Повеќе од една деценија Скопјани ја гледаат Универзалната сала затворена, оградена, расклопена, повторно градена, па опожарена. Во 2026 година, по години во кои околу неа се менуваа градоначалници, министри, проекти и рокови, државата повторно уверува дека овојпат реконструкцијата навистина ќе биде завршена.
„Универзална сала е дел од душата на Скопје. Симбол на солидарноста што го подигна нашиот град и дом на спомени што ги поврзуваат генерациите. Во неа растеа таленти, одекнуваа аплаузи и се испишуваа едни од најубавите страници на скопската културна приказна“, напиша денес на својот Фејсбук-профил скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски, по средбата со министерот за култура, Седат Сулејмани и обиколката на градилиштето на Универзалната сала. „Заедно извршивме и увид во градежните активности на Универзална сала, која по завршувањето на реконструкцијата треба да му биде предадена на управување на Град Скопје и повторно да ги отвори вратите за уметниците и публиката“, вели Ѓорѓиевски, уверувајќи дека заедничка цел им е да ѝ се сјајот на Универзална и значењето што ги заслужува.
Сепак, скопскиот градоначалник не беше конкретен околу тоа објектот на салата ќе биде готов навреме за да стане дел од манифестациите поврзани со „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“.
Актуелниот рок е декември 2027 година, за салата да биде подготвена за 2028 година, кога Скопје треба да стане Европска престолнина на културата.
Во април годинава Владата и Министерството за култура и туризам објавија дека конечно се отстранети правните пречки околу изборот на изведувач, а премиерот Христијан Мицкоски изрази очекување објектот да биде завршен во предвидениот рок.
Во август, неколку месеци по склучувањето на договорот, медиумите забележаа дека на самото градилиште тешко се гледа поголема промена. Министерството, од друга страна, тврди дека работите се одвиваат според динамичкиот план и дека дел од активностите се изведуваат надвор од самата локација. При увидот на 27 август, министерот за култура и туризам Седат Сулејмани беше информиран дека се изведени ископи на подрумското ниво и столбови, дека се работи на заштита на конструкцијата, како и на изработка и монтажа на челичните елементи. Значаен дел од новата челична конструкција се изработува во производствените капацитети на „Актива“ во Штип, а планот беше нејзиниот транспорт и монтажа, без трибините, да заврши до средината на септември.
Со сегашниот проект салата треба да ја задржи препознатливата кружна форма, но практично да добие нова конструкција и современа внатрешност. Предвидени се 1.200 седишта, нова акустика, сценска механика, ЛЕД-осветлување, современи аудио-видео и електрични системи, енергетски ефикасни материјали и ново партерно и хортикултурно уредување. Во 2025 година Министерството ја проценуваше целата инвестиција на околу 20 милиони евра.
ДО ИЗВЕДУВАЧ – ПРЕКУ ПРОПАДНАТИ ТЕНДЕРИ И ЖАЛБИ
И до сегашното градилиште не се стигна директно. Во 2025 година Министерството распиша тендер за продолжување на изградбата по принципот „клуч на рака“. Постапката што требаше да заврши на почетокот на есента не го донесе очекуваниот старт. Во ноември тогашниот министер Зоран Љутков соопшти дека тендерот пропаднал по жалба поврзана со единствениот пријавен изведувач и најави нова постапка. Тоа автоматски значеше уште едно одложување.
Ниту повторената постапка не помина без спор.
Во февруари 2026 година Министерството ја избра компанијата „Универзал Балкан“, но конкурентот „Агровејст биотермал продукт“ поднесе жалба. Државната комисија за жалби по јавни набавки ја прифати жалбата, ја поништи одлуката за избор од 24 февруари и го врати предметот на повторно постапување. Министерството повторно ги оцени понудите и на 23 март повторно го избра „Универзал Балкан“. И на таа одлука следуваше жалба, но овојпат Комисијата ја оцени како неоснована, со што изборот стана конечен.
Договорот со „Универзал Балкан“ е во вредност од 998,5 милиони денари без ДДВ, односно околу 16,2 милиони евра без данок. Интересно е што тоа не е ново име во долгата приказна за Универзална – истата компанија беше ангажирана и во претходните фази на реконструкцијата.
Така, дури во април 2026 година Министерството можеше да прогласи дека е отстранета „последната правна пречка“ и дека Универзална повторно почнува да се гради.
ПОЖАРОТ ГИ ВРАТИ РАБОТИТЕ НА ПОЧЕТОК
На 9 април 2024 година, додека Универзалната сала беше во фаза на реконструкција, во објектот избувна голем пожар. Огнот ги зафати старите делови од објектот и куполата, а по интервенцијата практично остана новата метална конструкција и она што пожарот не го уништи.
Пожарот отвори нова серија прашања – не само за причината за огнот, туку и за безбедноста на конструкцијата и за тоа како ќе продолжи реконструкцијата.
Основното јавно обвинителство Скопје започна увид на 10 април. Тројца лица кои претходно беа задржани во полиција дадоа изјави и беа пуштени, бидејќи во тој момент немаше утврдено основ дека пожарот бил последица на човечки фактор. Од Обвинителството беше најавено вештачење за да се утврди дали станува збор за човечки фактор или несреќен случај. Претставник на изведувачот тогаш како можна причина спомена стар кабел или електрична инсталација, но тоа беше претпоставка на изведувачот, а не официјално утврден наод.
По пожарот мораше да се проверува и дали високата температура ја оштетила новопоставената челична конструкција. Токму тие дополнителни испитувања подоцна доведоа и до измени во конструктивниот дел на проектот. Кога во септември 2025 година беше презентирано новото решение, Министерството соопшти дека архитектонската идеја на постојниот проект се задржува, но конструктивниот проект е изменет согласно резултатите и насоките од испитувањата по пожарот.
Проектот за реконструкција, изработен од архитектот Бујар Муча беше усвоен во 2021 од тогашниот градоначалник Петре Шилегов и Владата, и всушност претдвидуваше задржување на старата препознатлива форма и габарит на салата наместо објектот да се урне и на негово место да се создаде нешто сосема ново, како што првобитно се предлагаше.
Во 2020 година тогашната градска власт конечно се определи за зачувување на салата во нејзината препознатлива форма. Владата обезбеди 120 милиони денари за почеток на реконструкцијата.
Објаснувањето беше дека јавноста силно ја поддржува идејата историската сала да остане на истото место и со истиот основен изглед. Истовремено, Шилегов тврдеше дека на Скопје долгорочно му е потребна и нова, поголема концертна сала на друга локација, со паркинг, сообраќаен пристап и современи конгресни капацитети.
Проектот беше донација за Град Скопје, но со неговата изведба се одолговлекуваше, за во времето на претходната скопска градоначалничка, Данела Арсовска и сосема да застане.
Новата градска администрација тврдеше дека во проектот има сериозни конструктивни проблеми. Во февруари 2022 година Градот соопшти дека при претходните работи биле утврдени проблеми со постојните конструктивни елементи, темелите и армирано-бетонската конструкција, а дополнително тврдеше дека за втората фаза – реконструкцијата и адаптацијата на внатрешноста – немало комплетен проект.
По повеќегодишниот застој, Советот на Град Скопје во јули 2023 година донесе одлука реконструкцијата да ја преземе Министерството за култура. Со владини одлуки и договори беше предвидено државата привремено да го преземе правото на реконструкција, а по завршувањето објектот повторно да му биде вратен на Град Скопје.
ОД СИМБОЛ НА СОЛИДАРНОСТА ДО ГРАДИЛИШТЕ
Универзална сала е затворена за посетители од март 2015 година, откако дел од таванската конструкција се одвоил и паднал врз седиштата. Оттогаш салата, која со децении беше едно од главните концертни и фестивалски места во Скопје, повеќе не прима публика.
Староста на монтажниот објект, конструктивните слабости, застарените инсталации, потребата од нова противпожарна заштита, акустика, сценска технологија и енергетска ефикасност ја направија темелната интервенција неизбежна.
Универзалната сала е еден од симболите на обновата на Скопје по катастрофалниот земјотрес од 26 јули 1963 година. Во разурнатиот град недостасувал простор во кој можеле да се организираат концерти, приредби, театри и други културни и општествени настани.
Со финансиска и материјална помош од повеќе од 35 земји, бил обезбеден монтажен објект од бугарската компанија „Техноекспортстрој“ од Софија. Договорот за сала со околу 1.800 седишта бил потпишан во Софија на 11 јули 1964 година. Во Универзална започнале да се организираат настани уште во 1965, а официјално била пуштена во употреба во јануари 1966 година.
Доколку биде испочитуван, на почетокот на 2028 година Универзална би требало повторно да ги отвори вратите – речиси 13 години откако последен пат во неа влегла публика.
Ј. Дуковска
(Фото: од Фејсбук профил на градоначалникот на Град Скопје, Орце Ѓорѓиевски)
Аналитика








