ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I АНТОВА-ПЕШЕВА: Жените се еднакво застапени во ИКТ-секторот како и мажите, но ги нема на раководни позиции

    Време зa читање: 6 минути

    За време на Втората светска војна, жените играле клучна улога на таканаречени „човечки компјутери“ коишто рачно изведувале сложени математички пресметки. Голем дел од овие жени имале факултетско образование, но биле исклучени од други технички области. Како што електронските компјутери започнале да се појавуваат во 1940-тите и 1950-тите, жените продолжиле да играат важна улога во оваа област. Во текот на 1950-тите и 1960-тите години, жените сочинувале значителен дел од работната сила во програмирањето, пишувајќи софтвери за раните мејнфрејм компјутери. Меѓутоа, со растот на индустријата и нејзиното професионализирање во 1970-тите и 1980-тите години, застапеноста на жените во светот на компјутерите започнала да опаѓа. Ова делумно се должи на промената во перцепциите за компјутерите како техничко и „машко“ поле, како и на појавата на нови практики во образованието и работата коишто ги фаворизираат мажите, додека истовремено, инсистираат на улогата на жената во домот. Денес има значително зголемување на бројот на жени коишто се образоваат и работат во оваа област, но дали ги има на раководни функции?

    По повод 8 Март – Меѓународниот ден на жената, порталот Пари разговараше на оваа тема со претседателката на МАСИТ‒ Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии.

    Анета Антова-Пешева е жена претприемач, иноватор, ментор, филантроп. Таа е основач и менаџер на компаниите Ултра и Унет (кои ги раководи веќе 35 години), активен член во повеќе организации, почесен конзул на Канада во Македонија и претседателка на управниот одбор на МАСИТ.

    Пари: Кој е Вашиот клучен предизвик и мотивација за да управувате со кормилото на комората во која членуваат најголем дел од компаниите во ИКТсекторот?

    Антова-Пешева: Пред сѐ, би сакала да истакнам дека позицијата што ја имам во МАСИТ последниве години ја гледам како своевидна конфирмација на сѐ што со компаниите Ултра и Унет (кои ги раководам веќе 35 години) го постигнавме во полето на информатиката, компјутерската техника и телекомуникациите. Асоцијацијата на чие чело сум последнива речиси една декада е навистина најрепрезентативниот претставник на ИКТ-секторот во државата. Во таа асоцијација како компанија сме од самите почетоци и сме една од основачките компании.

    ИКТ-секторот во изминативе години стана една од водечките гранки во економијата на нашата држава и полека си го зазема своето место, имајќи предвид дека без никаква државна помош и без никакви пазарни олеснувања, успеа во изминативе години да оствари годишен обрт од речиси 1,4 милијарди евра. Овој резултат е дополнително важен поради тоа што е остварен од поголем број на мали и средни компании, основани и водени од многу млади луѓе, во кои исто така работат многу едуцирани млади луѓе.

    Ние покажавме со пример како да се биде успешен и во нашава држава и како тој успех да се извезе и продаде насекаде во светот.

    Мислам дека друг ваков пример кај нас нема (или јас не знам) и се надевам дека со времето што доаѓа овој тренд ќе продолжи.

    Пари: Дали постои родов јаз во ИКТсекторот, се изгуби ли перцепцијата дека оваа индустрија е машка професија, има ли евидентен пораст?

    Антова-Пешева: Ова веќе е застарена перцепција што беше актуелна кога јас почнував да работам, пред повеќе од три децении. Тогаш на прсти се броеја девојките коишто завршуваа Факултет за електротехника и информатички технологии. Тогаш навистина состојбата беше таква. Денес е поинаква, и со исклучок на неколку држави во Европа, кои потекнуваат од групата држави коишто имале социјалистичко владеење по војната (Романија, Бугарија, Србија…), морам да констатирам дека девојките се речиси подеднакво застапени во компаниите. Навистина ги нема многу во највисоките раководни позиции, но потребна е малку посериозна елаборација за да се објасни зошто е тоа така.

    Пари: Нашата држава се наоѓа на Балканскиот Полуостров, што во светски рамки традиционално важи за регион што е раководен од мажи. Како да се дестигматизираат таквите верувања и традиции?

    Антова-Пешева: Ако споредиме со тоа колку жени има во другите економски гранки, како во политиката или во јавниот живот, ќе заклучиме дека таму половата рамноправност е катастрофална. Погледнете колку жени има во Собранието, Владата, на раководни функции и во јавниот сектор, и сѐ ќе стане јасно. Од вкупниот број на општини, на позиција градоначалник има само една жена. Би рекла и дека и тие жени што се поставени на некои функции, и покрај нивните способности и знаења, без да навредам никого, како да се поставени со милост на политичките елити коишто по правило се составени од претставници на „посилниот“ пол.

    За среќа, состојбите во ИКТ-секторот сега веќе не се такви. Фактот дека јас подолго време раководам со МАСИТ, а сум првата жена претседател, е уште еден доказ дека работите се менуваат.

    Пари: Вие сте поддржувач на многу проекти за напредок на жената во бизнис-секторот, особено жената како менаџер, претприемач и лидер. Која е Вашата порака од досегашното искуство, на што најмногу треба да се фокусираат жените за да бидат успешни во бизнисот?

    Антова-Пешева: Да, во право сте. Јас повеќе од една декада се борам за правата на жените, особено младите девојки. Учествувам на разни конференции, трибини, и многу често сум ментор на помлади девојки од мене коишто се борат за своето место во овој сѐ уште машки свет.

    Вистинската полова рамноправност доаѓа со финансиската моќ и еднаквост на жените. Затоа ИКТ-секторот предничи во овој поглед, пред сѐ поради финансиската еднаквост. Јас се заложувам да има што е можно повеќе млади девојки во дејностите во кои има висока технологија, знаења и едуцираност. Тие се трите постулати за финансиска рамноправност.

    Ако накратко можам да помогнам, мојата порака до жените коишто сакаат да бидат успешни во бизнис-секторот е: фокусирајте се на самодовербата, константно учете и создавајте силна мрежа на поддршка. Еве неколку клучни насоки:

    Верувајте во своите способности: самодовербата е основата за секој успех. Иако предизвиците се неизбежни, важно е да се остане упорен и истраен.

    Инвестирајте во постојан раст и усовршување: технологијата и трендовите се менуваат брзо. Учењето и прилагодувањето кон новите можности ќе ве направи подготвени за идни предизвици.

    Градете ја својата мрежа на поддршка: изградете и негувајте контакти со други успешни жени и ментори. Тимот околу вас е вашето најсилно оружје за успех.

    И секогаш кога можете ‒ прифатете лидерска улога: бидете храбри да преземете иницијатива и да ја покажете својата визија и талент.

    Со овие вредности, жените ќе можат не само да го најдат своето место во бизнис-светот, туку и да го менуваат!

    Катерина Михајлова

    Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично