На компанијата за фармацевтски канабис СИНЦЕРИТАС АД лани одлично ѝ одел бизнисот. Компанијата има раст на добивката од дури 1.506,7 насто, што ѝ обезбедило 56. место во друштвото на најпрофитабилни компании. Минатогодишната добивка ѝ е 5,2 милиони евра, за разлика од добивката во 2024 година, кога направила чист профит од 323.000 евра. Растот на профитот е многу поголем од растот на приходот, кој станал „само“ двојно поголем во 2025 година – од 5,5 милиони евра на 11 милиони евра.
Анализата на Пари за првите 100 фирми со најголеми добивки во 2025 година, направена во соработка со Бизнис мрежа, покажува дека има компании со драматичен раст на добивката во однос на 2024 година, но има и компании коишто имаат значителен пад, а со високи износи на добивки што ги внесува на списокот на високо профитабилни компании.
ИТАЛ МАРМО ЛАНИ МЕЃУ БИЛА НАЈПРОФИТАБИЛНИТЕ, СЕГА Е БЛОКИРАНА
Рекордниот раст од 1.506,7 насто на добивката на СИНЦЕРИТАС АД е далеку пред сите други што имале раст на својот профит. Но сепак, и компанијата зад неа по раст на добивката има евидентирано раст од 498,4 насто. Станува збор за ИТАЛ МАРМО, која во 2024 година имала профит од 1,1 милион евра, а во 2025 година од 6,8 милиони евра. Со слично темпо растел и приходот, кој лани достигнал 7,6 милиони евра. Податоците покажуваат огромна профитна маржа од дури 89,9 насто, односно компанијатa имала минимални трошоци. Оваа компанија е со шифра Купување и продажба на сопствен недвижен имот, но, како што покажуваат податоците од Бизнис мрежа, моментално е под блокада поради долг кон УЈП.
Добивката на охридски КОСТАЛ скокнала од 1,8 на 7,6 милиони евра, со што е реализиран раст од 310 насто. Германската групација во Македонија произведува делови за автомобилската индустрија. Растел и нејзиниот приход, но со помала динамика од растот на добивката – од 149 милиони евра на 244,8 милиони евра.
Речиси и нема некој што не е запознат со текстилниот бренд Ваикики. Друштвото за трговија и услуги ЛЦ ВАИКИКИ РЕТАИЛ МК ДООЕЛ Скопје лани направило добивка од 3,8 милиони евра, што е за 257,7 насто поголема од 2024 година, кога изнесувала 1 милион евра. Инаку, компанијата и во 2024 година и во 2025 година имала сличен приход од околу 40 милиони евра.
Уште една компанија што се занимава со продажба на мода имала огромен раст на добивката. М.Г.Фешн ДОО увоз-извоз имала раст на добивката од 203,3 насто – од 1,6 на 4,8 милиони евра. Во продавниците на М.Г.Фешн лани граѓаните оставиле 32,2 милиони евра, а во 2024 година прометот бил 8,3 милиони евра.
Извор: Бизнис мрежа
ЕНЕРГИЈАТА И БЕНЗИНОТ НЕ ЗНАЧАТ СЕКОГАШ РАСТ НА ДОБИВКИ
Списокот на компании кај кои има најголем пад на добивки, иако тие и понатаму се високопрофитабилни, изгледа малку невообичаено. На него гледаме дистрибутер на нафтени деривати, рудник, енергетска компанија, како и производител на електрична и топлинска енергија.
Извор: Бизнис мрежа
ПУЦКО ПЕТРОЛ имала најголем пад на добивката меѓу 100-те најголеми компании по профит. Падот е 69,9 насто, со што добивката од 13,2 милиони евра во 2024 година се намалила на речиси 4 милиони евра во 2025 година. Компанијата имала и пад на приходот, но помал, од 9 насто, односно од 79 на 72 милиони евра.
Помала добивка се ископала и во рудникот САСА. Падот е 69,7 насто, но тоа сè уште значи висок профит од 4,2 милиони евра во 2025 година. Во 2024 година профитот бил 13,9 милиони евра. Приходот, пак, растел. Растот во 2025 година во однос на 2024 година е 5,1 насто – од 94,8 на 99,7 милиони евра.
ТЕ-ТО е производител на струја и истовремено производител на топлинска енергија. Добивката во 2025 година му се намалила за 59,5 насто, односно паднала од 26,1 на 10,6 милиони евра. ТЕ-ТО лани направил приход од 165,6 милиони евра, што е за 8 насто повеќе отколку во 2024 година
Се преполовила добивката на ЕВН Македонија, односно се намалила за 57,6 насто, од 27,2 на 11,5 милиони евра. Во ЕВН лани се слеале 69,8 милиони евра, што е за 17,5 насто помалку отколку во 2024 година, кога приходот ѝ бил 84,7 милиони евра.
ЕКСКЛУЗИВНО НА „ПАРИ“: Кои 100 фирми прават најголеми профити?
Друштвото за производство на акумулатори ТАБ МАК ДООЕЛ од Пробиштип евидентирало пад на добивката од 49,8 насто – од 7,7 милиони евра на 3,8 милиони евра. Оваа компанија имала намалување на приходот, но процентуално помало отколку кај добивката. Приходот се намалил за 2,3 насто – од 122,5 милиони евра на 119,7 милиони евра.
Редакција Пари
Лектор: Христина Ангелеска-Мијоска
Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
Аналитика








