ПОВЕЌЕ

    ЕКСКЛУЗИВНО НА ПАРИ: Рангирање на банките во Македонија

    Време зa читање: 7 минути

    Македонскиот банкарски сектор ќе ја забележи 2023 година како една од најуспешните поради рекордно високите профити. Иако минатата година беше тешка на економски план поради инфлацијата и геополитичките тензии, кои ја продолжија економската криза, сепак банките ги искористија сите можности што ги имаа и остварија рекордни добивки.

    Вкупната добивка на дванаесетте деловни банки во земјава и на Македонската развојна банка изнесува 232,46 милиони евра. Тоа е раст од 75 милиони евра во споредба со 2022 година.

    Банките пораснаа и во актива, а ја зголемија и пасивата со прибирање нови депозити од граѓаните и компаниите, и покрај острата конкуренција што им ја наметна државата со народните обврзници со далеку повисок принос од штедните влогови.

    Каква е точно сликата на македонскиот банкарски сектор? Порталот Пари ексклузивно ги анализираше неревидираните финансиски извештаи на дванаесетте деловни банки во земјава за 2023 година по осум параметри и направи нивно рангирање.

    Резултатите се интересни и покажуваат дека има навистина сериозна конкурентска борба меѓу банките во земјава, која резултира и со поместување нагоре или надолу на ранг-листите во 2023 година споредено со 2022 година.

    Рангирање според актива

    Комерцијална банка е неприкосновена на врвот според големината на активата и не треба да се плаши од вторите две банки – Стопанска банка и НЛБ банка – затоа што минатата година оствари и процентуално поголем раст на активата (8,4 насто) во споредба со нив.

    Но, затоа Халк банка направи пресврт и ѝ го одзеде четвртото место на Шпаркасе банка. Халк банка е сега четврта по големина банка во земјава затоа што во 2023 година ја зголеми активата за 16,9 насто и ја претрка Шпаркасе банка, која бележи раст на активата од 8,9 насто.

    Смена на позициите има и меѓу Централна кооперативна банка и Стопанска банка а.д. Битола, која поради пад на активата сега е на деветто место, а ЦКБ се искачи на осмото место.

    Рангирање според кредити на компании

    На компаниите дефинитивно им било тешко да дојдат до кредит во 2023 година. Дури седум банки го намалиле кредитирањето на бизнис-секторот. Комерцијална банка е прворангирана според кредитирање на нефинансиските друштва, односно на компаниите, но опасно ѝ се приближуваат Халк банка, Шпаркасе банка и Стопанска банка. Овие три банки дале повеќе кредити на бизнисот во 2023 година во споредба со 2022 година, додека Комерцијална банка го намалила кредитирањето за 5,9 насто.

    Најголем процентуален раст кај кредитите за компании бележи Капитал банка (15,5 насто), но Халк банка и Шпаркасе банка се лидери во овој сегмент затоа што имаат и висок процентуален раст на корпоративните кредити, што значи и голем апсолутен износ на одобрени кредити затоа што спаѓаат во групата големи банки.

    Како резултат на ова, Халк банка се искачи од четврто на второ место и ги претрка Шпаркасе банка и Стопанска банка.

    Рангирање според кредити на домаќинства

    Стопанска банка е неприкосновена на врвот според кредитирањето на домаќинствата со одобрени кредити во вкупен износ од 57.926 милиони денари и годишен раст од 5,2 насто. Сепак, според процентуалниот раст предничи Прокредит банка, која го зголемила портфолиото за дури 24,2 насто. Двоцифрен раст на кредитите за домаќинствата, од 12,4 насто, бележи и Комерцијална банка, но сепак е дури на петто место.

    Дефинитивно најголем кредитор на граѓаните се Стопанска банка и НЛБ банка.

     Рангирање според депозити на компании

    Компаниите најмногу штедат во Комерцијална банка и во 2023 година нивните штедни влогови во оваа банка се зголемени за 10,8 насто. Најблиску до Комерцијална банка е Шпаркасе банка, која бележи идентичен процентуален пораст на депозитите на компаниите.

    Убедливо највисок процентуален пораст, од дури 51,7 насто, регистрира ТТК банка. Промена во рангирањето има кај НЛБ банка, која се искачува едно место погоре, на четврта позиција, а Стопанска банка – Скопје паѓа на петтата позиција. Местата си ги заменија и ТТК банка (се качи на деветто место) и Стопанска банка а.д. Битола (падна на десетто место).

    Рангирање според депозити на домаќинства

    И според депозитите на домаќинствата на врвот е Комерцијална банка. Нивните штедни влогови во оваа банка на крајот од минатата година изнесуваа 100.335 милиони денари.

    Но, рекордери по раст на депозитната маса на населението се Халк банка (20,2 насто) и Шпаркасе банка (14,6 насто). Од помалите банки, двоцифрен раст на депозитите на домаќинствата бележат Прокредит банка (19,9 насто), Централна кооперативна банка (14,7 насто) и ТТК банка (18,4 насто)

     Рангирање според нето-добивка

    *Рангирањето ги опфаќа само банките што имаат објавено неревидирани финансиски извештаи преку Македонската берза

    Со рекордната добивка од 3,6 милијарди денари и годишниот раст од 66,6 насто, Комерцијална банка се искачи на првото место на листата, што е скок од две места во однос на 2022 година. Од прворангирана во 2022 година, НЛБ банка сега е на третата позиција.

    Во однос на годишниот процентуален раст на добивката, најголем раст, од дури 72,9 насто, бележи ТТК банка.

     Рангирање според нето-приходи од камати

    *Рангирањето ги опфаќа само банките што имаат објавено неревидирани финансиски извештаи преку Македонската берза

    Најмногу нето-приходи по основ на камати има остварено Стопанска банка – Скопје, а блиску зад неа е Комерцијална банка, која бележи и најголем процентуален раст на нето-приходите од камати (дури 68,2 насто). Тоа ја носи и едно место погоре на листата во споредба со 2022 година.

    Сите седум банки бележат раст на нето-приходите од камати, при што најмал е растот кај Централна кооперативна банка.

    Рангирање според нето-приходи од провизии и надоместоци

    *Рангирањето ги опфаќа само банките што имаат објавено неревидирани финансиски извештаи преку Македонската берза

    НЛБ банка бележи најголеми нето-приходи од наплата на провизии и надоместоци, при што нејзиниот годишен процентуален раст изнесува 5,2 насто. Раст на овие приходи бележи и Комерцијална банка, додека Стопанска банка – Скопје, УНИ банка и Стопанска банка а.д. Битола имаат пад во нето-приходите од надоместоци и провизии.

    Најголем процентуален раст, од 17,4 насто, остварила Централна кооперативна банка, а ја следи ТТК банка, со раст од 14,5 насто.

    Редакција Пари

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично