ПОВЕЌЕ

    Ветувањата се за избори, на ПИОМ му треба длабинска анализа и реформа

    Време зa читање: 7 минути

    Идниот вторник ранливите категории граѓани ќе ја добијат месечната финансиска поддршка. Меѓу нив и пензионерите со најниски примања. Тоа е последното, петто следување, од деветтиот владин антикризен пакет, кој стартуваше во декември. Зависно од висината на пензијата, помошта е во опфат од 1.500 до три илјади денари.

    Се смета дека токму оваа петмесечна доза имаше влијание врз амортизацијата на пензионерските протести, кои минатата година беа и бројни и масовни. Сепак, проблемот не е решен. Актуелен е затоа што е заснован на реалните состојби, но и поради тоа што државата е во фаза на избори, а пензионерите се значајно гласачко тело.

    Во партиската понуда има минимална пензија од 20 илјади денари и просечна од 30 илјадарки, но во период до 2028, новогодишен пакет од 100 евра за секој пензионер. Го има и тоа што пензионерите сакаат да го слушнат, бидејќи лани го испорачуваа како барање – линеарно зголемување од пет илјади денари на сите пензии, без оглед дали се ниски или високи.

    За време на изборите, исто како и во војна, сѐ е дозволено, па често се случува ветувањата да се далеку од вистинските можности на државата. Затоа тука е гласот на совеста, односно стручната јавност, со проценка на (не)возможното. А, токму такви се и оценките за пензиската понуда – тешко остварлива, претерана, штетна за пензискиот систем и за државната каса. Затоа што се нуди од „ракав“, без длабински анализи и без основа зголемувањето да се темели на реалниот раст на платите.

    ЗА НИСКИТЕ ПЕНЗИИ – ДОДАТОК, А ЗА ВИСОКИТЕ ШВАЈЦАРСКАТА ФОРМУЛА

    Повеќе од потребно е да се измени законската регулатива за пензиското и инавалидското осигурување, не само поради барањата на пензионерите, туку поради тоа што од последната интервенција во регулативата за ПИО, што се случи во 2008, веќе се изминати доволен број години, низ кои настанале нови реалности. Населението забрзано старее, засилено е иселувањето на младите кои треба да го полнат пензискиот Фонд, приливот на нови пензионери е намален –  едвам нешто над починатите, вработеноста благо расте, односот вработен-пензионер благо се  менува…, укажува некогашниот даночен експерт, а сега пензионерски активист, Славко Лазовски, кој е упатен во добрите решенија кои се практикуваат во повеќе земји.

    „Државата со најдобар пензиски систем, Холандија, гради уште подобар систем. На први јули лани најави нова реформа. Понатаму, си го поставуваме прашањето: зошто Црна Гора има најдобар пензиски систем меѓу бившите југословенски републики, па велиме – ако може таа можеме и ние“, вели Лазовски.

    Во фокусот, додава е и пензионерското организирање, односно општинските здруженија и СЗПМ, затоа што доаѓаат сѐ помлади и пообразовани пензионери, а организирањето сѐ повеќе тоне во стереотипи од пред 50 години.

    „Бараме транспарентност и отчетност за тоа како се трошат пензионерските пари, парите наменети за посмртната помош. Инсистираме на одговор за големите трошоци за функционирање на пензинскиот систем, каде што веднаш се забележува колку чини самата исплата на пензиите, а колку трошоците. Но, во услови на значајно пројавување на скок кај цените, очекувано е да се постави прашањето за адекватноста, одосно усогласувањето на пензиите, а во уште поостра форма и прашањето – како со ниските пензии. И тука настана ‘турканица’ во додворувањето на пензионерите – кој ќе понуди повисоко зголемување на пензиите“, смета застапникот на пензионерските права.

    Лазовски посочува дека бројките што предизборно ги нудат политичките партии ќе станат реалност само тогаш кога ќе се преточат во Законот за ПИО. Па, препорачува, најдобро е да се оди во два паралелни процеси: постепено или чекор по чекор менување на Законот за ПИО и подготовки на сосема нова регулатива.

    „Фондот е во сѐ подобра финансиска кондиција. Ќе биде посилен само ако добро се управува. Опасноста не доаѓа од страната на исплатата на пензиите, туку од страната на придонесот по  прашањето кој дел од него ќе оди за Вториот столб. Сега е 12,4 плус 6 проценти, или еднакво на 18,4 проценти и до кога ќе биде два спрема еден во корист на Првиот столб. Во Србија е еден спрема еден, односно стапката од 22 проценти ја сочинуваат на двапати по 11 проценти“, појаснува Лазовски.

    Што се однесува до партиската понуда, вели дека линеарката што ја ветува ВМРО-ДПМНЕ само ќе го одложи, но нема да го реши проблемот.

    „Линеарното зголемување со пет илјади денари е неправедно за малите пензии. Проблемот не се решава, туку само се одлага. Разликите во пензиите само по втората година на примена повторно ќе се вивнат. И тука, најдобро решение е воведувањето на минималната пензија, каде што се води грижа за постојано зголемување на најниските пензии. Колку е пониска пензијата толку повеќе се зголемува и тоа постојано се први на секои шест месеци. А, високите пензии само се усогласуваат со растот на цените и на платите. Значи, за малите пензии додаток на пензија, а за високите само швајцарската формула“.

    За предлогот на СДСМ смета дека е подобро решение за пензионерите, посебно за оние со пониски пензии.

    „Се нуди систем кој не е лимитиран, нема ‘капак’. Тоа остава простор за засилено подигање на пензиите во континуитет. Бројките што се ставени во предлогот, според моите пресметки, се остварливи, дури мислам дека ќе бидат надминати и пред 2028 година“, наведува Лазовски.

    Според него, разликата е воочлива: „Линеарнато зголемување е зацементирано, а е потребна  адекватност на пензиите, која се остварува преку швајцарската формула (умерно зголемување), минималната пензија (значително зголемување само на малите пензии) и преку институтот  најнизок износ на пензија (почетно зголемавање само за оние под минималниот износ на  пензија)“.

    ВЛАСТА ФРЛА ТРОШКИ, А ОПОЗИЦИЈАТА ВЕТУВА ДЕКА ТОА ЌЕ ГО ПРАВИ

    Не случајно и на власта и на опозицијата им е интересна и корисна категоријата пензионери. Голем број се во приближно иста социјална состојба. Најголемиот дел се со многу ниски пензии, тоа се 70 до 80 отсто од пензионерите, вели некогашниот министр за финансии, Џевдет Хајредини.

    Тврди дека ова што предизборно го нудат партиите, и да се даде од буџетот, се многу малку пари. „Затоа пензионерите се интересни, друга категорија граѓани не може да се купи со малку пари“, коментира Хајредини.

    Воедно, посочува дека власта е во подобра позиција, но опозицијата со тоа што го ветува собира повеќе гласови. И има свое согледување за тоа – во што е разликата.

    „Власта е во поповолна положба. И досега фрлаат трошки. А, опозицијата ветува дека тоа ќе го прави. Во тоа е разликата“, вели Хајредини.

    За понудата на ВМРО-ДПМНЕ смета дека е опасна за пензискиот систем.

    „Пензионерите се стари и сакаат да го добијат тоа што им треба – што побрзо и реално. Понудата на ВМРО-ДПМНЕ го урива целиот пензиски систем. Потребни се анализи и подготовки за да биде конзистентен и долготраен начин на исплата. Споредено со другите ветувања, ова за пензионерите е примамливо и така добиваат голем број гласачи.

    Состојбата е таква што се гледа дека СДСМ ќе ги губи изборите, а ако сака да ги добие, треба сега да им исплати пари на пензионерите“.

    Исто така, тврди дека сегашната најголема опозициска партија, ако победи, нема да го испорача ветеното.

    „Ни на ВМРО-ДПМНЕ, доколку победи, нема да му е лесно. Нема да може да ги исполни ветувањата, па ќе модифицира, ќе велат кажувавме, но не ја знаевме реалната состојба.

    А, пензионерите, излегуваат и гласат. Младите не се заинтересирани, сосема се разочарани, на партиите не им веруваат и масовно се иселуваат“, посочува вториот министер за финансии во самостојна Македонија, Џевдет Хајредини.

    Ако ги прашате партиите, секоја тврди дека нивното решение е најдобро, најправично, системско и одржливо. Познавачите на состојбите, пак, коментираат – ветувањата се за ибори, а на пензискиот систем му се потребни реформи подготвени врз база на длабински анализи.

    M.A.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично