ПОВЕЌЕ

    ИЗВОЗ, ИНВЕСТИЦИИ, ВРАБОТУВАЊА, ДОБИВКА: Кратко и јасно – „Алкалоид“

    Време зa читање: 5 минути

    Од успешните секогаш многу се очекува, но и покрај тоа, испорачаните резултати, колку и да се подобри од претходните, не претставуваат изненадување. Така е и сега. Не е единствен, но е најдобар во својата конкуренција дома, а се покажа и како одличен играч на меѓународната сцена. Кратко и јасно, Скопски „Алкалоид“. Со потврден тим, и раководен и опертивен, и со остварувања на повеќе полиња – квалитет, нови производи, нови пазари, грижа за вработените, општествена одговорност… со незапирлив раст.

    Од обемот и успешната реализација на активностите зависи добивката. По одработените девет месеци од годинава „Алкалоид“ бележи зголемување за 14 насто кај консолидираната нето-добивка, која е во износ од 1.295.368.737 денари или 21 милион евра. Инаку, консолидираната добивка пред финансиските трошоци, даноците и пред амортизацијата (ЕБИТДА) е 2.222.310.580 денари, односно 36 милиони евра. Со раст од 12 проценти.

    Единечната добивка на фармацевтскиот гигант, која пред ЕБИТДА е над 34 милиони евра (2.096.790.692 денари), бележи зголемување од околу девет насто, а единечната нето-добивка е од над 21 милион евра (1.299.694.920 денари), што значи раст за 12 проценти.

    Основата за сето тоа е пласманот на сопствените производи и услуги. Од компанијата наведуваат дека од јануари, па заклучно со септември продажбата обезбедила безмалку 150 милиони евра (9.212.341.451 денар). За 13 проценти повеќе од истиот лански период. А, пак, вкупните консолидирани продажби достигнуваат 202,8 милиони евра (12.483.936.387 денари), што означува натфрлување од 14 насто.

    Притоа, на домашен терен консолидираната продажба е со десетпроцентен раст, а извозот е зголемен за 15 насто. Или, високи 70 проценти од продажбата се остварени на странските пазари, а 30 отсто дома.

    Што се однесува до извозот, во земјите од Југоисточна Европа се остварени 28 отсто од продажбите, во земјите од Западна Европа (ЕУ и ЕФТА) – 22, во земјите од Источна Европа (ЗНД, УКР…) – 19, додека на другите пазари – еден процент од вкупните консолидирани продажби.

    За 40 пати е надмината продажбата во Канада и тука се бележи најголем пораст кај извозните пазари, во споредба со првите девет месеци од 2022 годин. Следуваат Италија, каде зголемувањето е за повеќе од 30 пати; Јужна Африка за пет пати; Австрија за четири пати, Чешка и Чиле – за трипати. На листата се Велика Британија (раст од 87%), Ерменија (раст од 64%), Романија (раст од 63%), Монголија (раст од 26%), Албанија (раст од 24%), Бугарија (раст од 14%), Украина (раст 12%), Хрватска (раст од 11%), Босна и Херцеговина (раст од 8%), Србија (раст од 6%)…

    Доминантни со 90 отсто во структурата на вкупните консолидирани продажби се производите од сегментот фармација. Од нив, поголем удел имаат антибиотиците со 28 проценти, препаратите ОТЦ со 19, невролошките препарати со 12, кардиолошките препарати со 12 отсто од вкупните консолидирани продажби. Сегментот хемија, козметика и билкарство учествува со 10 проценти. Конкретно, хемија учествува со два, козметика со седум, а билкарство учествува со еден отсто. Вкупните продажби бележат пораст кај профитните центри фармација и козметика во споредба со остварените во истиот минатогодишен период. Фармација е со раст од 16, а козметика од осум насто.

    „Алкалоид“ редовно инвестира во својот развој. Вкупните инвестиции во трите годинешни тримесечја изнесуваат 20,1 милион евра (1.240.857.214 денари) и во однос на споредбениот период прикажуваат раст од 47 проценти. Ваквиот скок произлегува од реализацијата на најголемиот проект во последните две децении – новото одделение за производство на цврсти форми 2 – со кој се зголемуваат капацитетите на „Алкалоид“ за производство на цврсти форми за повеќе од двапати.

    Како што наведуваат, при извршувањето на оперативните активности компанијата ангажирала повеќе од 1.000 домашни добавувачи.

    Зголемениот обем на работа отвора нови работни места. За девет месеци во шанса да се вработат во „Алкалоид“ добиле 191 лице. Освен тоа, согласно одлуката на УО, во март е одобрен и исплатен К-15 во нето-износ од 36.500 денари. Инаку, Групацијата брои 2.787 вработени, од кои 2.122 се во земјава, а 665 се вработени во подружниците во странство.

    Акцијата на најголемата и најдобра македонска фармацевтска куќа секогаш е во Топ 5 според интересот на инвеститорите за тргување и според ликвидноста. Од јануари до септември нејзината цена се движеше од 17.199 до 18.400, или со просек од 17.682,15 денари. Состојбата од последниот ден на септември покажува дека акциите на „Алкалоид“ се во сопственост на 5.448 акционери, физички и правни лица, a пазарната капитализација на компанијата е над 25,2 милијарди денари, односно речиси 410 милиони евра.

    Компанијата оди понатаму. Според плановите, околу 11 отсто од консолидираните приходи од продажбите ќе завршат во инвестиции, за 10 проценти треба да пораснат консолидираните продажби во однос на 2022 година, а консолидираниот профит пред оданочување – за седум насто.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично