Очекувања за претстојниот период
Работењето на Друштвото ќе се одвива во влошени макроекономски услови, а истовремено може да се очекува заострена конкуренција на осигурителниот пазар и неповолно финансиско опкружување за остварување на принос од финансиските вложувања.
Последиците од ширење на вирусот COVID19 се веќе видливи и очигледно е дека македонската економија 2020 година ќе ја заврши во рецесија, а оценките за нејзината висина варираат од 4% (ММФ) до 5% (ЕБОР). Генерално, очекувањата се дека Друштвото ќе се соочи со намалена економска активност, која може да резултира со намалена премија и намалена наплата на истата, но од друга страна очекуван е и забавен раст во ликвидација на штети како и намалени бруто оперативни трошоци.
Триглав Осигурување АД, Скопје во претстојниот период очекува да ја одржи водечката позиција на пазарот и да ја задржи профитабилноста и сигурноста во работењето.
Друштвото ќе ги превземе сите неопходни активности за остварување на зацртаните цели и задачи во рамки на Планот за 2020 година и притоа ќе биде фокусирано пред сè на дополнителен развој на стратешките осигурителни производи, обезбедувајќи им на клиентите врвна, навремена и доверлива услуга.