ПОВЕЌЕ

    Елмедин Адеми и „Еуровиа“: На јадицата илјадарки – во мрежата милиони

    Време зa читање: 5 минути

    Со вкупно донирани 71 илјада евра на ДУИ, фирмата и сопственикот само од два тендери добиваат близу четири милони евра, што асоцира на она – фрли рипче да фатиш крапче

    Најдарежливиот донатор на ДУИ од минатата година, повторно се издвојува како најповолен понудувач на тендер и ги елиминира останатите три конкурентски пријави. „Еуровиа“ ДООЕЛ од Желино во рок од неколку месеци по втор пат успева да ја совлада конкуренцијата и одново е победник на милионски тендер. Со 1,8 милиони евра треба да го преадаптира Спортскиот центар „Борис Трајковски“ за конференцијата на министерскиот совет на ОБСЕ. Тендерот го распиша Министерството за надворешни работи. А, со нешто над два милиони евра ќе ја изгради новата полициска станица Аеродром, каде што носител на набавката е МВР. Во портфолиото на „Еуровиа“ евидентирани се и други тендерски успеси, но ова се последните два. Засега.

    Младиот бизнисмен Елмедин Адеми и неговата фирма имаат полни раце работа, што се потврдува и низ официјалните бројки.

    ПРОФИТОТ ЗАБРЗАНО РАСТЕ

    Во последниве пет години бизнисот расте. Секој нареден чекор е поголем од претходнот. Така покажуваат движењата кај приходите:

    ГодинаПриход (во евра)
    20182,9 милиони евра
    20193,3 милиони евра
    20203,5 милиони евра
    20217,4 милиони евра
    202214,9 милиони евра

    И, само за една година (2021-2022) приходите имаат раст од 101,72 проценти.

    Секако дека во тој перод напредува и профитот на фирмата, а забрзувањето е забележливо, исто како и кај приходите, во последните две години:

    ГодинаПрофит (во евра)
    2018230.000 евра
    2019275.000 евра
    2020469.000 евра
    2021576.000 евра
    2022787.000 евра

    Годишниот раст на добивката (лани во однос на преклани) е 36,46 насто.

    Просечниот број вработени варира од 33 до 48, што е и последната состојба од крајот на минатата година.

    „Еуровиа“ има бонитетна оцена Д Е.

     

    ДИПЛОМИРАН КОМПЈУТЕРЏИЈА СО ИЗРАЗЕНИ БИЗНИС АФИНИТЕТИ

    „Википедија“ знае се за секого, па има податоци и за Елмедин Адеми, кој своето образование го заокружил со диплома од Факултетот за компјутерски науки при Универзитетот на Југоисточна Европа. Меѓу другото, може да се прочита:

    „Македонски претприемач, основач и извршен директор на Screen Media (‘Скрин Медија’) и на градежната компанија EUROVIA (‘Еуровијa’)“.

    Понатаму вели дека „Скрин Медија“, врз основа на годишниот промет, од 2015 е прва во рекламната индустрија за надворешно рекламирање. Истата таа година Адеми бил прогласен за еден од најуспешните бизнис-претприемачи во Македонија. Веќе наредната 2016 ја добил „националната награда за Македонија на Европските бизнис награди“.

    За „Еуровиа“ пишува дека е „семејно претпријатие основано од 1978 година, специјализирано за проектирање и изградба на каков било вид на објект, комерцијален или индустриски“. Но, се додава дека „претприемништвото достигна тотално поинакво ниво во 2019 година, како година во која групацијата Еуровиа под надзор на Елмедин Адеми, влегува на албанскиот и косовскиот пазар, со своите проекти за инвестиции во недвижнини“.

    Исто така, наведен е и податокот дека „англиската фондација ACCOLA во 2017 година во можности за партнерство, ангажираше професионални проценувачи и ревизори, со што имотот на бизнисите на Елмедин биле проценети на 12 милиони евра“.

    И, освен информациите за брачен статус и деца, запишано е дека има и братучед – Абдилаќим Адеми. Кој беше поранешен министер, односно во времето кога ДУИ коалицираше со ВМРО-ДПМНЕ, тој беше вицепремиер за спроведување на Рамковниот договор, а ги водеше и ресорите животна средина и просторно планирање и образование и наука.

    Сепак, има и други елементи освен овие содржани на„Википедија“. „Еуровиа“ е сопственик на фирмата за производство за електрична енергија „Енерго-Виа“, формирана во 2019 година. Сопственик, пак, на „Еуровиа“ е „Еуровиа холдинг“, во чии рамки е споменатата мошне успешна „Скрин медиа“. Која, според податоците на Државниот завод за ревизија, за локалните избори добила државни пари за рекламирање на билборди на Алијанса за Албанците, СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, БЕСА, ДПА, Левица и ДУИ.

    И ЕЛМЕДИН И ФИРМАТА ДОНИРААТ ЗА ДУИ

    „Еуровиа Холдинг“ е во сопственост на Елмедин Адеми и Елдин Адеми. Вториов со статус шеф на огранокот на ДУИ во Јегуновце. Младиот бизнисмен ја помогнал ДУИ си донирани 2.509.200 денари или близу 41 илјада евра. Износ кој трикратно го надминува законскиот праг за донација од поединец. И неговата „Еуровиа“ го одврзала кесето и за партијата дала поддршка од 1.845.000 денари, односно 30 илјади евра. Тоа ја исфрлило на првото место меѓу донаторите – правни субјекти.

    Сепак, и во овој случај, се е согласно Законот. За Министерството за надворешни работи пресудна била – цената. „Избраната компанија имаше понудено убедливо најниска цена, која достигнува разлика и до два и пол пати пониска од треторангираната и четврторангираната компанија“, и пишаа на јавноста од МНР. Притоа, посочуваат, се почитувале начелата на економичност, ефикасност и ефективност на користењето на јавните средства“.

    И образложуваат дека „се работи за адаптација на просторот според услови што ги побарала самата организација и според безбедносните протоколи за прием на 70 министри за надворешни работи“.

    Со слично соопштение се јави и МВР, од каде „Еуровиа“ го доби тендерот по три претходно поништени постапки: „„Спроведена е комплетно транспарентна јавна набавка и избрана е најдобрата понуда. Избран е најповолен понудувач од 12 поднесени понуди, по спроведена аукција на која наддавале 7 понудувачи. Тоа дали и кому некоја фирма донирала, за јавната набавка нема апсолутно никаква важност. Единствено важно е дека се испочитувани сите законски процедури“.

    Како и да е, работа има и за антикорупцонерите. Дражавната комисија за спречување на корупцијата ќе го разгледува случајот во кој тендерот од 1,8 милиони евра го добива најголемиот донатор на ДУИ, чиј репрезент е и министерот за надвореши работи.

    Р.П

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично