
Цените во продавниците за храна предизвикуваат револт кај граѓаните. Прстот е вперен во маркетите, но дали се тие единствените виновници за цените?
Пари направи анализа на нето-профитната маржа на најголемите и најпосетуваните прехранбени синџири во земјава. Народски кажано, пресметавме каков е уделот на нето-профитите во вкупно остварениот приход во 2025 година. Податоците покажуваат распон од 0,56 проценти во Стокомак до 2,99 проценти во КАМ. На Бизнис мрежа сѐ уште нема расположливи податоци за Веро, додека, пак, Тинекс е во загуба, така што кај него воопшто не можеме за зборуваме за нето-профитна маржа.
Извор: Бизнис Мрежа
Стокомак од самиот почеток се декларира како трговски синџир со ниски цени, па на почетокот ја нарекуваа „пензионерска продавница“. Минатата година, во овие маркети е направен промет од 165,7 милиони евра и создадена е добивка од 920.000 евра. Тоа значи дека нето-профитната маржа изнесувала 0,56 проценти. Или, од секои 100 денари приход, а по покривањето на сите трошоци, компанијата задржува нешто повеќе од половина денар како нето-добивка.
КИТ-ГО, Кипер и КАМ имат нето-профитни маржи над 2 проценти. Интересно е што нето-маржата на КАМ се доближува до 3 проценти, иако продавниците од овој трговски синџир сѐ уште го носат епитетот „поевтини“.
Ваквите разлики во профитната маржа најчесто се резултат на различни деловни модели. Компаниите што работат по принципот на „хард дисконт“ вообичаено се потпираат на голем обем на продажба, оптимизирани оперативни трошоци и пониски трговски маржи, додека дел од останатите синџири работат со повисока профитабилност.
Нето-профитната маржа е еден од најрелевантните показатели за ефикасноста на работењето, бидејќи покажува колкав дел од вкупните приходи останува како добивка по плаќањето на сите трошоци, даноци и обврски. Анализата на финансиските извештаи покажува дека меѓу најголемите трговски синџири во земјава постојат повеќекратни разлики во овој показател, што укажува на различни стратегии за работење и формирање на цените.
Р.П
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








