Иако Европа и во следните години ја очекува забавен економски раст поради високите долгови, стареењето на населението, слабата продуктивност и геополитичките ризици, дел од помалите економии се издвојуваат со значително подобри перспективи.
Според анализата на „Еуроњуз“, базирана на проекциите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), неколку земји од Источна Европа, Западен Балкан и Медитеранот се очекува да растат со повеќе од двојно побрзо темпо од еврозоната.
„ММФ очекува еврозоната да расте за нешто повеќе од 1% годишно до 2031 година“, наведува „Еуроњуз“, посочувајќи дека токму помалите европски економии ќе бидат меѓу најбрзорастечките во следниот период.
Еврозоната во периодот од 2027 до 2031 година се очекува да има просечен годишен раст од 1,2%, додека Европската унија од 1,4%. Наспроти тоа, земји како Малта, Косово, Украина, Србија и Молдавија се прогнозира да бележат значително повисоки стапки на раст.
Во оваа регионална слика е и Македонија, која, како и останатите економии од Западен Балкан, потенцијалот за забрзан раст го гледа преку европската интеграција, инфраструктурните инвестиции, странскиот капитал и јакнењето на извозните капацитети. Според проекциите за периодот од 2027 до 2031 година, македонската економија би требало да бележи просечен годишен раст од 3 проценти.
„Група многу помали европски нации, од Медитеранот до Западен Балкан и Источна Европа, се очекува да растат со повеќе од двојно побрзо темпо од еврозоната во следните пет години“, пишува „Еуроњуз“.
Петте најбрзорастечки европски економии – На врвот на листата на ММФ е Малта, за која се очекува просечен годишен раст од близу 4% во следните пет години. Растот досега го поттикнуваа туризмот, онлајн-играњето и финансиските услуги, но ММФ предупредува дека идниот развој ќе зависи повеќе од продуктивноста отколку од зголемувањето на работната сила.
Косово се очекува да остане меѓу најбрзорастечките економии во Европа со раст кој се приближува кон 4%, поддржан од домашната потрошувачка, јавните инвестиции и приливите од дијаспората. „Навремената имплементација на Новиот план за раст на ЕУ може дополнително да го поттикне растот и вработувањето“, оценува ММФ.
За Украина, ММФ прогнозира просечен раст од 3,8%, но под услов да започне процесот на реконструкција по завршувањето на војната. Проценките за обновата на земјата се околу 600 милијарди долари.
Србија, со очекуван просечен раст од 3,52%, ќе биде поддржана од големите инфраструктурни инвестиции поврзани со Експо 2027, како и од производството и извозот.
Молдавија, пак, се очекува да расте со просек од 3,5% годишно, благодарение на реформите, европското финансирање и растот на домашната побарувачка.
ММФ оценува дека европскиот раст во следниот период ќе биде концентриран кај економиите кои успешно ќе ги искористат инвестициите, реформите и европската поддршка.
Аналитика








