Прометот во македонската индустрија во мај годинава е зголемен за 0,8 насто на годишно ниво. Носители на растот главно се капиталните производи, додека продажбата на домашниот пазар и натаму бележи пад.
Според најновите податоци на Државниот завод за статистика, најголем е придонесот на капиталните производи, каде што прометот е повисок за 5,3 насто. Наспроти тоа, прометот кај интермедијарните производи (без енергија) е намален за 0,7 отсто, кај трајните производи за широка потрошувачка за 6,9, а кај нетрајните производи за 3,5 отсто.
Иако вкупниот промет е во позитивна зона, разликата меѓу домашниот и странските пазари останува изразена. На домашниот пазар прометот во мај е намален за 1,8 отсто, а на странските пазари е зголемен за 1,8 насто споредено со мај минатата година.
На месечно ниво, во однос на април, индустрискиот промет е намален за 0,6 отсто. Во првите пет месеци од годинава регистриран е минимален раст од 0,3 насто.
Најголемо влијание врз растот имале, според Статистика, имале: производството на машини и уреди со раст на прометот од 18,8 насто; производството на други неметални минерални производи со 5,1 насто; и производството на фабрикувани метални производи со 1,5 насто.
Меѓу поизразените позитивни движења се издвојува и производството на компјутерски, електронски и оптички производи, каде што прометот е повисок за 30,6 насто, како и вадењето руди на метал со раст од 15,8 насто.
Најголеми падови има кај производството на кожа и производи од кожа (- 28,1 %), производството на облека (- 15,2 %), производството на мебел (- 9,8 %) и кај производството на моторни возила, приколки и полуприколки (- 9,2 %).
Иако во мај извозните пазари го амортизираа падот на домашната продажба, кумулативните резултати за првите пет месеци покажуваат дека индустријата и понатаму расте многу бавно. Во периодот јануари – мај 2026 година, вкупниот промет е повисок за само 0,3 насто во однос на споредбениот период. Притоа, домашниот пазар бележи раст од 1,2 насто, а прометот на странските пазари е зголемен за 0,2 насто.
Аналитика








