Oколу 70 отсто од граѓаните донеле одлука да го одложат плаќањето на нивните кредити, според информации од банките кои доставиле податоци до Народната банка.
Банките поради економската криза предизвикана од пандемијата со коронавирусот на нивните клиенти им понудија можност да го одложат плаќањето на кредитите во рок од 6 месеци. Банките за време на грејс периодот нема да ја отпишуваат каматата на кредитите туку ќе им ја наплатат на граѓаните, откако тие ќе започнат со редовно подмирување на нивните долгови.
Овие одложувања, за банките значат времено откажување од приливите што требало да ги наплатат во овој период, со што индиректно се поддржува економијата – велат од Народна банка за РСЕ.
И покрај тоа што Владата не донесе рестриктивни мерки за намалување на платите во јавната и државната администрација и покрај тоа што вработените имаат слободни денови и имаат финансиска кондиција да ги подмират долговите, тоа не го прават, вели професорот Алаудин Зекири од Тетовскиот Универзитет.
Сега за волја на вистината значи тука се користи мерката чисто за да се избоксува, односно да се пролонгираат тие шест месеца и да се надминат, па повторно извршните решенија ќе бидат во полза на употреба. Знам дека бројката говори за еден зачудувачки феномен дека многу од службениците од државната и јавна администрација имаат кредитни и извршни ситуации и тие значи ги подмируваат, што за жал говори за една лоша финансиска слика на вработените – вели Зекири.