ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ | ХАЈРЕДИНИ: Чиста загуба за државата е секое задолжување во странство со камата повисока од растот на економијата

    Време зa читање: 12 минути

    Не е интелектуалец тој што нема храброст да ја каже вистината. Тоа е ставот на Џевдет Хајредини, кој беше вториот министер за финансии во самостојна Република Македонија. Секојдневно е присутен во јавноста преку социјалните мрежи од каде што ги „бомбардира“ властите (без оглед на составот) со критики. Јасно и гласно укажува на лошите постапки, на погрешните потези и на промашувањата. Материјал за тоа не недостасува, па во денот неговите бројни следбеници можат да прочитаат и по неколку „пецкања“ на различни теми. Сепак, поинтересно е кога со него се разговара во „живо“.

     

    Пари: Законите и договорите со таканаречените стратешките инвеститори се во Собранието. Што ќе значи нивното усвојување – енергетска стабилност или енергетска зависност?

    Хајредини: Со избивањето на енергетската криза во светот и кај нас, произлезе потребата државите да се ангажираат и да се фокусираат на сѐ поголема енергетска и прехранбена независност. Ме чуди како е можно Владата повторно да предлага во земјата да ангажираат странски инвеститори за изградба на енергетски проекти, како што се сегашните предлози на закони. Македонија и во иднина не ќе има потреба за поголеми инвестиции во енергетиката за задоволување на своите потреби. Нема потреба многу да се инвестира за постигнување енергетска независност. И сегашните инсталирани капацитети се доволни за задоволување на сопствените потреби.

    Пари: Со закон ќе се овозможи сезонски и ангажираните во времени активности да добиваат плата во коверт. Колку е тоа во ред, кога државите во светот одат кон целосно расчистување со кешот? Ќе биде ли тоа уште еден стимул за сивата економија?

    Хајредини: Не гледам причина од донесување закон за воведување на плаќање во кеш. Тоа е спротивно на сите досегашни напори кои се прават за што повеќе да се дигитализираат сите видови плаќања. И, дава повеќе простор за даночна евазија.

    Пари: Добивме техничка Влада, технички премиер и министри со засукани ракави – ги има на терен, па проекти, пресови… ?

    Хајредини: Македонија повеќе од 30 години остварува просечна стапка на раст на економијата од два насто. Тоа е најнизок раст од сите земји во регионот. Апсурдно е да се помисли, а не да се очекува дека влада која ќе владее сто дена може нешто да направи. Оваа Влада со технички премиер е исправена пред други предизвици. Политичката елита е оптоварена со голем проблем – како да ги добијат изборите и да останат на власт. Толку многу се заглибени во криминал и корупција, што само еден ден да не се на власт, ќе уследи драматичен пад. И не е работата дали некој во Македонија е за Исток или за Запад. Тој таканаречен европски фронт ги повикува сите да ги поддржат, затоа што со нив на власт Македонија ќе го добие датумот за преговори. Што е апсурдно. Апсурдно е и тоа што го кажуваат, дека во Македонија не може да владее правото и да се води борба протрив корупцијата без почеток на преговорите. Во стоте денови што им се дадени, техничкиот премиер и министрите на ДУИ ќе работат до осми мај да ги мобилизираат сите административци што се ставени на платен список, за да гласаат на изборите, зашто ако не се на власт ќе завршат во затвор. Тие немаат друга алтернатива за да можеме да очекуваме дека ќе направат нешто за државата.

    Пари: Очигледно е, пари во државата има. Прашањето е – каде се?

    Хајредини: Тие имаат пари колку што сакаат. Не само тука што има пари, туку пари има и на меѓународниот финансиски пазар. Еве, веќе две-три години министерот за финансии во своите колумни ништо друго не пишува, само тоа – како тој со неговото и со ангажирањето на Министерството, успеваат да најдат пари од надвор. А, анализите на компетентни истражувачки институции од Брисел укажуваат дека Македонија е држава каде што најмногу се крадат парите од европските фондови. Да не зборуваме за изјавите што ги дава американската амбасадорка, па амбасадорот на Холандија.

    Пари: Значи ли тоа дека во тој поглед ја надминавме Бугарија?

    Хајредини: Апсолутно. Но, нема зошто да се споредуваме со Бугарија, Србија и така натаму. Кога дојдовме во економска, енергетска и криза за храна, само министрите на Македонија отидоа во Србија, во Бугарија, во Албанија, во Грција, па дури и во Турција, да бараат енергија и храна. Министерот за земјоделие, министерот за економија… се обратија кај сите овие држави. Замислете, одат во Бугарија да бараат електрична енергија со пониска цена, затоа што ние не можеме да плаќаме. Тие им одговорија дека се дел од европскиот енергетски систем, и да сакаат не можат да дадат пониска цена. Ниеден министер од овие држави што ги споменав не дојде во Македонија да побара нешто, ни храна, ни енергија. Па која е таа најдобра земја за која зборува Ковачевски, дека во овој момент Македонија е најдобра на Балканот. А, јас и ретко кој друг, јавно кажуваме дека тоа е бесмислица.

    Пари: Во големите планови на власта е Македонија да ја направат центар за зелена енергија. Се може ли?

    Хајредини: Се виде дека земјата е ранлива и за обезбедување храна и за обезбедување енергија. А, тоа дека ќе бидеме центар на зелената енергија во Европа, нема врска со реалноста. И сѐ да е во ред, Македонија, објективно, не може да биде центар на зелена енергија, затоа што 90 отсто од капацитетите за производство на електрична енергија се на јаглен и мазут – извори кои најмногу загадуваат. Зелената енергија се базира на вода, струја и ветер и струја која се призведува од природен гас. Хидроцентралите што ги имаме со вкупно 1.500 мегавати инсталирана сила, скоро сите се изградени пред 1980 година, освен „Козјак“ со само 80 мегавати. Наша наследена слабост е што имаме во однос на домашниот бруто производ трипати поголема потрошувачка на енергија од просекот на Европа. Еве, што е тоа – се мери трошењето на електричната енергија на единица општествен производ. Значи, неефикасно трошиме енергија трипати повеќе од просекот на Европа. Потребни се големи инвестиции за да се унапреди енергетската интензивност.

    Пари: Какви се Вашите согледувања, како поранешен министер за финансии, за состојбите во доменот на финансиите и монетарната политика?

    Хајредини: Финансиската и монетарната стабилност се потпира на два столба. На фискалната и на монетарната политика.

    Во земјата и од ММФ и од Светска банка нема забелешки за монетарната политика. Тоа е заслуга на раководната екипа на Народата банка, на чело со гувернерката Анета Ангеловска-Бежоска.

    Кога се работи за финансиите, најистурени играчи се премиерот, министерот за финансии и вицепремиерот Битиќи. Министерот за финансии секогаш во колумните предвидува дека до 2030 ќе оствариме просечен економски раст од 5,4 насто, а утредента излегува Светска банка и објавува  – 2024, 2025, 2026 растот ќе биде околу два проценти. И за наредните три години, според Светска банка, ќе имаме најниска стапка на раст. Сите земји со кои треба да се споредиме по многу паметри, Србија, а особено Косово, Албанија, Црна Гора и Босна се пред нас. Косово со 4 проценти, Црна Гора 3,9, Албанија 3,3 проценти. Нашиве тука толку се заслепени, што мислат никој ништо не слуша и не прави споредби на показателите за Македонија со тие на соседите и во регионот.

    Пак ќе кажам, за храна и енергија сме зависни и мора да се набавуваат од увоз. Но, чиста загуба за државата е секое задолжување во странство со каматна стапка повисока од растот на економијата.

    Пари: Имаме ли простор уште да се задолжуваме?

    Хајредини: Нема друг излез. Мора. Што ќе беше ако немаше задолжување? Да земеш пари од странство со пет проценти, да ги вложиш каде што ќе имаш седум проценти добивка, да го вратиш и да ти останат. Кога се потпишува државата странските инвеститори даваат пари. Што и да се случи, тие пари мора да се платат. Сега сѐ што земаат нови кредити, најголемиот дел оди за враќање на претходно неисплатените долгови.

    Во вакви услови стабилноста ја држиме со дознаките од странство – над 20 отсто од БДП. Две-три милијарди евра доаѓаат од нашите луѓе што работат низ светот. Всушност, крпена работа е монетарната и финансиската стабилност. Домашната валута се држи со монетарните механизми – каматната стапка, задолжителните резерви, контрола на капиталната покриеност на банките… Банките се полни со пари, па така се одржува рамнотежа.

    Пари: Нема неуспешна банка. Во сиромашна земја прават огромни добивки. Ориентирани се кон кредитирањето. Имаат пари, а не влегуваат во големи проекти. Зошто?

    Хајредини: Банките имаат капитал и не мора да се изложуваат и да кредитираат профитабилни проекти. Доволно им е. Луѓето немаат каде, парите во банка ги чуваат и земаат минимална камата. И обратно, банките даваат кредити и наплатуваат камати. Тоа е смислата на банките. Важна е контролната функција на Народната банка. Мислам дека е многу напредната, особено од светската крза во 2008. Долго време работев на ризични пласмани и можам да кажам дека таа контролна функција во светот е усовршена. И во Народната банка во однос на деловните банки. За да не дојде до ситуација како што се случи со Еуростандард банка.

    Така, таа контролна функција во Народната банка сега е во сигурни раце, кои ја одржуваат стабилноста на банкарскиот систем.

    Да се вратам на прашањето. Ако имаме политичка и друга стабилност, тогаш банките ќе вложуваат во инвестиции, во проекти. Во вакви услови немаат потреба од тоа, живеат од каматата. Инвестиции нема поради политичката и безбедносната несигурност. Единствено граѓаните за станбени и потрошувачки кредити. Меѓутоа, да има сигурност, банките би инвестирале во крупни проекти како што се патната и железничката инфраструктура. Никако не со коруптивни договори како што се со „Синохидро“ и „Бехтел и Енка“.

    Типичен пример за ова е скандалот со Дојче и Маѓар Телеком, кога берзата и Окружниот суд на Њујорк, врз основа на меѓународна конвенција, ги осуди, зашто на државните и политички функционери на Македонија и Црна Гора исплатиле повеќе милиони евра мито.

    Во Црна Гора дотичните функционери се осудени и казнети, додека кај нас и сега се на власт и се спремаат и натаму да останат.

    Догорворот со „Синохидро“ е коруптивен. Дури и Светска банка не учествува во финансирање каде што гради „Синохидро“. Сличен е и случајот со „Бехтел и Енка“, кога премиерот вели дека договорот не го криеме, ама не може да се гледа. Слушнавме дека поранешниот косовски министер за инфраструктура е осуден на три години и 8 месеци затвор за случајот со исплатата на 53 милиони евра. А Ковачевски, со договорот којшто „не го крие“, на истата компанија, и пред да почне да работи, по наредба на „координаторот” веќе и додели неколку стотици милиони евра пред да почнат со изградбата на автопатот.

    Пари: Треба ли за банките да се воведе посебен данок за добивка?

    Хајредини: Темата со право се отвори на почетокот од Ковид-кризата. Ако гледаме дека во тој период банките остварија високи добивки, тогаш јасно е дека е тоа резултат на кризата. Но, банките имаат можност билансот на крајот на годината да го фризираат. Ако дели од добивката на резервации да го покрие процентот на ризичните пласмани. Народна банка контролира капиталот да не падне под 18 проценти од вкупните пласмани.

    Пари: Ги споменавте инвестициите, можеме ли и „Чебрен“ сами да го направиме?

    Хајредини: Можеме, сигурно. „Чебрен“ е 50 години на дневен ред. Мицковски случајно беше и директор на ЕСМ кога ВМРО-ДПМНЕ направи програма во 100 чекори, па надградена и проширена. Десетина проекти беа наведени во таа програма во 2008, дека до 2016 ќе бидат завршени. Камен-темелник не поставија ни на еден, меѓу кои и Стрежево. Значи, можело. Можеше да се направи и патот Кичево-Охрид и проширување на автопатот Тетово-Гостивар. Десет години поминаа.

    Пари: Парите за инвестиците се дел од буџетот кој секоја година незапирливо расте. Што е поголем проблем, растот на обемот на средства или каде и како се трошат парите?

    Хајредини: Околу 500 милиони се движат предвидените пари за инвестиции во Буџетот. Никогаш не се искористени до крај, а не, пак, тие да градат. Да не заборавме, ДУИ е цело ова време на власт. И во времето на Груевски и сега постојано пишувам и јавно кажувам – безмилосно се трошат парите од буџетот. Колку само отидоа на „Скопје 2014“! Но, се смени власта, ДУИ остана, дојде СДСМ. Го критикуваа Груевски за безмилосно трошење. А, овие, доколку ја прекинеа таа практика, сега една милијарда во буџетот ќе имаше само за инвестиции. Зборувам за буџетот кога беше 3,6 милијарди евра, кои на СДСМ им беа огромни. Тоа го нема, а буџетот еве го 5,5 милијарди евра. Притоа, средствата наменети за инвестиции остануваат исти, 600-700 милиони евра.

    Пари: Добар дел од буџетските пари се врзани за платите на администрацијата која е сѐ побројна, а „апетитите“ на буџтските корисници се поттикнаа со зголемените плати на именуваните функционери. Може ли да се излезе од тој круг?

    Хајредини: Може! Може со некорумпирана власт. Која кога ќе дојде, нема да мисли само како да остане. Со чесни политичари кои не краделе и не крадат. И кои не лажат. Имаме премиер, кој кога се најде во тесно поради нивните плати зголемени за 78 насто рече – ќе го намалиме коефициентот. Кажа и излажа. Потоа рече седум закони треба да се сменат. Се додека тие луѓе не одговараат, ќе биде вака.

    Пари: Одвреме навреме може да слушнеме – не ни требаат избори, туку принудна власт. Дотаму ли дојдовме?

    Хајредини: Одамна сме дотаму дојдени, зашто власта зависи од „главниот што одлучува и за ништо не одговара“. Освен тоа, сѐ уште нема масовно пројавување на незадоволство од страна на граѓаните. Се задоволуваат со ситници од владините антикризни пакети и помош.

    Пари: Од почетокот на транзицијата живееме со големи ветувања и минимални остварувања и постојано е присутно прашањето – ќе нѐ биде ли?

    Хајредини: Тешко, ама мора да нѐ биде. Доколку младите генерации останат овде.

     

    новинар: Маја Анастасова

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично