Доволни се два тесни морски премина за да се разниша целиот светски пазар на енергија. Додека сообраќајот низ Ормускиот Теснец останува речиси запрен, нападите врз танкери во Црвеното Море ја загрозија и главната алтернативна рута за извоз на нафта од Заливот.
Цената на нафтата од типот „брент“ на 23 јули повторно достигна 100 долари за барел. Тоа е речиси една третина повеќе во споредба со најниското ниво од минатиот месец, иако цената сè уште е под априлскиот врв од 126 долари.
Новиот раст следува по засилувањето на нападите меѓу САД и Иран и по влегувањето на јеменските Хути во конфликтот. Групата, која има поддршка од Техеран, ја презеде одговорноста за нападите врз два саудиски нафтени танкери и се закани дека дополнително ќе го наруши комерцијалниот сообраќај во Црвеното Море.
Токму оваа рута во изминатиот период служеше како вентил за извозниците од Заливот. Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати користеа цевководи до пристаништа надвор од Персискиот Залив, од каде што нафтата продолжуваше кон светските пазари преку Црвеното Море.
Според процените на „Ристад енерџи“, пред најновите напади низ теснецот Баб ел-Мандеб се превезувале околу 2,5 милиони барели саудиска нафта дневно. Целата рута преку Црвеното Море им овозможувала на Саудиска Арабија и ОАЕ да извезуваат околу 6,8 милиони барели дневно – приближно половина од количината што вообичаено минува низ Ормускиот Теснец.
Ако и двете рути подолго време останат блокирани или небезбедни, пазарот би можел да се соочи со сериозно нарушување на снабдувањето. „Голдман Сакс“ проценува дека во такво сценарио „брент“ би можел да достигне 120 долари за барел до последниот квартал од годината. Основното сценарио на банката, сепак, предвидува цена од околу 80 долари.
Поскапувањето веќе стигнува до бензинските пумпи. Просечната цена на бензинот во САД се искачи на 4,09 долари за галон, наспроти 3,92 долари пред еден месец.
Во Германија, литар бензин достигна речиси 2,15 евра, што е за 33 центи повеќе од неодамнешното најниско ниво. Дизелот поскапе на речиси 2,18 евра за литар, во споредба со 1,73 евра пред еден месец.
Повисоки цени и недостиг на гориво се забележуваат и во делови од Јужна и Југоисточна Азија. Во Индија цените засега се претежно непроменети, бидејќи државните нафтени компании апсорбираат дел од дополнителните трошоци.
Алтернативата за бродските компании е заобиколување на Африка. Но, таквото патување може да трае до четири недели подолго и да создаде дополнителни трошоци за гориво од повеќе од еден милион долари по пловидба. Во исто време, растат и премиите за осигурување од воен ризик.
Дополнителна неизвесност создаваат и намалените стратешки резерви. Во првите недели од конфликтот, САД и други земји ослободија милиони барели за да го ублажат растот на цените. Сега резервите се пониски, а нивното повторно надополнување би било значително поскапо.
Дел од аналитичарите не ја исклучуваат можноста САД да воведат ограничувања за извоз на сурова нафта или нафтени деривати за да им дадат предност на домашните потрошувачи. Во април американскиот извоз достигнал 5,6 милиони барели дневно.
Во исто време, Кина во првите месеци од конфликтот го намали увозот на нафта на речиси најниско ниво во последната деценија, користејќи ги големите домашни резерви. Но, нивното постепено трошење може да го натера Пекинг повторно да ги зголеми набавките во втората половина од годината.
Тоа би создало уште поголема конкуренција за ограничените количества на светскиот пазар. Засега цената од 100 долари покажува дека трговците веќе плаќаат повисока премија за ризик. Доколку Ормуз и Црвеното Море останат нарушени, тој ризик брзо може да се претвори во нов ценовен шок за горивата, транспортот и целата глобална економија.
Аналитика








