Во седмицата со четири работни денови, нетрговски трансфери имало во три, а исходот од таа активност е 2.078 подарени или наследени акции издадени од пет друштва. Сите акции се обични.
Иако нема ден без пренос на хартиите од вредност на Комерцијална банка, сепак тие не се и најбројни. Се работи за вкупно 413 акции: понеделник 15, вторник 54 и среда кога биле регистрирани 344 обични акции. Овие акции се и убедливо најтргуваните на Берзата, а нивната просечна цена од петти јуни е 28.398,46 со дневен раст од 0,04 проценти.
Во два наврати се трансферирани акциите со знакот на Алкалоид. Прво 28, а потоа уште 791 обична акција. Сѐ заедно – 819, а тоа е и најголемата количина во споредба со акциите од друштвата забележани во минатонеделната статистика на Централниот депозитар за хартии од вредност. Инаку, последната просечна цена на оваа акција е 25.941,37 денари.
Редовни во нетрговските трансфери се хартиите од вредност на Гранит. Овојпат се 347 на број. Акцијата на градежната компанија е со последна просечна вредност од 1.750 денари.
Од аспект на бројноста, следуваат подарените 250 обични акции на Македонски Телеком. Нивната просечна цена, според податоците од Македонска берза, е 440 денари.
За една акција е помала количината трансферирани акции од прилепскиот Тутунски комбинат. Минатата недела е направен пренос на сопственоста кај 249 обични акции, чија единечна просечна вредност (од 5 јуни) е 275 денари.