ПОВЕЌЕ

    ДИМИТРИЕСКА-КОЧОСКА: Јавните финансии се стабилни, фокусот е на инвестициите

    Време зa читање: 2 минути

    Во услови на геополитички тензии, повисоки цени на енергенсите и неизвесност на светските пазари, Владата го претставува ребалансот на Буџетот за 2026 година како обид да ги приспособи јавните финансии на новите економски околности, но и да го задржи инвестицискиот циклус.

    Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска во интервју за „Плусинфо“ изјави дека ребалансот не е последица на проблеми со буџетските приходи или со ликвидноста, туку развоен документ со кој се обезбедуваат дополнителни средства за капитални инвестиции, поддршка на граѓаните и економски раст.

    Според неа, со измените во Буџетот се гарантира редовната исплата на платите, пензиите, социјалните надоместоци и другите законски обврски на државата. Истовремено, се зголемуваат средствата за капитални проекти, земјоделство, социјална заштита, образование, спорт и локален развој.

    „Во услови на веќе обезбедени стабилни буџетски приходи и јавни финансии, акцентот сега го ставаме на капиталните инвестиции. Инвестициите што денес ги реализираме во патишта, железници, енергетика, образование, здравство и комунална инфраструктура ќе создадат повисока економска активност, нови работни места и подобар животен стандард“, истакна Димитриеска-Кочоска.

    Таа посочи дека потребата од ребаланс произлегла од променетите економски околности во текот на годината. Геополитичките случувања, движењето на цените на енергенсите и промените на меѓународните пазари влијаеле врз дел од првичните буџетски проекции, поради што тие биле усогласени со новата состојба.

    Дополнителни обврски, според министерката, произлегле и од потпишаните колективни договори, како и од потребата за поголема поддршка за земјоделството, социјалната заштита и општините.

    „Средствата ги насочуваме таму каде што ќе создадат најголема додадена вредност за економијата. Затоа велам дека ова не е кризен, туку развоен ребаланс“, нагласи таа.

    Осврнувајќи се на собраниската расправа, Димитриеска-Кочоска оцени дека прифаќањето на дел од амандманите покажува отвореност за конструктивни предлози. Меѓу прифатените амандмани се и оние за поддршка на жените земјоделки, национална СОС-линија и два згрижувачки центри за жртви на семејно и родово базирано насилство.

    Министерката се повика и на економските показатели, посочувајќи го растот на БДП од 3,1 процент во првиот квартал, зголемените странски директни инвестиции и растот во градежништвото, услугите и извозот.

    Според неа, овие движења покажуваат дека економијата останува стабилна, а ребалансот треба да овозможи продолжување на капиталните инвестиции, одржување на фискалната стабилност и поддршка на животниот стандард на граѓаните.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично