ПОВЕЌЕ

    Фармацијата и извозот се добитната комбинација на „Реплек“

    Време зa читање: 3 минути

    Во првите три месеци од годинава за 29 проценти е зголемена консолидираната оперативна добивка на Групацијата „Реплек“, која од лани целосно е ориентирана кон сегментот фармација. Се работи за добивка од 31.453 илјади денари или 511 илјади евра, која во најголем дел произлегува од приливите што се резултат на извозната активност. Консолидираната добивка, пак, на „Реплек“ АД, пред оданочување изнесува 26.820 илјади денари, односно 436 илјади евра. Освен тоа, компанијата од јануари до март ги натфрлила инвестициите за 541 насто. Во опрема се вложени повеќе од половина милион евра.

    Во споредба со истиот лански период оперативните приходи се повисоки за 25 насто и изнесуваат 395.211 илјади денари (6,4 милиони евра). Во тие рамки продажбата обезбедила 387.907 илјади денари (6,3 милиони евра) и бележат раст од 26 проценти. Што се однесува до расходите, во тој дел има раст од 33 проценти и износ од 383.475 илјади денари (6,2 милиони евра).

    Од „Реплек“ нагласуваат дека стратешки фокус е фармацијата, каде што консолидираните приходи од продажбата се 380.834 илјади денари (6,2 милиони евра). Споредено со минатогодишните остварувања, има зголемување од 26,9 насто. Притоа, за 50 проценти се повисоки приливите од домашниот пазар, кои достигнуваат 1,12 милиони евра. Приходите, пак, од странските пазари се во износ од 5,07 милиони евра, а растот е 23 насто. Најголемите приливи се од ЗНД, додека највисок раст на продажбата – за 63 проценти, е регистриран во Африка и на Блискиот Исток. Производите на компанијата се извезуваат и во земјите од Југоисточна Европа, Југоисточна Азија, а како што наведуваат „врз основа на веќе потврдени нарачки, првите испораки на пазарите во Европската унија ќе бидат реализирани во Q2 2024“.

    Во првиот квартал „Реплек“ почна да извезува и во Туркменистан, а очекувањата се дека продажбите на тој пазар ќе резултираат со годишен приход од еден милион евра. Воедно, стратегијата за раст предвидува распределба на приходите – 75 од извоз и 25 проценти од продажба на домашниот пазар.

    Во таа насока е и бизнис планот, според кој годинава треба да се реализираат консолидирани продажби во износ од 31 милион евра и нето-профит од минимум 3,5 милиони евра.

    М.А

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично