ПОВЕЌЕ

    Помала добивка, поголема активност: Силк Роуд банка го зголеми кредитирањето

    Време зa читање: 3 минути

    Со вкупни приходи од 12,5 милиони евра и со нето-добивка од 2,8 милиони евра ја заокружила Силк Роуд банка деловната 2025 година. Остварениот финансиски резултат е за 15 отсто понизок во однос на претходната 2024 година.

    Во единечните финансиски податоци споделени преку Македонска берза е наведено дека нето-готовинскиот тек е негативен и изнесува 6,73 милиони евра, што означува поголеми парични одливи и веројатно произлегува од зголемената кредитна активност. Добивката по акција изнесува 14.570 денари, а предвидена е исплата на дивиденда од 5.119 денари за акција.

    Според годишниот извештај, вкупната актива на банката на крајот од ланскиот декември го достигнала нивото од 198,6 милиони евра, што е проследено со годишен раст од 12 насто.

    Во структурата на приходите клучни се каматите како најобилен извор на средства. Нето-приходите од камата изнесуваат близу 6,1 милион евра и бележат благо намалување од два отсто. Од наплатените провизии се обезбедени 1,2 милиони евра, при што во овој сегмент има пад од 18 отсто. Приливите од курсни разлики се зголемени за 27 насто, а останатите приходи се речиси непроменети.

    Вкупните оперативни приходи на Банката се 9,1 милион евра (+3 %), но истовремено оперативните расходи растат за 10 насто, а трошоците за вработени за девет насто. Поради тоа, оперативната добивка е намалена за пет отсто – на четири милиони евра.

    Силк Роуд банка има кредитно портфолио од 109,7 милиони евра, во чии рамки е постигнат годишен раст од 13 насто. Притоа, најголемиот дел од 75 милиони евра се кредитите одобрени на домаќинствата (+10 %), а корпоративниот сектор користи околу 34,7 милиони евра (+22 %).

    Освен тоа, се посочува дека учеството на нефункционалните кредити благо се зголемува на 2,65 проценти (од 2,36 % во 2024), при што вкупната вредност изнесува 2,86 милиони евра. Уделот на граѓаните е од над два милиони евра.

    Банката располага со депозитна база од 165,8 милиони евра, која на годишно ниво е зголемена за 10 насто. Со раст од 16 насто, средствата доверени од населението на крајот од годината дошле до 91,6 милиони евра. Нагорното движење е поумерено кај депозитите на претпријатијата (+2 %), а износот е 74,2 милиони евра.

    Проекциите за годинава, пак, предвидуваат раст на вкупните кредити за 17 насто и сума од 125,7 милиони евра, при што нето-приходите од камати треба да се повисоки за 12 насто. Воедно, се очекува депозитите да достигнат 170,8 милиони евра (+3 %). Во план е и за 10 насто подобар финансиски резултат, кој е зацртан на прагот од над 3 милиони евра.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично