Компанијата ВИК го проширува производствениот капацитет во Прилеп, а кога инвестицијата ќе го достигне својот целосен обем се очекуваат уште 300 нови вработувања. Новиот погон денеска беше пуштен во употреба, а премиерот Христијан Мицкоски го посочи како една од инвестициите кои треба да придонесат за раст на локалната и на македонската економија.
Компанијата во Прилеп работи од 2018 година, а новото проширување, според Мицкоски, е особено значајно затоа што е поврзано со циркуларната економија и со рециклирање и повторна употреба на веќе искористени производи и материјали.
„Ние како Влада застанавме во насока на поддршка на оваа инвестиција и ќе продолжиме целосно да го преземаме институционалниот, би рекол, ризик или сето она коешто институциите треба да го подготват за инвеститорите, без разлика дали се тоа странски или домашни, во случајот станува збор за странски инвеститор“, рече Мицкоски.

Според него, ваквиот тип инвестиции добива дополнително значење бидејќи циркуларната економија сè повеќе станува дел од економските политики во ЕУ.
„Посебно кога имаме ваков тип на инвестиција која има фокус на циркуларната економија, односно економија што е многу важна сега во Европа, економија што има за цел сето она коешто е старо и искористено да го рециклира и практично, да го обнови. Тоа е она што претставува додадена вредност и тоа е она што претставува сега тренд во рамките на економијата на самата Европска Унија“, истакна премиерот.
Мицкоски ја нагласи и важноста на соработката меѓу инвеститорите, локалната самоуправа и образовните институции, особено во обезбедувањето кадар за новите производствени капацитети.
Отворањето на новиот погон во Прилеп премиерот го поврза и со пошироката владина политика за привлекување капитал. Одговарајќи на новинарско прашање, тој изјави дека во периодот од околу две години од изборот на актуелната Влада, вкупното ниво на странски инвестиции изнесува приближно 1,4 милијарди евра.
„Видете, она што можам да го кажам е дека, ако се прави анализа, да речеме во последните две години, односно во овие 24-5 месеца откако оваа Влада е избрана, вкупното ниво на странски инвестиции е некаде околу милијарда и четиристотини милиони евра, отприлика округло“, рече Мицкоски.
Тој направи споредба и со првите две години од мандатот на претходната Влада, за кои наведе износ од околу 750 милиони евра странски инвестиции.
„Ако ги споредиме овие две години со првите две години тогаш кога немаше кризи, тогаш ќе стане збор за споредба помеѓу, отприлика една милијарда и четиристотини оваа Влада и околу седумстотини и педесет милиони коишто ги имаше претходната Влада. Бројките се јасни, разликата е огромна“, рече тој.вик
Аналитика








