ПОВЕЌЕ

    МАПАС: Лицата со бенефициран стаж да се определат – или задолжителен пензиски фонд или ПИОМ

    Време зa читање: 4 минути

    Праксата покажува дека во вакви случаи изборот е ПИОМ, лани од околу 800 членови, само дваесеттина доставиле изјава за продолжување на членството во вториот столб

    До 20 јули годинава, лицата со бенефициран стаж кој обезбедува намалување на старосната граница за пензионирање, треба да се изјаснат дали ќе го продолжат членството во задолжителниот пензиски фонд. Известувањето за ова е испратено од Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување – МАПАС, а се заснива на членот 118 став 3 од Законот за пензиското и инвалидското осигурување.

    Од лицата се бара да достават писмена изјава за продолжување на членство. Во спротивно, по предвидениот датум ќе престане членството во задолжителниот пензиски фонд. Потоа, како што информираат од МАПАС, пензиското друштво ќе го префрли вкупниот износ на средствата од индивидуалните сметките на тие членови во Фондот на пензиското и инвалидското осигурување –  ПИОМ. Со други зборови, сите тие кои нема да дадат изјава, ќе бидат осигуреници само во тековно финансираното пензиско осигурување засновано на генерациска солидарност. Или, правото на пензија ќе го остварат преку Фондот на ПИОМ.

    Законот, поточно споменатиот член предвидува: „определени категории осигуреници под посебни услови кои се вклучиле во вториот пензиски столб, можат по сопствен избор да остварат право на пензија од прв столб согласно со членот 34 од овој Закон и право на пензија од втор столб согласно со Законот за задолжително капитално финансирано пензиско осигурување или единствено право на пензија од прв столб согласно со закон, при што вкупниот износ на средства од нивната индивидуална сметка се пренесува во Фондот за исплата на старосна пензија“.

    „Пари“ побара одговор од МАПАС – зошто е потребно лицата да се изјаснуваат, кога веќе припаѓаат на вториот пензиски столб?

    Согласно претходниот Закон за пензиското и инвалидското осигурување беше предвидено лицата штом ќе се стекнат со бенифициран стаж да се бришат од вториот столб како недозволена категорија. Сегашниот Закон на овие лица им овозможи да дадат изјава за продолжување на членството во вториот столб по наполнување на најмалку една година намалување на старосната граница за пензионирање. Причината за ова е бидејќи лицата кои работат со бенифициран стаж имаат многу помалку време за акумилирање на средства во вториот столб и одат порано во пензија. Со изјавата на лицата со бенифициран стаж им се дава право самите да одлучат дали ќе останат во вториот столб, бидејќи самите знаат дали целиот работен веќ ќе го поминат со бенифициран стаж“.

    Што се однесува до бројот на лица кои треба да дадат изјава, од МАПАС посочуваат дека од Фондот на ПИОСМ еднаш годишно до Агенцијата доставува такви податоци. За оваа 2023 се работи за околу илјада лица.

    Според досегашната практика, повеќето лица во вакви случаи се определуваат за ПИОМ.

    Поголемиот број од членовите се одлучуваат да не достават изјава за продолжување на членството во вториот столб и со тоа се согласуваат да преминат во Фондот на ПИОСМ. Во 2022 година од страна на ПИОСМ беа доставени околу 800 членови, а околу 20 членови дадоа изјава за продолжување на членство во втор столб“, посочуваат од МАПАС.

    Податоците, пак, од веб-страницата на МАПАС, со датум од 23 април покажува дека бројот на членови во задолжителните пензиски фондови е 577.749, а прибраните нето-средства, со последено ажурирање на 19 месецов, се во вредност од 120,69 милијарди денари, или речиси две милијарди евра.

    Со задолжителните пензиски фондови управуваат КБ Прво пензиско друштво АД Скопје, Сава пензиско друштво АД. Скопје и Триглав пензиско друштво АД Скопје. И, секој вработен има право на личен избор со кое од нив ќе склучи договор за членство.

    13,495Следи нè на facebookЛајк

    слично