ПОВЕЌЕ

    Азески во посета на „Гоце Делчев” во Штип: Бизнисот поставува повисоки стандарди, универзитетите тоа треба го следат

    Време зa читање: 3 минути

    Бизнисот оди напред, поставува повисоки стандарди, а универзитетите тоа треба го следат. Науката поактивно да се вклучи за поголема конкурентност на извозните компании, а студиските програми да бидат усогласени со струките што му се потребни на бизнисот, се темите на кои се разговараше во Штип, меѓу претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, и ректорот на Универзитетот “Гоце Делчев”, проф. д-р Дејан Мираковски.

    „По дефинирањето на целите и методологијата на нашата работа во понатамошниот период, првата посета ја правиме токму на УГД во Штип. Со тоа ставаме симболично значење дека двата клучни приоритети на Комората во наредните 10 години, а тоа се извозот и развој на образованието за потребите на бизнисот, ќе бидат третирани професионално и со највисоко ниво, така што ќе придонесат за развој не само на нашите институции, туку и за развој на државата“, наведе Азески. Тој дополни дека минатите години се работело на дуаленото образование, а сега повеќе внимание ќе му се посвети на високото образование, затоа што бизнисот секој ден оди напред, поставува повисоки стандарди, а универзитетите тоа треба го следат.

    Целта на Комората е, според нејзиниот претседател, да му помогне на образованието во следните години финансирањето да достигне до пет отсто од буџетот. На тој начин ќе се постигне достоинство за наставниот кадар, подобрување на програмите и методологиите по кои работат универзитетите, а ќе се испорача и стручен кадар кој му е потребен на стопанството.

    И досега има успешни примери на научно-истражувачка и стручно-апликативна соработка со бизнис секторот, но таа допрва ќе се продлабочува, посочи ректорот Мираковски.

    „Заложбата е преку реални проекти заеднички да ја подобриме економијата и секојдневниот живот. Целта е на нашите студенти да им отвориме простор за развој во нашата држава и реализирање на една квалитетна кариера. Ова е само прв чекор, имаме дефинирано неколку полиња на соработка и релативно бргу ќе пробаме да ги реализираме“, истакна Мираковски.

    На средбата ректорот ја потпиша и Декларацијата за општествен консензус за економски реформи, политики и мерки, која Комората ја донесе на стогодишнината од своето постоење, на 14 јули лани, а со која бара враќање од партиската кон државната агенда.

    На средбата во Штип беше и извршниот директор на СКСМ, Антони Пешев, а проф. д-р Дарко Лазаров од Економски факултет ги презентираше и конкретните можности за идна соработка меѓу двете институции.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично