ПОВЕЌЕ

    Постои наука за стекнување богатство!

    Време зa читање: 6 минути

    Постои наука за стекнување богатство и тaа е егзактна наука, како алгебрата или аритметиката. Постојат одредени закони што управуваат со процесот на стекнување богатство – штом човек ги научи и почитува овие закони, тој ќе се збогати со математичка сигурност.

    Поседувањето пари и имот доаѓа како резултат на дејствувањето на одреден начин. Оние кои дејствуваат на овој одреден начин, без разлика дали намерно или случајно, се збогатуваат; додека оние што не дејствуваат на овој одреден начин остануваат сиромашни, без оглед колку напорно работат или колку се способни.

    Природен закон е сличните причини секогаш да дадат слични последици. Затоа, секој маж или жена што ќе научи да дејствува на овој одреден начин несомнено ќе се збогати.

    Вистинитоста на горенаведената изјава ја покажуваат следниве факти:

    Збогатувањето не зависи од средината, бидејќи да зависеше сите луѓе во одредени населби би станале богати; сите луѓе од еден град би биле богати, додека оние од другите градови би биле сиромашни; или пак, жителите на една држава би се тркалале во богатство, додека оние на соседната држава би живееле во сиромаштија.

    Но, насекаде, гледаме како богати и сиромашни живеат рамо до рамо, во истата средина, честопати работејќи и во исти струки. Кога од двајца луѓе на иста локација работат иста работа и едниот се збогатува додека другиот останува сиромашен, тоа покажува дека збогатувањето не е примарно зависно од средината. Некои опкружувања може да бидат поповолни од некои други, но кога двајцата работат иста работа, во истото соседство и едниот се збогатува додека другиот не успева, тоа укажува дека збогатувањето е резултат на дејствување на одреден начин.

    Понатаму, способноста за дејствување на овој одреден начин не се должи само на имање дарба, бидејќи многу луѓе со голема дарба остануваат сиромашни, додека други кои имаат многу малку талент се збогатуваат.

    Проучувајќи ги луѓето кои се збогатиле, откриваме дека се просечни во секој поглед, дека немаат поголеми таленти и способности од другите луѓе. Очигледно е дека тие не се збогатуваат затоа што имаат таленти и способности што другите луѓе ги немаат, туку затоа што дејствуваат на одреден начин.

    Богатењето не е резултат на тргање пари на страна или „штедливост“; многу „стиснати“ луѓе се сиромашни, додека „расипниците“ честопати се збогатуваат.

    Богатењето не се должи ни на правење нешта што другите не успеваат да ги направат. Двајца луѓе во ист бизнис честопати прават речиси потполно исти работи, а едниот се збогатува додека другиот останува сиромашен или банкротира.

    Од сето ова што го наведовме не може а да не заклучиме дека богатењето е резултат на дејствување на специфичен, одреден начин.

    Ако богатењето е резултат на дејствување на одреден начин и ако слични причини секогаш произведуваат слични последици, тогаш секој маж или жена што може да дејствува на тој начин може да се збогати и работата се сведува во доменот на егзактната наука.

    Тука се поставува прашањето дали можеби овој специфичен начин на дејстувување е толку тежок што само мал број луѓе можат да го следат. Како што веќе видовме, ова не може да е вистина кога станува збор за природната способност. И талентираните и глупавите луѓе се збогатуваат; и интелектуално брилијантните и многу глупавите луѓе се збогатуваат; и физички силните и слабите и болните луѓе се збогатуваат.

    Секако, неопходен е одреден степен на способност за размислување и разбирање; но кога станува збор за природна способност, секој маж или жена што ги чита и ги разбира овие зборови со сигирност може да се збогати.

    Исто така, увидовме дека не е во прашање средината. Локацијата секако е важна – никој не би отишол во срцето на Сахара со очекување за успешен бизнис.

    Богатењето подразбира неопходност од работење со луѓе и потребно е да се биде онаму каде има луѓе со кои треба да се работи, а доколку овие луѓе се склони да работат на начинот на кој вие сакате да се справите, уште подобро. Но, тоа е сѐ кога станува збор за средината.

    Ако кој било друг во вашиот град може да се збогати, можете и вие; и ако кој било

    во вашата држава може да се збогати, можете и вие.

    Повторно ќе напоменам дека не се работи за избор на одреден бизнис или

    професија. Луѓе се збогатуваат во секој бизнис и во секоја професија, додека нивните соседи со иста вокација остануваат сиромашни.

    Точно е дека најдобро би напредувале во работа која ви се допаѓа и за која имате вродени склоности, па доколку имате одредени добро развиени таленти најдобро би успеале во бизнис во кој би ги користеле тие таленти.

    Исто така, најдобро би успеале во работа што одговара на вашата местоположба: продавница за сладолед би работела подобро во топла клима отколку во Гренланд, а бизнис со лосос би бил поуспешен во северозападна Америка отколку во Флорида каде нема лосос.

    Но настрана од овие општи ограничувања, збогатувањето не зависи од вашето ангажирање во одредена деловна активност, туку од тоа да научите да дејствувате на одреден начин. Ако во моментов се бавите со конкретен бизнис и некој друг во вашата околина се збогатува со истиот бизнис, додека вие не се збогатувате, тоа е затоа што не дејствувате на истиот начин на кој дејствува другата личност.

    Никој не е спречен на патот до богатството поради недостаток од капитал. Точно е дека со стекнувањето на капитал неговото зголемување станува полесно и побрзо, но оној кој има

    капитал веќе е богат и нема потреба да размислува како да стане богат. Без разлика колку сте сиромашни, доколку започнете да дејствувате на специфичен, одреден начин ќе започнете процесот на станување богат – тоа е дел од резултатот што неизбежно следи кога дејствувате на одреден начин.

    Можеби сте најсиромашниот човек на континентот и со големи долгови; можеби немате ниту пријатели, ниту влијание, ниту ресурси; но, ако почнете да дејствувате на овој начин, несомнено мора да почнете да се збогатувате, бидејќи сличните причини мора да дадат слични ефекти. Ако немате капитал, можете да стекнете капитал; ако сте во погрешен бизнис, можете да започнете добар бизнис; ако сте на погрешна локација, можете да одите на место погодно за вашиот бизнис – и можете да го сторите тоа почнувајќи со вашата сегашна работа и на вашата моментална локација дејствувајќи на конкретен начин што води кон успех.

    Книготека Икона е основана во 2001 година. Во моментов со книжарници на улица Максим Горки бр.17, ул. Македонија бр. 29 и Рамстор.

    Икона е увозник и дистрибутер на: КНИГИ НА АНГЛИСКИ ЈАЗИК Соработува со водечки издавачки куќи во Велика Британија, Германија и САД (Penguin/Random House, DK, Harper Collins, Orion Group, Usborne, Egmont, H.F. Ullmann) ИГРАЧКИ Schleich – Германија; PlayMais – Германија ПРОИЗВОДИ ОД ХАРТИЈА, КАНЦЕЛАРИСКИ ПРОБОР и ПОДАРОЦИ Brunnen & Heyda – Германија, Stewo – Швајцарија, Paperblanks – Ирска, Fridolin – Германија.

    Следете ја Икона на:
    facebook.com/ikonabookstorе
    instagram.com/knigotekaikona

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично