оние 3,6 проценти колку што е европскиот просек.

    Меѓу земјите од ЈИЕ (Западен Балкан плус Хрватска и Бугарија), Македонија предничи и според објавените постови и регистрираните интеракции од страна на руската амбасада на Фејсбук профилот минатата година, а одѕивот бил 173.000 интеракции, наспроти еден милион и 889.000 интеракции на слични активности на руската амбасада во Софија, а само 20.000 во Србија.

    Инаку, според проценките на Центарот, минатата година Русија контролирала 277 милијарди инвестирани во акции само во ЕУ, но вистинските бројки се сметаат за многу поголеми. Парите се слеале главно преку офшор дестинации како Кипар, Девствените острови, Ирска, Луксембург и Холандија. Се проценува и дека руските корпоративни средства достигнале 600 милијарди евра на крајот од 2021 во Европа, при што мала е можноста штетното влијание на тие пари да не е присутно и во Македонија.

    Од Центарот за проучување на демократијата сметаат дека поради оваа состојба во ЈИЕ, одредени политички лидери од регионот треба да бидат повикани на одговорност за отворената или индиректна поддршка на надворешните авторитарни влијанија и за приливот на корозивниот руски капитал. Воедно, ја повикуваат ЕУ да ја ангажира директно во регионот Европската управа за спречување на перење пари и да помогне да се одвои од олигархиските мрежи. Кои, заради лични интереси го туркаат регионот во автократија и нестабилност.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично