„Промедика“, како акционер кој поседува 53.799 или 11,9 отсто од вкупно издадените акции на „Македонијатурист“, има свои кандидати за составот на новиот Надзорен одбор на хотелско-угостителската компанија. На претстојното вонредно Собрание на акционерите, што ќе се одржи на 17 идниот месец, единствените две точки на дневниот ред се отповикување на сегашниот и именување нови членови во ова управувачко тело.
На оваа предлог-листа се:
Димитар Лузевски е раководител и косопственик на секторот Медицина во „Промедика“. Има диплома за финансиски менаџмент од Економскиот факултет при УКИМ.
Горазд Поповски, дипломиран правник со положен правосуден испит, се предлага за независен член. Директор е на Секторот за правни работи во Стопанска банка Скопје.
Сашо Бошков е правник и магистар по економски науки. Адвокат од Штип, коосновач и сопственик на адвокатско друштво.
Маја Николовска е генерален директор на веледрогеријата „Промедика“. Високото образование го стекнала на Американ Колеџ и е магистер по бизнис администрација на London School of Business and Finance.
За членовите на Надзорниот одбор се предлага надомест – две просечни месечни нето плати за претседателоот на НО, по една за членовите. А, за независниот член надоместот да е во висина на 90 отсто од просечната месечна нето плата исплатена во Друштвото во последните три месеци.
Исто така, од „Промедика“ предлагаат акционерите да гласаат за секој кандидат поединечно.
Претходно, својот предлог за членови во Надзорниот одбор го достави и „М.Г. Фешн“.
„М.Г. Фешн“ со предлог за нов состав на Надзорниот одбор на „Македонијатурист“
Најголемиот акционер „Скопски пазар“, кој поседува 19,76 отсто од акциите на „Македонија турист“, сѐ уште не настапил со јавен предлог на свои кандидати.