ПОВЕЌЕ

    Секој втор возрасен пуши – цигарите и чадот ја „прославија“ Македонија во светот

    Време зa читање: 4 минути

    Додека новиот закон за заштита од пушењето сè уште е во собраниска процедура и се води дебата дали да има посебни соби за пушачи или строга забрана во затворените простории, податоците за пушењето во Македонија стануваат сè поалармантни. Секој втор возрасен граѓанин пуши, а тутунските или никотински производи најчесто се користат од лица на возраст од 50 до 64 години.

    Според меѓународното рангирање што неодамна го сподели World of Statistics, Македонија е на првото место во светот според уделот на пушачи на цигари кај населението на возраст од 15 години и повеќе. Стапката изнесува 39,5 %, со што земјава е пред Источен Тимор со 38,2 % и Либан со 37,2 %.

    Рангирањето се повикува на податоци објавени од World Population Review, засновани на проценките на Светската здравствена организација. Станува збор за возрасно стандардизирана стапка, што овозможува споредба меѓу земји со различна старосна структура.

    Но, најновото национално репрезентативно истражување на тинк-тенкот „Аналитика“ покажува уште поширока распространетост на употребата на тутун и никотин. Бројките се поразителни: 53,8 отсто од возрасните користат тутунски или никотински производи, а 50 отсто се активни пушачи на цигари. Накусо, секој втор возрасен пуши цигари, а повеќе од половината користат некаков тутунски или никотински производ. Највисока распространетост е регистрирана кај лицата на возраст од 50 до 64 години.

    Македонија не е единствената балканска земја во горниот дел од рангирањето на World of Statistics. На четвртото и петтото место се Бугарија и Србија со по 35,8 %, по нив следува Црна Гора со 33,6 %, а Хрватска со 32,2 %.

    И во поширокиот регион стапките остануваат високи. Во Босна и Херцеговина уделот изнесува 29,4 %, во Грција 27,4 %, а во Романија 25,5 %.

    Значително пониски стапки имаат Словенија со 19,6 % и Албанија со 17,8 %.

    Кај поголемите земји од Европската Унија, според истите податоци, стапката е 25,4 % во Шпанија, 21,8 % во Италија и 16,7 % во Германија.

    Од аспект на полот, во Македонија стапката на пушење е висока и кај мажите и кај жените. Во најновиот профил на СЗО, моделираната стапка на пушење кај населението над 15 години изнесува 43,6 проценти кај мажите и 35,5 проценти кај жените, од каде што и произлегуваат просечните 39,5 проценти. Кај секојдневното пушење стапките се 37,4 % кај мажите и 30,9 % кај жените. Накусо, пушењето кај нас е многу пораспространето отколку во добар дел од европските земји.

    Новото истражување на „Аналитика“ дополнително покажува дека проблемот не се сведува само на активното пушење. Дури 62 отсто од возрасните изјавиле дека биле изложени на чад од цигари во ресторани, а 64,7 отсто пријавиле употреба на загреани тутунски производи во такви средини.

    Истовремено, значителен дел од населението поддржува построги ограничувања. Забрана за пушење во автомобил во кој има деца поддржуваат 83,5 отсто од испитаниците, 63,1 отсто се за забрана на рекламирањето нови никотински производи, а 47,3 отсто поддржуваат проширување на ограничувањата и на затворените тераси.

    Токму високите стапки на пушење се еден од аргументите со кои Министерството за здравство го образложува новото законско решение. Предлог-законот предвидува забрана за пушење во затворени јавни и работни простории, при што ограничувањата би се однесувале и на електронските цигари и загреаните тутунски производи. Предвидени се ограничувања и на одредени отворени јавни простори, особено околу здравствени и образовни установи и на места наменети за деца.

    Сепак, на таа тема сѐ уште само се зборува, иако примената на новиот најавен закон требаше да стартува уште во март. На предвидените решенија реагираа тутунската индустрија и бизнисите засегнати од новините за ограничена употреба на тутунски и никотински производи, како и на маркетиншките активности.

    Постапката е забавена поради осум поднесени амандмани, меѓу кои е и предлогот во угостителски објекти, компании и институции да се овозможат посебни простории за пушење. Министерството за здравство се изјасни против таквото решение, оценувајќи дека пушачките соби би можеле да овозможат заобиколување на основната цел на законот.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично