ПОВЕЌЕ

    „ПАРИ“ ЕКСКЛУЗИВНО: Странски гиганти и домашни трговци прават најмногу пари

    Време зa читање: 5 минути

    Листата на десетте најголеми компании по приходи за 2025 година ја потврдува добро познатата структура на економијата – доминација на автомобилската индустрија и секторите што нудат основни производи за секојдневното живеење, како енергетиката, трговијата и фармацевтската индустрија.

    Анализата на Пари, во соработка со Бизнис Мрежа, покажува дека првите 10 компании во државава оствариле заеднички приход од 4,95 милијарди евра, а претходната година – 4,80 милијарди евра, што значи дека во 2025 година заедно ја наполниле касата за 150 милиони евра, или за 3 насто повеќе отколку во 2024 година.

    Сепак, не се зголемил приходот кај сите. Џонсон Мети и Окта забележале пад, но и понатаму, како и во 2024 година, ги заземаат првите две позиции на списокот на најголеми компании по приход. Фабриката ВДЛ Ван Хол, пак, е шампион по раст на приходот, кој се зголемил речиси двојно во споредба со 2024 година.

    НА ПРВИТЕ ПЕТ ПОЗИЦИИ СЕ ИСТИТЕ КОМПАНИИ КАКО И ВО 2024 ГОДИНА

    Доминацијата на Џонсон Мети и неопходноста од нафтени деривати, струја и храна, се причините што не ги поместија веќе етаблираните 5 компании од првите 5 места меѓу најголемите по приход.

    На првото место, веќе традиционално е британската Џонсон Мети, производител на катализатори за автомобилската индустрија, која и покрај падот на приходот од речиси 5 насто, со реализираните 1,8 милијарди евра, останува убедливо најголема компанија во земјава. Ако се земе предвид дека најприходните 100 компании во земјава имале заедничка добивка од 13,3 милијарди евра, бројката за Џонсон Мети открива нејзино учество од 13,5 насто!

    Веднаш зад Џонсон Мети се нафтените компании Окта и Макпетрол, чиј бизнис со горива и понатаму генерира огромни суми, иако во 2025 година приходот на Окта се намалил за 12,8 насто, а по периодот на ценовни турбуленции на енергенсите, кај Макпетрол имало раст на приходот од 0,6 насто. Минатогодишните приходи на Окта се 628,3 милиони евра, а на Макпетрол 508,8 милиони евра.

    На четврто место, како и во 2024 година, е ЕВН хоум. Оваа компанија е универзален снабдувач, односно преку неа со струја се снабдуваат домаќинствата и малите фирми што се на регулираниот пазар (со цена определена од Регулаторната комисија за енергетика). Друштвото имало раст на приходот од 3,7 насто и достигнало промет од 427,3 милиони евра.

    Петтото место и во 2025 година е резервирано за КАМ. Малку поради повисоки цени, малку и поради реалниот раст на прометот во трговијата (без инфлација), КАМ бележи годишно зголемување на прометот од речиси 11 насто и приход од 334,5 милиони евра.

    Извор: Бизнис Мрежа

    Во однос на 2024 година, од листата 10 најголеми по приход се истиснати Македонски телеком и Кромберг и Шуберт. Македонски телеком, иако има раст на приходот од 2,05 насто во однос на 2024 година (кога бил на 10. место) со реализираниот промет од 206,6 милиони евра во 2025 година се нашол на 12. место.

    Кромберг и Шуберт, пак, од 6. место во 2024 година паднал на 62. место во 2025 година. Приходот му се намалил од 114,1 на 71,7 милиони евра.

    Најголемата промена доаѓа од извозно ориентираната индустрија. ВДЛ Ван Хол Македонија, производител на автобуси, и Костал Македонија, дел од автомобилската индустрија, бележат драматичен раст на приходот, што ги прави најдинамични компании на листата. Тие ги пополниле испразнетите места во првата десетка. ВДЛ Ван Хол, компанија што во летото 2024 година доби нов газда, се искачи од 31. на 7. позиција, а Костал од 24. на 8. позиција.

    ПАРИ ЕКСКЛУЗИВНО: Кои 100 компании направија најголем приход?

    ВО СТРАНСКА СОПСТВЕНОСТ СЕ ШЕСТ ФИРМИ ОД ОВАА ЛИСТА

    Ако се погледне структурата на сопственост на десетте најголеми компании по приход, бројките се на страна на странските компании. Ги има шест, наспроти четири домашни компании.

    На страната на странските инвестиции се наоѓаат индустриските извозни гиганти и дел од енергетиката. Џонсон Мети е британска мултинационална компанија и најголем извозник во земјата, додека Костал Македонија е дел од германската групација Костал, а ВДЛ Ван Хол Македонија доаѓа од белгиската индустрија, како дел од ВДЛ груп. Во енергетиката, ЕВН Хоум и Електродистрибуција се под капата на австриската ЕВН групација. Окта, пак, е во сопственост на грчката компанија Хеленик енерџи.

    Од друга страна, домашниот капитал доминира во трговијата и во фармацијата, како и во трговијата на мало со нафтени деривати. Макпетрол е клучниот играч со своите бензиски пумпи во снабдувањето со горива. КАМ и Киппер Маркет се домашни трговски синџири што брзо растат, додека фармацевтската компанија Алкалоид е еден од најпознатите домашни брендови со силен извозен потенцијал.

    Следно од серијалот: Колкави плати даваат компаниите со најголеми приходи?

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично