ПОВЕЌЕ

    Фискална консолидација да, но не по цена на инвестициите – Димитриеска-Кочоска од Охрид

    Време зa читање: 6 минути

    Да се намалува буџетскиот дефицит и да се контролира јавниот долг, а истовремено да не запре инвестицискиот циклус – тоа е еден од најголемите предизвици со кои во актуелните услови се соочуваат јавните финансии. Македонија се определи за постепена фискална консолидација и за баланс што треба да овозможи продолжување на инвестициите, оцени министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска.

    Според неа, економскиот раст од 4,3 проценти во вториот квартал, во кој инвестициите се меѓу главните двигатели, е показател дека економијата се движи во добра насока. Но, за одржување на тој тренд, покрај контролата на расходите, потребни се подобра наплата на приходите, поквалитетни јавни инвестиции и поголема предвидливост за компаниите.

    Овие пораки Димитриеска-Кочоска ги упати на првата панел-дискусија „Од притисоците во еврозоната до фискална отпорност“, во рамките на Регионалната конференција „Охрид 2026“, која во текот на овие два дена ги обединува претставниците на владите, финансиските институции и бизнис-заедницата од регионот.

    На панелот учествуваа и вршителот на должноста министер за финансии на Косово Хекуран Мурати, поранешниот хрватски министер за финансии Здравко Мариќ, државната секретарка во словенечкото Министерство за финансии Маја Хостник Калишек и директорот за корпоративни работи и комуникации на JTI за Западен Балкан Горан Пекез. Модератор беше поранешниот македонски министер за финансии Зоран Ставрески.

    Димитриеска-Кочоска посочи дека денешните економски услови ги ставаат министрите за финансии пред две навидум спротивставени задачи – да ги стабилизираат јавните финансии, но и да обезбедат средства за инвестиции кои треба да го поддржат растот.

    „Живееме во време на голема глобална неизвесност и навистина е голем предизвик истовремено да имаме фискална консолидација или поголема контрола на расходната страна, контролирање на буџетскиот дефицит, контрола врз јавниот долг, а во исто време имаме потреба од инвестирање. Затоа е најдобро да се направи баланс“, рече министерката.

    Како аргумент дека инвестицискиот циклус не треба да се прекинува, таа ги посочи движењата на домашната економија во последните квартали.

    „Ако погледнеме последниве 10 последователни квартали, имаме добри резултати, иако секогаш може подобро, и тоа треба да е нашата цел, но имаме стапка на раст околу и над 3 проценти, последната е 4,3 проценти. Притоа, базата од минатата година е исто така висока, затоа што лани за истиот квартал имавме 3,5 проценти раст, што јасно покажува дека се движиме по една добра траекторија“, рече Димитриеска-Кочоска.

    Токму одржувањето на оваа динамика, според неа, било едно од клучните прашања и при подготовката на последниот ребаланс на Буџетот. Одлуката била дел од дополнителниот дефицит да се насочи кон проекти што треба да создадат нова економска вредност, а паралелно да се работи на подобрување на приходната страна.

    Во таа насока, министерката ја издвои е-фактурата како еден од инструментите од кои се очекува подобра контрола и поголема наплата на буџетските приходи.

    „Фискалната консолидација не е само фокус на расходната страна и она што треба да го направите – да ги скратите трошоците или да менаџирате со нив. Во исто време треба да сте фокусирани и на тоа што значи приходна страна. Ние работиме на е-фактура и сметаме дека е еден голем исчекор во тоа да ја подобриме приходната страна на буџетот“, посочи таа.

    Според Димитриеска-Кочоска, подобрата контрола на ДДВ треба да даде поширока слика и за наплатата на данокот на добивка и персоналниот данок на доход.

    Но, притисокот врз расходната страна останува голем. Министерката оцени дека во изминатите години се создадени повеќе права и буџетски обврски од кои денес тешко може да се отстапи. Како пример ги наведе студентскиот оброк, јавниот превоз и другите мерки што станале дел од очекувањата на граѓаните.

    Токму затоа, вели таа, брзата фискална консолидација во практика би значела откажување или одложување на одредени проекти и инвестиции.

    „За да имате фискална консолидација треба многу работи да се сменат. И ако сакаме со позабрзано темпо, тоа значи дека треба, барем во овие услови, така како што е поставена администрацијата, да страдаат одредени проекти. И пак ќе кажам, балансот е клучот. Мислам дека ние се одлучивме за баланс, затоа што сметаме дека не треба да го попречиме тој инвестициски циклус којшто се случува“, нагласи Димитриеска-Кочоска.

    Посебен акцент министерката стави и на квалитетот на јавните инвестиции. Како еден од поважните чекори го посочи воведувањето правила според кои поголемите проекти треба претходно да бидат соодветно подготвени.

    „Можеби една од најдобрите работи што ја направивме во изминатиот период е уредбата за јавни инвестиции. Уредба која подразбира дека не може да почнете проект од над 5 милиони евра доколку нема физибилити студија, доколку не е пријавен кај Комитетот за јавни инвестиции, додека не помине на седница на Влада. Значи, треба да имате зрели инвестиции, спремни да почнат да се реализираат“, истакна министерката.

    Причината за ваквиот пристап, според неа, е искуството со проекти што започнале одамна, а сè уште не се завршени. Секое одложување, посочи, носи дополнителни трошоци и ја намалува економската оправданост на инвестицијата.

    Покрај стабилните јавни финансии, Димитриеска-Кочоска оцени дека за приватниот сектор е исклучително важна и предвидливоста на економската политика.

    Тоа, според неа, не се однесува само на даноците.

    „За компаниите е многу тешко и тоа многу влијае врз одлуките за инвестиции ако ад хок се носат одлуки за промена, на пример, на даночна политика. Како ситуација ние тоа го имавме со Законот за данокот на солидарност. Лошо искуство кое треба да нè научи дека кога зборуваме за предвидливост на приватниот сектор, треба да размислуваме и за предвидливост на буџетот“, рече Димитриеска-Кочоска.

    Предвидливоста, додаде таа, значи и функционална инфраструктура и исполнување на обврските што државата ги презема кога инвеститорите носат одлуки да вложат во земјата.

    Како пример го посочи автопатот Охрид – Кичево, чија долготрајна изградба создава дополнителни транспортни и временски трошоци за компаниите што инвестирале во регионот очекувајќи дека инфраструктурата ќе биде завршена.

    „Компаниите сакаат предвидливост од секој аспект за да можат да одлучат да инвестираат и да останат во една држава. Секоја влада треба на тоа да се фокусира. Државата мора и е задолжена да ја обезбедува предвидливоста за приватниот сектор“, порача Димитриеска-Кочоска.

    Според министерката, токму комбинацијата од постепена консолидација, поквалитетно трошење на јавните средства, инвестиции и предвидлива економска политика треба да создаде услови сегашниот раст да се претвори во подолгорочен тренд.

    Р.П.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично