
Повеќе луѓе ќе живеат до 90 години, но Европа ќе има сè помалку жители. Ова е парадоксот што го открива најновиот извештај на Европската комисија – континентот никогаш немал подобра здравствена заштита и подолг животен век, но истовремено се соочува со најголемата демографска трансформација во својата современа историја.
Според третиот извештај за демографската трансформација на Европската Унија, населението на блокот ќе достигне врв од околу 453,3 милиони жители во 2029 година, а потоа ќе започне долгорочен пад. До 2050 година бројот на жители ќе се намали на околу 445 милиони, додека до 2100 година ќе достигне 398,8 милиони, што претставува намалување од 11,7 проценти и враќање на нивото на население забележано во 1970-тите години.
Причината не е зголемена смртност, туку комбинација од ниски стапки на наталитет и сè подолг животен век.
Во 2024 година, очекуваниот животен век при раѓање во ЕУ достигна 81,5 години, што е највисоко досега и е резултат на подобрената здравствена заштита, повисокиот животен стандард и подобрите социјални услови.
Проекциите покажуваат дека до крајот на векот жените во Европската Унија би можеле да живеат повеќе од 90 години, а мажите повеќе од 86 години. Дополнително, дете родено во ЕУ во 2023 година може да очекува да живее 75,3 години без сериозни здравствени ограничувања, покажуваат анализите на Заедничкиот истражувачки центар на Европската комисија.
Но, подолгиот живот носи и сериозни економски последици.
До 2050 година речиси секој трет жител на Европската Унија ќе биде постар од 65 години, додека денес во оваа возрасна група припаѓа секој петти жител. Во исто време, се очекува бројот на лица постари од 80 години да се удвои.
Ова значи значително поголем притисок врз здравствениот систем, пензиските фондови и системите за долгорочна нега. Европската комисија проценува дека бројот на луѓе на кои ќе им биде потребна долгорочна грижа ќе порасне од 36 милиони денес на 48 милиони до 2070 година.
Дополнителен проблем е намалувањето на работната сила. Во моментов, околу 20 проценти од работоспособното население во ЕУ е надвор од пазарот на трудот, додека околу осум милиони млади не се ниту вработени, ниту се образуваат, ниту посетуваат обуки (NEET). Родовиот јаз во вработеноста останува околу 10 проценти.
Според Европската комисија, токму затоа Унијата ќе мора значително да ја зголеми продуктивноста, да ја подобри вклученоста на пазарот на трудот и да инвестира во преквалификација и доусовршување на работниците.
Во извештајот се наведува дека квалификуваната миграција веќе игра важна улога во ублажувањето на недостигот од работна сила. Сепак, таа сама по себе нема да може целосно да ги компензира последиците од стареењето на населението.
И покрај предизвиците, Европската комисија гледа и нови економски можности. Стареењето на населението го поттикнува развојот на таканаречената „сребрена економија“ – пазар кој опфаќа производи и услуги наменети за постарата популација, од здравствени технологии и дигитални услуги до домување, туризам и финансиски производи.
„Населението на Европа се менува, а политиките на Европа мора да се менуваат заедно со него. Живееме подолг и поздрав живот од кога било досега – тоа е едно од нашите најголеми достигнувања. Но демографските промени ги преобликуваат нашите општества, економии и пазари на трудот и мора да дејствуваме сега за оваа трансформација да ја претвориме во можност“, изјави европската комесарка за Медитеранот, Дубравка Шуица.
Новите демографски проекции јасно покажуваат дека најголемиот предизвик за Европа во следните децении нема да биде само колку долго ќе живеат луѓето, туку дали ќе има доволно луѓе што ќе работат, ќе придонесуваат во пензиските системи и ќе ја одржуваат економската активност. За многу земји-членки, токму ова ќе биде една од клучните економски теми на 21 век.
Аналитика








