ПОВЕЌЕ

    ПАРНО И ЧИСТ ВОЗДУХ: Со новата гасна централа мрежата во Скопје се проширува за 36.000 корисници

    Време зa читање: 3 минути

    Како земја што 30 отсто од своите енергетски потреби ги задоволува преку увоз, во Македонија се потребни сериозни вложувања во овој сектор со цел значително да се намали зависноста од флуктуациите на странските пазари. Во таа смисла, може да се очекува дека стратешките инвестиции во енергетиката значително би ја подобриле состојбата и со тоа би обезбедиле стабилно станбдување со струја за граѓаните и за стопанството.

    Дел овие проекти е и стратешката инвестиција на меѓународната компанија „Митилинеос“ во новата зона што е дел од Дирекцијата за Технолошко-индустриски развојни зони (ТИРЗ), „Енергија Скопје“. На дел од просторот на поранешна Железарница ќе се гради високоефиасна когенеративна постројка која што со природен гас ќе произведува електрична енергија, а секундарен продукт од тој процес ќе биде топлинската енергија. Како резултат на тоа, жителите на Скопје ќе добијат можност да го променат начинот на кој што сега ги загреваат домовите.

    – Потребата од топлинска енергија во Скопје во 2023 година беше 510 гигавати, а централата на „Митилинеос“ ќе произведува 275 гигавати. Имаме разлика која е израз на потребата за затоплување на домовите во Скопје. Со изградбата на оваа централа, таа потреба ќе биде задоволена, а со тоа ќе се обезбеди и топлинска енергија за дополнителни 36.000 домаќинства во главниот град – изјави вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во еден од своите медиумски настапи.

    Енергетската транзиција на Северна Македонија e стратешки приоритет од којшто најголема корист и придобивки ќе имаат граѓаните и економијата. Инвестициите, како оваа во когенеративната централа во новата зона „Енергија Скопје“, ќе придонесат и за намалување на загадувањето на воздухот во главниот град. Моментно, огромен број домаќинства користат огревно дрво за да ги затоплат домовите, а тоа има значаен придонес во обемот на ПМ-честички. Со новата централа граѓаните ќе можат да воведат нов начин на греење којшто е еколошки.

    Енергетиката не знае политика, познава само стратегија. Да заклучам: во овие две години имаме околу 600 мегавати инсталиран енергетски капацитет од обновливи извори, наспроти претходно околу 150 мегавати. Ние сме должни се да направиме граѓаните да имаат струја и парно и да направиме се за цените да бидат стабилни и сметките намалени – рече директорот на Агенцијата за енергетика Дарио Николовски во едно од своите разговори со медиумите.

    Системот на парно во Скопје сега има 58-59.000 потрошувачи. Покрај електрична енергија, новата централа ќе произведува и топлина која што ќе биде доволна за да се загреат над 36.000 домаќинства. Тоа значи дека во проширената топловодна мрежа ќе можат да се приклучат речиси 100.000 корисници.

    Се проценува дека оваа стратешка инвестиција ќе ги создаде сите потребни услови да се прошири топлификациската мрежа во Скопје и на граѓаните да им овозможи да не зависат од огревното дрво. Резултат од сето ова ќе биде значително подобрен квалитет на воздухот во главниот град.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично