ПОВЕЌЕ

    Француската влада попушта пред средношколците: 3.000 наставници за замена и нови мерки по жестоките протести

    Време зa читање: 5 минути

    Француската влада почна да отстапува пред повеќенеделниот притисок на средношколците. По новиот бран протести и блокади, Министерството за образование најави распоредување на повеќе од 3.000 наставници за замена во училиштата, дополнителни вработувања и консултации со учениците, додека премиерот Себастиен Лекорни најави дека дел од барањата може да влезат и во буџетот за 2027 година.

    Министерот за образование Едуар Жефре соопшти дека 3.024 наставници за замена, кои моментално не се распоредени пред ученици, ќе бидат испратени во училиштата, со приоритет на 114 средни училишта каде недостигот од кадар е најизразен. Владата најавува и дополнителни вработувања и пофлексибилен систем за краткорочни замени.

    Паралелно, во средните училишта е воведен посебен термин за разговор со учениците за нивните проблеми и очекувања, а национална онлајн консултација треба да трае до 23 октомври. Лекорни најави и дека владата ќе разгледа измени на буџетот за 2027 година ако дел од барањата на учениците се преточат во конкретни мерки.

    Но за ученичките организации тоа засега не е доволно. Тие бараат многу поширок пакет – околу 10 милијарди евра за обновување на училиштата, повеќе наставници и друг персонал, подобри услови за работа и реформа на делови од образовниот систем.

    ПРОТЕСТИТЕ НЕ СТИВНУВААТ

    И покрај првите отстапки на владата, мобилизацијата продолжува.

    На 8 октомври низ Франција протестираа околу 71.500 луѓе, од кои околу 24.500 во Париз, според официјалните податоци. Во повеќе градови имаше блокади на училишта, а во Париз повторно дојде до судири со полицијата и употреба на солзавец.

    Министерството за внатрешни работи на Франција соопшти дека полицијата уапсила повеќе од 500 лица.

    Бранот протести започна на 21 септември во едно средно училиште во сиромашен дел на Париз.

    Оттогаш, десетици илјади ученици низ земјата маршираа со низа барања – од реновирање на училишните згради до намалување на бројот на часови во училница.

    Нов ден на протести е најавен за 13 октомври.

    Иако учеството на наставниците во штрајкот е поограничено, ученичкото движење продолжува да се шири и веќе не се сведува само на класичен синдикален протест.

    ЗОШТО УЧЕНИЦИТЕ ИЗЛЕГОА НА УЛИЦА?

    Незадоволството не го предизвика една конкретна владина одлука.

    Протестите се резултат на наталожени проблеми во француското јавно образование: недостаток на наставници, незаменети професори, пренатрупани паралелки, дотраени училишни згради и големи разлики меѓу училиштата во богатите и сиромашните делови на земјата.

    Во дел од средните училишта паралелките бројат 35 до 40 ученици, а учениците се жалат и на лоша изолација, протекување, неисправни санитарни јазли и проблеми со греењето и ладењето.

    Француското Министерство за образование признава дека околу 10% од наставните часови во текот на годината не се одржуваат, меѓу другото и затоа што нема доволно замени за отсутните наставници.

    PARCORSUP КАКО КОРЕН НА НЕЗАДОВОЛСТВОТО

    Дополнителен проблем се долгите училишни денови. Дел од учениците велат дека престојуваат во училиштата од рано наутро до 18 или 19 часот, со големи празнини меѓу часовите.

    Еден од најчесто споменуваните извори на незадоволство е Parcoursup, системот преку кој матурантите аплицираат за високо образование.

    Учениците го критикуваат како сложен, неразбирлив и премногу стресен, а дел од ученичките организации бараат темелна промена или укинување на сегашниот модел.

    Во основата на протестите е и чувството дека местото каде што живее едно дете сè повеќе го одредува квалитетот на образованието што ќе го добие. Протестите токму затоа најсилно започнаа во дел од париските предградија, каде училиштата имаат поголем недостиг од наставници и послаба инфраструктура.

    ПОЛИЦИСКОТО НАСИЛСТВО ГО ДОЛЕА МАСЛОТО НА ОГНОТ

    Во последните недели протестите добија и втора димензија – реакцијата на полицијата.

    Неколку тешки повреди на малолетни демонстранти предизвикаа дополнителен гнев. Особено силни реакции предизвика случајот со 15-годишен ученик во Lens, кој ја загуби шаката откако подигнал полициска граната што експлодирала.

    Од почетокот на протестите се приведени повеќе од 6.600 лица, голем дел од нив малолетници. Истовремено, француските власти наведуваат дека во насилните инциденти биле повредени и полицајци и училишен персонал.

    По критиките, Министерството за внатрешни работи ја суспендираше употребата на одреден тип stun-гранати при интервенции против малолетни демонстранти, а повеќе случаи на полициско постапување се предмет на истрага.

    ФИНАНСИСКИТЕ ПРОБЛЕМИ НА ФРАНЦИЈА СЕ РЕФЛЕКТИРААТ НА ОБРАЗОВАНИЕТО

    Главната дилема за француската влада е финансиска.

    Немирите се случуваат во време кога Франција расправа за буџетот за 2027 година, во кој образованието добива второ најголемо зголемување на средствата по одбраната – раст од 1,4 отсто, достигнувајќи 90,9 милијарди евра.

    Учениците бараат повеќе пари за училиштата токму во момент кога државата се обидува да го намали буџетскиот дефицит и се соочува со висок јавен долг.

    Затоа протестите прераснаа од образовен спор во поширок судир околу состојбата на јавните услуги.

    За учениците проблемот е едноставен: тие сметаат дека училиштата стануваат полоши, наставници има сè помалку, притисокот врз нив расте, а шансите не се еднакви за сите.

    Владата со најновите мерки покажува дека почнала да го признава проблемот. Министерот за економија Ролан Лескјур оваа недела изјави дека постои простор да се излезе во пресрет на барањата за повеќе ресурси за училиштата.

    Но, дали 3.000 наставници за замена и најавените консултации ќе бидат доволни за да ги тргнат средношколците од улиците, ќе се види веќе на следната национална мобилизација.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично