ПОВЕЌЕ

    ИНТЕРВЈУ I АНЕТА ИВАНОВСКА: Трансформативната моќ на AI треба да се искористи за индивидуален и за напредок на компаниите

    Време зa читање: 11 минути

    Вештачката интелигенција е корисна алатка само доколку умешно се употребува. Со цел да се овозможи едукација во таа област која брзо напредува и доживува експанзија, создадена е Inspire Academy. Центар за едукација во областа на вештачката интелигенција, која ќе им овозможи на заинтересираните да ја обликуваат иднината со иновации, знаење и етичка примена на AI. Основачи се експерти со долгогодишно искуство. За можностите кои оваа платформа ги нуди и за поединците и за биснисот, порталот Пари разговараше со АI експертот, Анета Ивановска. 

    Пари: Што ве инспирираше да ја создадете Inspire Academy и која празнина во AI едукацијата сакате да ја пополните?

    Ивановска: Како експерт на подрачјето на вештачката интелигенција со долгогодишно искуство, забележувам дека последниве години многу се зборува за вештачката интелигенција, а многумина имаат погрешна претстава во врска со тоа. Вештачката интелигенција не е нова работа, но моментално се случува AI револуција и сведоци сме на екстремно брз развој на AI технологии, кои го менуваат нашиот начин на живот, работа, па дури и менталитетот. Заради брзиот технолошки развој се менуваат и потребите на пазарот на труд, има потреба од нови кадри и професии на подрачјето на вештачката интелигенција, а организациите се натпреваруваат кој побрзо и подобро ќе ги искористи потенцијалите што ги нуди вештачката интелигенција за да ја зголемат својата конкурентна предност. Од друга страна, класичните образовни институции немаат можност да ги менуваат своите образовни програми со такво темпо, какво што наметнува моменталниот технолошки развој и генерално сме потхранети со квалитетен кадар на подачјето на вештачката интелигенција. Тоа е причината заради која ја создадовме Inspire Academyпрва online академија за вештачка интелигенција во Македонија, која нуди комплетна програма на AI обуки за образување кадри, кои ќе може компетентно да се пласираат на пазарот на трудот и да ги искористат потенцијалите на вештачката интелигенција за личен и професионален раст.

    Пари: Што ја издвојува Inspire Academy од другите платформи за AI едукација?

    Ивановска: Разликата помеѓу Inspire Academy и другите платформи за AI едукација е во тоа што нудиме целосен комплет од обуки, кои ги покриваат сите најважни аспекти и AI содржини што еден AI експерт мора да ги владее за да работи како data scientist, data engineer или business analyst – најбараните професии во моментов. Предавањата ги држат во живо меѓународни експерти со практични искуства, што овозможува директен контакт и интеракција со предавачите. Таков начин на едукација води кон подобри резултати и лично задоволство кај слушателите. Стремиме кон индивидуален пристап и нудиме и индивидуални советувања, со цел секој кандидат да ја избере правата насока за себе. Нашата мисија е да креираме квалитетен и компетентен кадар, а истовремено и задоволни поединци, кои смело ќе чекорат и со своето знаење ќе го менуваат светот.

    Пари: Кои се главните предизвици со кои се соочуваат професионалците и компаниите при усвојување на AI, и како Академијата им помага да ги надминат?

    Ивановска: Прв и најголем проблем и предизвик е разбирањето за тоа што е всушност AI и што можеме да направиме со AI. Голем број од луѓето имаат научно-фантастична или дистописка претстава, многу имаат страв, а некои, пак, имаат нереални очекувања дека може да се прават чуда. Усвојувањето на AI во компаниите е процес кој бара промена на работните процеси од поставување инфраструктура на податоци и податочни бази, до употреба на машинско учење (AI) за анализа на податоците и генерирање ново знаење, кое претставува додадена вредност во компанијата, па сѐ до одржување и мониторинг на AI моделите и целокупниот процес. Обуките што ги нудиме во нашата академија овозможуваат слушателите да го добијат потребното знаење и разбирање на сите процеси потребни за успешно воведување на AI во компаниите. Само со продлабочено знаење и разбирање на AI техниките може да биде воведувањето во компаниите успешно, инаку е осудено на неуспех.

    Пари: Вашите едукатори имаа повеќе од 45 години колективно искуство. Како тоа го обликува процесот на учење во Inspire Academy?

    Ивановска: Сите наши едукатори се експерти на AI подрачјето кое го предаваат, со успешна кариера и практични искуства во меѓународен контекст. Тоа се амбициозни и ентузијастични професионалци, кои се во тек со најновите AI трендови и со желба за пренесување на своето знаење на заинтересирана публика. Сето тоа овозможува современо и динамично едукативно искуство кое, веруваме, е на задоволство на нашите студенти, како и на едукаторите.

    Пари: Која е вашата улога во креирањето на наставната програма? Кои уникатни увиди ги носите во академијата?

    Ивановска: Со вештачка интелигенција се занимавам веќе 20 години – прво како докторски студент на Истражувачкиот институт Јожеф Стефан во Љубљана, Словенија, потоа како истражувач на тој Институт, каде што работев на многу европски истражувачки проекти. Од 2018 година предавам како вонреден професор на Универзитетот во Нова Горица и ги водам магистерските студии, а од 2022 година преминав од истражувачката улога во Институтот, во улогата на директор за вештачка интелигенција во водечка меѓународна софтверска фирма во крузинг индустријата. Таквиот професионален пат ми овозможи непроценливи искуства на различни подрачја, од наука, образование, до бизнис. Тие искуства ми помогнаа во креирањето на наставната програма на Академијата, бидејќи од една страна сум во тек со најновите AI трендови и ги познавам потребите на компаниите по воведување на вештачка интелигенција и образување компетентен кадар, а од друга страна ги познавам образовните процеси. Затоа, наставната програма е обликувана на модерен и модуларен начин и може да се прилагоди на потребите на секој поединец, а и да се менува и подобрува согласно брзиот технолошки развој.

    Пари: Како вашите курсеви го балансираат теоретското знаење со практичната, реална примена на вештачката интелигенција?

    Ивановска: Сите наши курсеви се обликувани така за студентите да добијат доволна теоретска основа, да ги разбираат основните концепти на подрачјето што го покрива курсот, но да имаат и практична работа на самите предавања, а и дома. На крајот на секој курс изработуваат мини-проект, преку кој можат да го проверат своето практично знаење стекнато во текот на курсот. По завршувањето на курсот ќе бидат подготвени за самостојна работа и практична примена на добиеното знаење.

    Пари: Како се одвива процесот на учење на Inspire Academy? Дали курсевите се повеќе насочени кон самостојно учење или има активна интеракција со едукатори и ментори?

    Ивановска: Курсевите ќе бидат онлајн, но во живо (и не со снимени предавања) со нашите инструктори преку најсовремена онлајн едукативна платформа. Предвидени се мали групи, со што ќе биде овозоможена интеракција со инструкторите, кои ќе одговараат на прашањата од студентите. Со тоа сакаме да го максимизираме едукативниот процес и резултатите на нашите студенти. Студентите ќе добиваат и задачи, кои ќе треба да ги изработат самостојно дома, по што ќе може да се консултираат околу резултатите, или потенцијалните проблеми со инструкторите.

    Пари: Кои се најчестите предизвици што студентите ги имаат при учењето на AI и како ги совладуваат?

    Ивановска: Од моето искуство забележувам дека најчестите предизвици кај студентите се разбирањето на основните теоретски AI концепти и процеси. Совладувањето на некоја AI алатка може да биде брзо и едноставно, но без знаење кога, каде и како треба да се употреби за да се добие максимален резултат, сѐ е залудно. Затоа нашата програма е обликувана да нуди баланс меѓу теоретски и практични содржини, за студентите да добијат солидно и практично знаење, кое ќе може добро да го искористат во професионалниот свет.

    Пари: Давате сертификати за поединечни курсеви и за целосни кариерни патеки, како што е Data Scientist или Data Engineer. Каква вредност имаат овие сертификати во индустријата?

    Ивановска: Курсевите и кариерните патеки се дизајнирани според реалните барања на пазарот и соработуваме со експерти од индустријата за да се осигураме дека содржината ги покрива најновите технологии, алатки и вештини што ги бараат работодавачите. Покрај едукацијата, студентите ќе имаат можност да се поврзат со различни AI експерти, со што ќе станат дел од поширока професионална мрежа, преку која ќе може полесно да ја откријат својата кариерна патека. Заради ова нашите сертификати не се само фомрмални документи, туку вистински доказ за знаење и вештини, кои работодавачите ги препознаваат и ценат.

    Пари: Како гледате на иднината на пазарот на труд во контекст на вештачката интелигенција? Кои професии ќе бидат најбарани?

    Ивановска: Пазарот на трудот се менува со голема брзина последниве години и очекувам дека тој тренд ќе трае и во следните 10 години. Има голема побарувачка на професии на подрачјето на вештачката интелигенција и секој што сака да го искористи моменталниот тренд во своја корист, ќе мора да се (до)едуцира и да го искористи моментот и големата побарувачка на AI кадри.

    Пари: Колку е важно за компаниите да инвестираат во AI едукацијата за своите вработени?  

    Ивановска: Сите поголеми и успешни компании кои имаат свои IT тимови, ја имаат сфатено предноста и инвестираат во AI едукација на своите вработени, бидејќи таа инвестиција во сопствениот кадар е помала од трошоците за outsourcing на надворешен кадар. Со оглед на тоа што вештачката интелигенција станува незаменлив дел од нашите животи, успешните компании се свесни дека воведувањето на вештачка интелигенција во своите процеси ќе биде долготраен проект и тоа бара компетентен и перманентен кадар за успешна работа и управување со AI технологиите.

    Пари: Кои се вашите долгорочни цели за Inspire Academy? Дали планирате проширување во нови AI-области или корпоративни тренинг-програми?

    Ивановска: Секако. AI подрачјето постојано еволуира и ние ќе еволуираме со него. Покрај основните обуки неопходни за стекнување потребни компетенции за моменталната побарувачка на пазарот на труд, ќе воведуваме нови, зависно од актуалните AI теми и трендови. Планираме да нудиме и персонализирани корпоративни тренинг-програми, при што ќе ги прилагодиме обуките да одговараат на индивидуалните потреби на компаниите. Исто така, планираме да ја прошируваме нашата дејност и на меѓународно ниво.

    Пари: Ако некој размислува да се приклучи на Inspire Academy, што би му рекле за да го убедите дека ова е вистинското место за развој на неговите AI вештини?

    Ивановска: Inspire Academy е вистинското место за секој што сака да добие продлабочено и целосно знаење за развој на своите AI вештини. Предавањата во живо од страна на признаени експерти и малите групи што овозможуваат интеракција на студентите со инструкторите, ги максимизира образовните резултати. Inspire Academy е вистинското место за секој што сака да го „јавне“ бранот на моменталната AI револуција и максимално да ги искористи можностите што таа ги нуди.

    Пари: Кои се плановите за проширување на Академијата? Дали размислувате за нови образовни насоки, како AI во биотехнологијата, финансиите или креативните индустрии?

    Ивановска: Да, имаме планови за проширување и на други подрачја и да нудиме и други современи и интересни содржини за професионален и личен развој. Засега тоа нека остане тајна, но ќе објавуваме новости на социјалните мрежи (LinkedIn, Instagram и Facebook), така што сите заинтересирани ќе бидат навремено известени.

    Пари: Планирате ли организирање на настани, конференции или хакатони каде што студентите ќе можат да ги покажат своите вештини и да се поврзат со индустријата?

    Ивановска: Организирањето едукативни настани, вебинари, конференции или хакатони е, секако, дел од нашата визија за Inspire Academy. Нашето богато професионално искуство и широката мрежа на експерти ни овозможува, покрај класичната едукативна програма, да нудиме и други видови едукација за пошироки маси луѓе. Со тоа сакаме да станеме препознатлив бренд на подрачјето на едукацијата во регионот и пошироко.

    Пари: Кој совет би им го дале на оние што се двоумат дали да почнат да учат AI? Дали е предоцна за луѓето што доаѓаат од други индустрии?

    Ивановска: Махатма Ганди рекол „Живеј како да ќе умреш утре. Учи како да ќе живееш вечно“. Никогаш не е доцна да научиме нешто ново и да освоиме нови вештини. Бидејќи нашите програми се модуларни и покриваат од основни до напредни AI содржини, може да се приклучи било кој, од било која индустрија и да ги добие потребните вештини да работи како AI експерт. Само тие што се подготвени да инвестираат во своето знаење, во својот личен и професионален раст, стануваат успешни луѓе и професионалци. Мојот совет е: не чекајте, пријавете се на обука и искористете ја трансформативната моќ на вештачката интелигенција за да напредувате индивидуално, или заедно со својот тим или компанија.
    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично