ПОВЕЌЕ

    Разбирање на финансиската ликвидност

    Време зa читање: 6 минути

    Под ликвидност се подразбира колку лесно средствата може да се претворат во кеш пари. Средствата како што се акциите и обврзниците се многу ликвидни, бидејќи тие може да бидат конвертирани во кеш за неколку дена. На пример, вашата тековна сметка е ликвидна, но ако поседувате земја и треба да ја продадете, може да поминат неколку недели или месеци за да ја претворите во ликвидно средство (пари) и затоа се смета за помалку ликвидно средство.

    Финансиска ликвидност

    Кеш е најликвидното средство. Но, некои инвестиции се лесно менливи во кеш, како што се акциите и обврзниците. Со оглед на тоа што овие хартии од вредност се лесно менливи за кеш, често и тие се нарекуваат ликвидни средства.

    Инвестициските средства на кои им е потребно повеќе време да се конвертираат во кеш може да вклучуваат приоритетни акции или акции со забрана кои обично имаат договори во кои се укажува кога и како може да бидат продадени.

    Колекционерските пари, поштенските марки, уметничките слики и други колекционерски предмети се сметаат за помалку ликвидни ако инвеститорот сака да ја добие полната вредност на предметот. На пример, ако инвеститорот сака да му продаде на друг колекционер, тој може да добие полна цена ако е подготвен да чека да го најде вистинскиот купувач. Но, ако сака да го продаде веднаш на брокер или на трговец, тогаш ќе мора да го понуди предметот по многу пониска цена за да добие кеш.

    Земјиштето, недвижностите или зградите се сметаат за најмалку ликвидни средства затоа што се потребни недели или месеци за да се продадат.

    Пред инвестирањето во кое било средство важно е да се има предвид ликвидноста затоа што може да земе доста време или, пак, да биде комплицирано да се претвори во кеш. Се разбира, со цел да се обезбеди кеш, некои средства може да бидат дадени во залог и така да се обезбеди потребниот кеш. На пример, банките позајмуваат пари на бизнисите со тоа што ги зимаат нивните средства како колатерал за да се заштитат од загуба. Компанијата добива кеш, но мора да го врати во целост добиениот износ и плус камата.

    Пазарна ликвидност

    Пазарната ликвидност подразбира способност на пазарот да овозможи средствата да бидат купени и продадени лесно и брзо, како што се државниот пазар на хартии од вредност или пазарот на недвижности.

    Пазарот за хартии од вредност е ликвиден ако акционерите можат брзо да купат и продадат акции и истата трансакција има мало влијание врз цената на хартијата од вредност. Акциите со кои се тргува на големите берзи обично се сметаат за ликвидни.

    Ако има голем трговски обрт, цената која купувачот ја нуди по акција (понудена цена) и цената за која продавачот е согласен да ја продаде (бараната цена) треба да бидат блиску една до друга. Со други зборови, купувачот ќе нема потреба да плати повеќе за да купи и ќе биде во позиција полесно да ја продаде, односно да ја конвертира во кеш, да ја ликвидира. Кога разликата помеѓу бараната и понудената цена станува поголема, пазарот станува неликвиден. За неликвидни акции, разликата помеѓу овие две цени може да биде и неколку процентни поени од трговската вредност на акцијата.

    На глобалните пазари времето е, исто така, важно. Ако тргувате со акции и инвестиции по завршувањето на работното време, можно е да има многу помалку купувачи на пазарот. На пример, ако тргувате со валути, ликвидноста за еврото за време на азиското тргување е многу помала отколку за време на европското тргување и затоа разликата помеѓу бараната и понудената цена се зголемува сѐ до започнувањето на европското тргување.

    Ликвидноста и компаниите

    Ликвидноста на компаниите обично подразбира способност на компанијата да ги употреби своите тековни средства за да ги подмири своите краткорочни обврски. Ликвидноста на компанијата, исто така, се оценува според готовината која ја генерира над и под вредноста на своите обврски. Кешот кој останува за развој на компанијата и за исплата на акционерите преку дивиденда се нарекува готовински тек. Иако има многу повеќе што да се каже во врска со готовинските текови, важно е да се знае дека оперативниот кеш е особено важен за развојот на компанијата на краткорочен и на долгорочен период.

    Подолу се објаснети три заеднички показатели кои се користат за мерење на ликвидноста на компанијата, односно за тоа колку добро може компанијата да ги ликвидира своите средства за да ги подмири своите обврски.

    Тековниот показател (исто така познат како показател за работниот капитал) ја мери ликвидноста на компанијата и се пресметува преку делење на тековните средства и тековните обврски. Под терминот тековни се подразбираат краткорочните средства или обврски кои се консумираат (средства) или исплаќаат (обврски) за помалку од една година. Тековниот показател се користи за да се утврди способноста на компанијата да ги плати своите обврски (долгови и обврски) со своите средства (кеш, хартии од вредност, резерви и побарувања). Се разбира, во различни индустрии има различни стандарди, но идеално е кога компаниите имаат тековен показател над 1, што значи дека имаат повеќе тековни средства од тековни обврски. За да се утврди дали е тоа добро, препорачано е да се направи споредба со други компании во дејноста за да се види како компанијата се позиционира.

    Брзиот показател е идентичен со тековниот показател, со исклучок на резервите. Резервите се тргнати затоа што е најтешко тие да се конвертираат во кеш, во споредба со тековните средства како кеш, краткорочни инвестиции и побарувања. Со други зборови, резервите не се ликвидни како другите тековни средства. Вредноста над 1 се смета за добра вредност од ликвиден аспект, но сѐ зависи од индустријата.

    Показателот за оперативни готовински текови мери колку добро се покриени тековните обврски со готовински текови од оперативните активности на компанијата. Показателот за оперативни готовински текови ја мери краткорочната ликвидност на компанијата преку пресметување на тоа колку пати компанијата може да ги плати своите долгови со кеш генериран во истиот период. Индикаторот се пресметува преку делење на оперативниот готовински тек со тековните обврски. Колку што е повисок бројот толку подобро, бидејќи тоа покажува колку пати може компанијата да ги покрие тековните обврски. Висок коефициент значи финансиска стабилност, додека низок коефициент значи дека компанијата може да има ликвидни проблеми на краток рок.

    Заклучок

    Ликвидноста е важна на сите пазари, во сите компании и помеѓу луѓето. Иако некој може да има многу капитал, сепак може да биде комплицирано тој капитал да се претвори во кеш и тоа да доведе до проблеми со ликвидноста. За оние кои имаат кредити од банки или за индивидуи, неликвидноста може да значи принудна продажба на капиталот за да се подмират краткорочните обврски. Банките играат важна улога во овој дел со кредити за ликвидност, но за возврат бараат капитал.

    Ликвидноста на пазарот е многу важна за да можат инвеститорите да влезат во инвестиција и да излезат без проблеми и без доцнење.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично