ПОВЕЌЕ

    ПРОФИТ, ПРИХОДИ, КАМАТИ… И да се фалат од Комерцијална банка, имаат зошто

    Време зa читање: 3 минути

    Повторно на врвот. Комерцијална банка, се чини, ништо не може да ја запре. Залетот е фатен и ниедна препрека нема влијание врз евентуалното менување на правецот. Како и што можеше да се претпостави, и овој финансиски извештај е подобар од претходните.

    Всушност, и не треба многу да се кажува. Зборуваат бројките.

    За 13,4 проценти е зголемена добивката, за 26,5 проценти се повисоки вкупните приходи, за 26,8 проценти нараснале нето-приливите од камати…

    Почнуваме од крајот. Од резултатот кој е главниот показател за тоа како се одвивале работите: 1.179,1 милион денари или повеќе од 19,1 милион евра е добивката на Комерцијална банка. За споредба, лани ова време пишувавме за „рекордни“ 16,9 милиони евра. Велат, планираната бруто-добивка за првиот квартал од годинава е остварена со 111,4 проценти.

    Приходите се бројат во вкупен износ од 1.998,6 милиони денари, односно скоро 32,5 милиони евра. Нивната моторна сила, нето-приходите од камата се сигурна потпора со обезбедените 23,8 милиони евра. А, само приходите по основ на пресметана и наплатена камата имаат раст од 34 насто и изнесуваат над 27 милиони евра.

    За 25,6 проценти се поголеми и средствата нотирани како нето-приходи од провизии и надоместоци. Износот е речиси 5,5 милиони евра. Воедно, зголемени или на речиси исто ниво се и другите ставки кај приходната страна.

    А, кај расходната, станува збор за над 5,4 милиони евра и за раст од 12,1 насто. Тука се пресметани и трошоците поврзани со некогашното „Фени“.

    Единствено намалување, од 0,7 отсто, Комерцијална банка има кај вкупните депозити. Се наоѓаат на нивото од 142.028,5 милиони денари, односно 2,3 милијарди евра.

    Во кредити банката има пласирано повеќе од една милијарда евра, и во овој дел зголемувањето е за 4,3 проценти. Плус 65,4 милиони евра во кредитите и побарувањата од банките, кај кои е забележан раст од 35 проценти. Оттаму и големата разлика во резервациите на пласмани, од над 887 илјади евра минатата година, на сегашните 4,47 милиони евра.

    Сето ова за замо три месеци.

    Неспорно е дека сите овие бројки дополнително ќе ги мотивираат инвеститорите, кои постојано покажуваат особен интерес за акциите на најголемата и најуспешна македонска банка. Се работи за најтргуваната акција на Македонска берза, што се одразува и на нејзината вредност. За потсетување, во декември лани просечната цена беше 14.281,57 денари, 2023 ја заврши со просек од 12.509,55 денари, а на последнта дневна листа со датум 25 април е 17.960,06 денари. Освен тоа, акционерите на Комерцијална банка за успешната 2023 добија дивиденда од 910 денари за акција, што претставува 91 отсто од нејзината номинална вредност.

    И да се фалат од Комерцијална банка, имаат зошто.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично