ПОВЕЌЕ

    КРЕДИТИТЕ И КАМАТИТЕ ГО РЕШАВААТ ЌАРОТ: Македонските банки имаат река, а хрватските море од пари

    Време зa читање: 5 минути

    Чисти речиси 176 милиони евра е заедничкиот профит на шест македонски банки, обезбеден од работењето во 2023 година. Најголемиот дел – 167,3 милиони евра, им припаѓа на трите „фабрики за добивка“, на Комерцијална, Стопанска и НЛБ банка.

    Во македонскиот банкарски систем има уште шест банки (во овој случај ја изоставаме Развојната банка), но една од нив остварила загуба, а пет сѐ уште ги немаат објавено финансиските извештаи. Што ја повлекува претпоставката дека добивката е поголема, уште повеќе ако се има предвид дека во таа група се и две големи банки Халк и Шпаркасе.

    Кога се зборува за достигнувањата во областа на банкарското работење, често се употребува епитетот „рекордни“. Не само за последниве од минатата, туку и за успесите од претходните неколку години. Забележливо е дека секој нареден финансиски извештај е подобар, со евидентирани зголемени приливи од камати и огромни добивки.

     

    КОНЦЕНТРАЦИЈА НА ПАРИ (И МОЌ) ВО МАЛ КРУГ

    Во овој период кога се објавуваат годишните резултати, под поимот рекордни се подведуваат добивката на Комерцијална банка од близу 58,4 милиони евра и процентуалниот раст од 72,9 насто кај профитот на ТТК банка.

    Инаку, добивката на Комерцијална има раст од 66,6 проценти. Кај другите две банки од ударната тројка добивките се 56,5 милиони евра и зголемување за 47 насто – Стопанска и 52,4 милиони евра и дополнителни 32,2 проценти – НЛБ банка.

    Во вкупниот профит УНИ банка партиципира со речиси 7,7 милиони евра (+39,6%), ТТК со 1,7 милиони евра и Централна кооперативна банка со 888 илјади евра (+43%).

    ЕКСКЛУЗИВНО НА ПАРИ: Рангирање на банките во Македонија

    Успесите на банките предизвикуваат најразлични коментари, најчесто негативни и цинични. Во стилот „во сиромаштија добро им оди само на коцкарниците и на банките“, „лесно е да се богатиш на туѓ грб“, „и банките имаат производство, штанцаат пари“… Сепак, тоа повеќе се реакции од граѓаните.

    Од политичките партии, по прашањето за банкарските добивки редовно се огласуваат од Левица. Одвреме навреме посочуваат дека банките и не работат толку добро, колку што на рака им одат државата и централната банка. Во последната реакција на оваа тема велат: „Лихварските закони го подигаат профитот на банките“, при што се споменуваат добивка од над 250 милиони евра, профити зголемени за 50 насто, нето-приходи од камати нараснати на 409 милиони евра, нето-приходи од провизии од над 106 милиони евра. Дали бројките се пресметани врз реални податоци или се претпоставни, не е наведено.

    Стручните согледувања, пак, се нешто поразлични. И од таа страна доаѓаат укажувања дека кога банките „крцкаат“ од пари, а граѓаните се гушат во сиромаштија, тоа е јасен сигнал дека во државата работите се изместени. Објаснувањето е: „За банките се тоа и повеќе од одлични резултати, но концентрацијата на пари, што значи и на моќ, во мал круг, не е добра за општеството“.

    Ако имаме политичка и друга стабилност, тогаш банките би вложувале во проекти. Но, во овие околности нема потреба да се изложуваат. Имаат капитал и доволно им е тоа што кредитираат, пред сѐ населението, а потоа и компаниите, вели поранешниот министер за финансии, Џевдет Хајредини.

    Луѓето немаат каде, парите во банка ги чуваат и земаат минимална камата. И обратно, банките даваат кредити и наплатуваат камати. Тоа е смислата на банките“, вели тој.

    Кредитирањето е во постојан пораст покажуваат официјалните податоци. Последните што ги објави Народната банка се за февруари и велат дека кредитирањето за една година се зголемило за 6,5 насто. Вкупните кредити изнесуваат 7,26 милијарди евра, од кои граѓаните должат 3,75 милијарди евра.

     

    И БАНКИТЕ ОД РЕГИОНОТ УРИВААТ РЕКОРДИ

    Општествените ветришта не се поволни само за македонските банки. И медиумите во регионот известуваат за „рекордна година“.

    Во споредба со македонската река, Хрватските банки направиле море од пари – заедничката добивка им е 1,36 милијарди евра. И, за неверојатни 91,2 насто е поголема од онаа во 2022 година. Податоците се од неревидираните извештаи за работењето на кредитните институции, објавени од Хрватската народна банка. Во нивниот систем има 20 банки, од кои само една забележала загуба. Меѓу нив предничи Загребска банка со профит од 450,4 милиони евра (+89,4%).

    Податоците што можат да се најдат за Словенија се заклучно со ноември 2023. Покажуваат раст на добивката од 110,6 насто, која е во износ од 891,6 милиони евра. А, нето приходите од камати се зголемени за 97,3 проценти.

    „Ова е рекордна заработка на банкарскиот сектор во Босна и Херцеговина“, пишуваат тамошните медиуми за вкупното остварувањ на 13 банки од близу 365 милиони евра. Тоа претставува раст од 44 проценти. Во приходите, само од наплатените камати инкасирале 471 милион евра.

    И во Црна Гора функционираат 13 банки. Нивната добивка е зголемена за 75 насто и изнесува 146 милиони евра. Што се однесува до Србија, сѐ уште се оперира со податоци од минатогодишниот трет квартал и за „извонредните“ 865 милиони евра како вкупен профит на дваесетте банки.

    „Кога некому ќе се стемни, на друг му се разденува“, е еден од коментарите на социјалните мрежи, поттикнат од банкарскиот ќар. На банките, каде и да се, добро им е разденето. Особено што не плаќаат данок на екстремно високите добивки. На таа тема многу се зборува, но слабо се делува. Кај нас банките не беа опфатени со солидарниот данок како еднократна давачка, Хрватите дебатираат, а Словенците најавија оданочување со 0,2 проценти од банкарската актива, чија практична примена е предвидена за идната година. Ова решение лани добило поддршка од над 70 отсто од словенечките граѓани.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично