Нови згради со 1.248 станови ќе се изградат низ земјава, со најголем дел од вкупно 367-те дозволи издадени во текот на јули. Најбројни ќе бидат станбените единици со адреса во главниот град и неговата околина.
Во седмиот месец од годинава, според Државниот завод за статистика, забележан е намален интерес кај поднесените барања. Издадени се за 8,5 отсто помалку одобренија за градење во однос на ланскиот јули. Нивната вредност, пак, на годишно ниво е пониска за 74,8 отсто.
„Намалената вредност се должи на фактот дека во референтниот период минатата година е издадено одобрение за градба за ветерен парк (за производство на електрична енергија од обновливи извори) во општините Штип, Радовиш и Карбинци“, појаснуваат од ДЗС.
За објекти од високоградбата се издадени 227 или 61,9 отсто од вкупниот број. Потоа, 39 дозволи (10,6 %) се за објекти од нискоградба и 101 (27,5 %) се наменети за реконструкција. Притоа, кај повеќе од половината од предвидените објекти – 209 (56,9 %) како инвеститори се јавуваат физички лица. Деловни субјекти ќе бидат инвеститори на 158, односно на 43,1 отсто од градбите.
Во извештајниот период, посочуваат од Статистика, предвидена изградба е изградба на 1.248 станови со вкупна корисна површина од 100.440 квадратни метри.
Најбројни – 109, се дозволите издадени за градење во Скопскиот Регион. На тој простор ќе никнат и згради со 752 станови, кои ќе опфаќаат корисна површина од 50.703 квадрати.
За Југозападниот Регион се дадени 55 одобренија; за Полошкиот 50; за Вардарскиот 43; за Источниот 42; за Пелагонискиот 33; за Југоисточниот 30; и за Североисточниот Регион 5 градежни дозволи.
Аналитика








