ПОВЕЌЕ

    Од празни сметки до милионски приходи – двете лица на домашниот бизнис со канабис

    Време зa читање: 7 минути

     

    Влегува ли македонската индустрија за медицински канабис во фаза на забрзан раст? Од една страна, според канадската специјализирана платформа StratCan, Македонија во првиот квартал од 2026 година се позиционирала меѓу петте најголеми извори на медицински канабис за германскиот пазар, зад Канада, Португалија, Данска и Шпанија. Од друга страна, 15 компании со различна тежина како производители, минатата година го зголемиле вкупниот приход за повеќе од 114 насто.

    Конкретно, во увезените над 50 тони медицински канабис од страна на Германија, македонскиот извоз има удел од 2,2 тони само за три месеци. Тоа е и продолжение на трендот започнат претходните години – од околу 2,1 тон извезен во 2024 година, на 5,7 извезени тони во 2025 година.

    Освен тоа, финансиските резултати на одделни домашни производители покажуваат дека тие веќе се во сериозна експанзија, додека други и понатаму се борат со низок приход, со пад на продажбата или со ограничен пласман.

    ДВЕ КОМПАНИИ КРЕИРААТ НАД 80 НАСТО ОД ПРИХОДИТЕ

    Вкупниот приход на опфатените производители во анализата на Пари, во текот на минатата година достигнал 39,6 милиони евра. Според податоците од Бизнис Мрежа, една година порано канабисот им обезбедил приливи од 18,5 милиони евра.

    Повеќе од половината инкасирани средства се по заслуга на НЈСК Холдинг. Toa e компанијата од Ќојлија, Општина Петровец, која функционира во рамките на PHCANN International – прва со домашна лиценца за одгледување канабис за медицински цели; прва со европска лиценца; и прв македонски извозник на сув цвет од канабис. Ланскиот приход од 21,5 милиони евра е проследен со годишно зголемување од 92,14 насто. Притоа, треба да се има предвид дека производите на НЈСК Холдинг се достапни на пазарите во повеќе држави, меѓу кои Германија, Обединетото Кралство, Полска, Чешка, Украина, Австралија.

    На европските пазари стигнуваат и производите од Синцеритас. Компанијата остварила приход од 11,1 милион евра и годишен раст од 101,69 насто. И, само овие две компании заедно учествуваат со над 80 насто во вкупниот приход на анализираните фирми.

    Уште две компании имаат милионски приливи. Станува збор за Охрид органицс со регистрирани 3,5 милиони евра, зад кои стои еден од највисоките нагорни движења – од 924,97 насто. И покрај овие постигнувања, охридскиот производител има финансиски проблеми кои резултирале со блокада на банкарската сметка.

    Значителен пробив прави и Њу гарден фарма, чијшто приход направил скок од над 2.243 насто – од 121,3 илјади на 2,8 милиони евра. Оваа скопска фирма е меѓу малубројните со EU-GMP-сертификат за медицински канабис, што ѝ овозможува да врши целосна преработка на GACP суровина во фармацевтски производи, вклучително и екстракти и активни супстанции.

    Извор: Бизнис Мрежа

    НИСКА СТАРТНА ПОЗИЦИЈА – ЕКСПЛОЗИВЕН РАСТ ОД 16.262 %

    Сепак, според процентуалниот раст од над 16.262 насто, нема конкуренција за Цаноби. Но, од ниска стартна позиција. Или, од само 615 евра пријавен приход во 2024 година на 100,7 илјади евра лани. Се работи за микрооператор што функционира со еден вработен.

    Слична е состојбата кај дел од помалите производители, каде што високите стапки на раст се резултат на ниската појдовна основа. Така, Мар медика од Куманово го зголемила приходот за 204,75 насто, Аура фарм од Кавадарци за 249,11 насто, а Канабис-ПРО од Струмица за 92,97 насто. И сите остануваат под приходниот праг од 100 илјади евра.

    Дури, има и фирми со особено ниски прикажани приходи: кумановскиот Канабиноид – 1,5 илјади евра (– 99,07 %) и валандовската Фарма медика канабис, каде што фигурира сума од 61 евро! И тој резултат е за 8,92 насто подобар од претходниот со 56 евра.

    ПАД НА ПРИХОДИТЕ ОД 1 ДО 99 %

    Од друга страна, шест компании од овој сектор се соочиле со намалени ефекти од повлечените деловни потези. Само Оаза алкалоиди од Карбинци минала со мала „гребнатинка“ од 1,5 насто. Кај останатите се регистрирани значителни падови.

    Драстичен пример е веќе споменатиот Канабиноид со минусот од 99,07 насто. Следи Пјурели плант од скопски Петровец, чиј приход се намалил за 93,94 насто. Приходот на Ендо кана од Старо Нагоричане го следи пад од 77,71 насто, а на Флауер пауер од Вевчани – 70,78 насто. Нешто помала е негативата на Хапа фарм од речиси 60 насто.

    СЕКТОРОТ ИМА ПОТРЕБА ОД РАБОТНА СИЛА

    Паралелно со приходите се зголемува и бројот на вработените во овој производствен сегмент. Во 2025 година посочените компании (нема податок за Фарма медика канабис) вработувале 568 лица, што е за 16,6 насто повеќе во однос на претходната година.

    Најголемиот работодавач бил и е НЈСК Холдинг, каде што лани плата заработувале 171 лице. На втората и на третата позиција се Синцеритас (93 вработени) и Пјурели плант. Оваа фирма, и покрај големиот пад на приходот, го зголемила бројот на вработените од 52 на 87 лица (+ 67,31 %).

    И вевчанскиот Флауер пауер исто така речиси го удвоил тимот – од 24 на 43 вработени, без оглед што бележи значителен пад на приходната страна.

    Најголем раст на бројната состојба, од 81,82 насто, има кај Мар медика, додека Њу гарден фарма го зголемила бројот на работници за 72,22 насто.

    Наспроти тоа, Хапа фарм речиси го преполовила тимот, а Канабис – ПРО од 2 во 2024 година, лани останал без пријавени работници.

    Извор: Бизнис Мрежа

    ПЛАТИ ОД 18.000 ДО 84.000 ДЕНАРИ

    Податоците за платите во одгледувањето и производството на медицински канабис даваат слика на големи разлики меѓу компаниите, со јасен јаз меѓу водечките производители и помалите оператори. Впрочем, исто како и во другите сегменти.

    Највисоката просечна нето-плата се исплаќа во НЈСК Холдинг, каде што ланската била во износ од 84.630 денари. Во споредба со претходната година, зголемена е за 33,86 насто.

    На високо ниво се и примањата во Флауер пауер од Вевчани – 73.963 денари, како и во Њу гарден фарма од Скопје – 70.101 денар, иако овде се бележи пад од 8,69 насто. Над 61 илјада денари е просекот во скопската компанија Хапа фарм, а платите пораснале за 56,15 насто.

    Средишниот дел од оваа табела го сочинуваат компаниите со плати од 40 илјади до 55 илјади денари: Ендо кана, Охрид органикс, Синцеритас и Пјурели плант. Притоа, тука има и подеми и падови. Најголемиот пад е регистриран во Охрид органикс (– 12,10 %) и во Мар медика (– 19,30 %).

    Рангирањето продолжува со помалите компании и нивните плати: Цаноби со просечните 24.549 денари и Аура фарм со 18.563 денари. И кај нив има одреден раст во однос на претходната година.

    Извор: Бизнис Мрежа

    На компаниите овој бизнис им е овозможен од 2016 година, со примарна цел привлекување странски инвестиции и развој на извозно ориентирана индустрија. Почнувајќи од 2017 година лиценци за работа добија 61 компанија. Но, по откриените големи количини марихуана нелегално внесени во Србија и по засилените полициски акции, петнаесетина фирми останаа без дозволите за работа.

    Сепак, и покрај скандалите, Македонија се пробива на странските пазари. Дел од домашните производители веќе поседуваат EU-GMP-сертификати – неопходен услов за извоз во Европската Унија.

    Маја Анастасова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

     

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично