ПОВЕЌЕ

    Клик, лековерност и колапс: Измамата „Конти“ собрала 15 милиони евра од македонски граѓани

    Време зa читање: 4 минути

    Пораките стигнувале тивко. Прво преку соседот. Потоа преку братучедот. Па преку човекот што секое утро точи гориво на бензинска и „веќе извадил пари“. Во Кавадарци, Неготино и Велес, приказната за „Конти“ не се ширела како класична интернет реклама, туку како локална легенда за брза заработка. Од телефон на телефон. Од кафе на кафе. Од Viber група до семејна трпеза.

    Pari.com.mk ексклузивно дознава дека според процени и информации што кружат меѓу упатени лица, преку онлајн платформата „Конти“ во текот на 2024 година биле извлечени околу 15 милиони евра од илјадници граѓани. Најмногу од Кавадарци, Неготино, Велес и од Гевгелија. Во домашните медиуми во 2024 година се споменуваше бројка од над 14.000 измамени граѓани во Македонија.

    Моделот бил стар колку и самите пирамидални измами, но спакуван во модерна амбалажа. Апликација. Телеграм групи. Крипто-платформи. „Гледање филмски трејлери“. „Лајкување содржини“. „Дневни бонуси“. Сè изгледало безопасно и едноставно – вложуваш 100, 300 или 3.000 евра, а потоа системот „ти враќа“ пари за активности што звучат банално. Првите исплати навистина стигнувале. И токму тоа била најсилната мамка.

    Во малите градови, довербата не ја градела платформата. Ја граделе луѓето. „Еве, комшијата вчера извади 500 евра.“ „Брат ми веќе заработува.“ „Цел дуќан е влезен.“ Во еден момент, скепсата почнува да изгледа како глупост, а ризикот како пропуштена шанса. И тука лежи суштината на македонската лековерност кон финансиските измами: граѓаните не веруваат во системи, туку во луѓе што личат на нив.

    Македонецот често нема доверба во институција, но има огромна доверба во „човек од народот“. Ако банка предупредува, тоа звучи како бирократија. Ако финансиски експерт објаснува дека принос од 5 насто неделно не е возможен, тоа звучи како ароганција. Но, ако соседот покаже screenshot од трансакција, тогаш математиката престанува да биде важна.

    Во земја со децениска економска несигурност, ниски примања и хронично чувство дека „чесната работа не носи напредок“, ваквите шеми не продаваат само пари. Тие продаваат надеж. Продаваат чувство дека некој конечно ја открил тајната кратенка до подобар живот. Токму затоа предупредувањата ретко функционираат.

    Македонија веќе има историја на вакви случаи. Од пирамидалната штедилница ТАТ и други лажни инвестициски шеми и понзи модели. И покрај тоа, секоја нова измама наоѓа нов бран жртви. Проблемот не е само во финансиската неписменост. Проблемот е и во културата на колективно убедување. Во малите средини, социјалниот притисок е огромен. Кога 10 луѓе околу вас зборуваат дека заработуваат, многумина не сакаат да бидат „единствениот будала“ што останал надвор. Парадоксално, токму стравот да не испаднеш наивен те турка да станеш жртва.

    Дополнително, социјалните мрежи создадоа опасна илузија дека секој може да биде финансиски експерт. Денес, TikTok видео, Facebook статус или Telegram група имаат поголемо влијание од официјални предупредувања на институции. Алгоритмите ја хранат човечката алчност – колку повеќе гледаш приказни за „лесна заработка“, толку повеќе ти изгледа нормално.

    А измамниците тоа совршено го разбираат. Тие не продаваат инвестиција, туку продаваат припадност. Создаваат заедници, групи, мотивациски пораки, лажни успеси, screenshots од добивки и чувство дека „сите заработуваат освен ти“. Во таква атмосфера, рационалното размислување се губи.

    Најстрашниот дел од приказната со „Конти“ можеби не се милионите евра. Туку тишината по колапсот. Многумина не пријавиле ништо. Дел од срам, дел затоа што формално „доброволно“ вложиле, а дел затоа што и самите убедувале други луѓе да се приклучат. МВР минатата година соопшти дека нема официјални пријави поврзани со шемата, иако во јавноста веќе се зборуваше за огромни суми и илјадници оштетени. Дознаваме дека, сепак, досега имало само една пријава од измамен граѓанин.

    Токму тоа можеби е најголемата победа на ваквите измами, бидејќи не ги ограбуваат само парите, туку и способноста на луѓето да признаат дека биле измамени. И, додека општеството повеќе ќе му верува на анонимен профил на Telegram отколку на финансиски аналитичар, на „муабет од мало“ повеќе отколку на институционално предупредување, нови „Конти“ ќе се појавуваат повторно и повторно. Само со друго име, друга апликација и ново ветување за лесни пари.

    Редакција Пари

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично