Просечно исплатената пензија во август изнесува 28.050 денари, објави Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.
Со септемвриското усогласување, според досегашните изјави, пензиите ќе се зголемат за 3 проценти. Со тоа просечнaта пензија ќе достигне до 28.891 денар, или 841 денар повеќе отколку во август.
Податоците од Фондот за пензиско и инвалидско осигурување откриваат и дека просечната старосна пензија во август изнесувала 26.609 денари, а вкупниот просек на сите пензии го качуваат воените пензии, чиј просек изнесува 36.317 денари, а го уриваат семејните пензии со просек од 23.410 денари, инвалидските пензии со просек од 25.580 денари и земјоделските пензии од eдвај просечни 17.891 денар!

САМО ЕДЕН ПРОЦЕНТ СО ПЕНЗИИ НАД 1.000 ЕВРА
Податоците од Фондот за ПИОМ откриваат и дека 44,7 отсто од сите корисници на пензии земаат помала пензија од 23.945 денари. Повеќе од две третини од сите пензионери, или 68,4 отсто, имаат пензија до 30.000 денари.
Еден добар дел од пензионерите, или 25,5 отсто, примаат пензија од 30.001 до 46.899 денари.
Од 46.890 до 64.517 денари пензија имаат 17.577 корисници на пензии, или 5,03 отсто од сите корисници.
Има среќници и со пензија од над 1.000 евра. Се работи за 3.559 лица, или за 1,02 отсто од сите корисници, чиишто пензиски примања се со износи од над 64.518 денари. Меѓу нив се и 8 корисници со највисоки пензии од 94.332 денари.

НАЈНИСКИТЕ ПЕНЗИИ СЕ 20.288 ДЕНАРИ
Нема една најниска пензија која важи за сите, туку тоа зависи од периодот на пензионирање, како и од стажот.
Зависно од стажот, има три групи на пензионери со најниски пензии. Така се движат во интервал од 20.288 до 23.945 денари. Првите се пензионери од третата група корисници со најниски пензии, кои го оствариле правото од 1 јануари 1997 година. Оние со највисоки меѓу најниските пензии се пензионерите од првата група со остварено право до 31.12.1996 година.
Според актуелната регулатива, најнискиот износ на старосната пензија не може да изнесува помалку од одреден процент од утврдената просечна плата на сите вработени во Република Македонија во 2002 година.
Во првата група се корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 35 години (мажи), односно над 30 години (жени), а основицата за тие пензии е 41 отсто од просечната плата во 2002 година.
Во втората група се корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж над 25 години (мажи), односно над 20 години (жени), во висина од 38 отсто од просечната плата во 2002 година.
Во третата група се корисниците кои пензијата ја оствариле со пензиски стаж до 25 години (мажи), односно до 20 години (жени), во висина од 35 отсто од просечната плата во 2002 година.
Но, најниската пензија не е прост процент од тој просек. Се зема предвид платата од 2002 година, потоа таа се усогласува со процентот со кој се усогласуваат другите пензии. Така, во новите најниски износи се вкалкулирани и оние 7.000 денари од линеарните зголемувања и дополнително редовните законски усогласувања.
Вкупниот број на сите што примаат минимални пензии е 98.318, или 28 отсто од сите корисници на пензии.

Редакција Пари
Аналитика








