
Македонија сака посериозно да го стави сопствениот минерален потенцијал во функција на економскиот развој, а првиот чекор е подобро да знае со што располага. Каталог на минерални суровини, мапа на геолошките истражувања, развој на нови лабораториски и истражувачки капацитети, како и поголем фокус врз критичните минерали и македонскиот рубин, се дел од темите што треба да ја продлабочат соработката меѓу државата и академската заедница.
За овие прашања министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска разговараше со раководството и професорите од Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, предводени од ректорот проф. д-р Дејан Мираковски.
Целта, според Министерството, е науката да добие многу подиректна улога во креирањето на политиките во енергетиката, рударството и управувањето со минералните ресурси, а универзитетските истражувачки капацитети да бидат ставени во функција на државните и економските развојни приоритети.
Една од најконкретните иницијативи е изработката на сеопфатна мапа на геолошките истражувања во земјава и започнување процес за подготовка на Каталог на минерални суровини на Македонија. Идејата е на едно место систематски да се евидентира минералниот потенцијал, да се подобрат условите за негово истражување и да се создаде основа за негова подобра економска валоризација и промоција.
„Македонија има минерален потенцијал кој мора да го познаваме, научно да го истражиме и одговорно да го ставиме во функција на економскиот развој. Не можеме да зборуваме за современо рударство без наука, технологија и силни институции. Затоа го поврзуваме Министерството со универзитетите и создаваме услови знаењето да стане двигател на развојот“, истакна Божиновска.
Од УГД, пак, посочуваат дека Универзитетот располага со сериозни научни и лабораториски капацитети кои можат да бидат искористени за потребите на државата, но и за развојот на индустријата.
Ректорот Дејан Мираковски нагласи дека УГД има еден од најдобрите лабораториски центри во регионот во оваа област и значајно научно искуство, кое може директно да придонесе во процесите на енергетска транзиција, управување со ресурсите и справување со климатските промени.
„Науката мора активно да учествува во сите промени, енергетската транзиција и справувањето со климатските промени. Со брзи, ефикасни и прецизни решенија, со поддршка од државните институции и индустријата, можеме да го подобриме квалитетот на животот и поефикасно да ги искористиме ресурсите со кои располагаме“, изјави Мираковски.
Дел од идната соработка треба да биде насочен и кон заедничко учество во европските фондови. Министерството и Универзитетот разгледуваат можности за подготовка и аплицирање со проекти поврзани со научноистражувачка работа, развој на нови технологии, заштита на животната средина, зелена транзиција, одржливо користење на природните ресурси и зајакнување на домашните истражувачки капацитети.
Меѓу темите што добиваат посебно место е и македонскиот рубин. Се разгледува можноста УГД да се вклучи во неговото истражување, заштита и промоција, со идеја ова минерално богатство да не се третира само како геонаследство, туку и како дел од пошироката научна, културна и економска промоција на земјата.
Особено внимание било посветено и на ретките земји и критичните минерални суровини, чија важност во последните години нагло расте поради нивната употреба во енергетиката, електрониката, батериите, обновливите извори и новите индустриски технологии.
Во таа насока се разгледува подготовка на посебна програма за истражување и развој, како и спроведување на мерките предвидени со Акцискиот план од Стратегијата за развој на енергетика, рударство и минерални суровини 2026–2046.
„Критичните минерали се иднината на современата индустрија, енергетиката и зелената транзиција. Ако сакаме Македонија да биде дел од новите европски синџири на вредност, мора да инвестираме во истражувања, лаборатории, кадар и технологии. Ова е долгорочна инвестиција во економската и ресурсната сигурност на државата“, нагласи Божиновска.
Соработката меѓу Министерството и УГД треба да се прошири и во делот на енергетиката. На средбата биле разгледани можности за развој на фотоволтаични системи во земјоделството, со што истовремено би се произведувала чиста енергија и поефикасно би се користеле земјоделските ресурси.
Во фокусот се и кадрите што ќе бидат потребни за новата енергетика. Развојот на обновливите извори, системите за складирање енергија, агроволтаиците и другите одржливи технологии отвора нови работни и инвестициски можности, но истовремено создава и потреба од нов профил на стручен кадар.
Токму затоа, соговорниците оцениле дека е потребно поблиско поврзување меѓу универзитетите, институциите и приватниот сектор, преку современи студиски програми, повеќе практична настава и поголемо вклучување на студентите во конкретни истражувачки и индустриски проекти.
Пораката од средбата во Штип е дека природните ресурси сами по себе не се доволни за економски развој. За нивната вредност да се претвори во инвестиции, технологија, нови работни места и поголема додадена вредност, потребни се наука, институционален капацитет и долгорочна стратегија.
Министерството за енергетика, рударство и минерални суровини и Универзитетот „Гоце Делчев“ најавија дека ќе продолжат со координација на конкретните активности, со фокус на повеќе истражувања, модерно и одржливо рударство и подобро користење на минералниот и енергетскиот потенцијал на Македонија.
Аналитика








