
Парите што граѓаните ги акумулираат во вториот пензиски столб не се сопственост на пензиските друштва што управуваат со нив, туку се издвоени средства на членовите на пензиските фондови. Нивната заштита е уредена со законски правила, ограничувања при инвестирањето и постојана супервизија. Сепак, вредноста на пензиските заштеди зависи и од движењата на финансиските пазари, поради што приносите можат да варираат и не се однапред гарантирани. Ова се клучните појаснувања на Агенцијата за супервизија на капитално финансирано пензиско осигурување (МАПАС), која во соопштение го објаснува функционирањето на вториот пензиски столб и механизмите за заштита на средствата.
Во вториот столб, дел од задолжителниот пензиски придонес на секој член се уплаќа на негова индивидуална сметка во пензиски фонд. На таа сметка се акумулираат уплатените придонеси и приносите од нивното инвестирање, намалени за законски утврдените надоместоци. Така создадената заштеда, заедно со пензијата од првиот столб, претставува основа за обезбедување приходи по пензионирањето.
Од МАПАС нагласуваат дека една од најважните карактеристики на системот е целосната имотна одвоеност на пензиските средства од имотот на друштвата. Средствата се чуваат кај посебни институции – банки чувари на имот, кои имаат законски обврски за нивно чување и евидентирање. Располагањето со пензиските средства се врши исклучиво согласно законски утврдените правила и во интерес на членовите.
Заштитата дополнително се обезбедува преку пропишани ограничувања за инвестирање, дозволени финансиски инструменти, диверзификација на вложувањата и обврски за управување со ризиците. Работењето на пензиските друштва и фондови е под континуиран надзор на МАПАС, кој ги опфаќа инвестициските активности, вредноста и структурата на средствата, финансиската состојба на друштвата и исполнувањето на нивните обврски кон членовите.
Агенцијата посочува дека успешноста на пензиските фондови не треба да се оценува само според приносите остварени во одредена година или во пократок период. Пензиското штедење има долгорочен карактер, а резултатите зависат од повеќе фактори – висината и редовноста на уплатените придонеси, времетраењето на членството и приносите од инвестирањето.
Подолгиот период на штедење овозможува и ефект на сложено капитализирање, односно остварените приноси да придонесуваат за понатамошно зголемување на акумулираните средства. Истовремено, МАПАС потсетува дека движењата на финансиските пазари можат да влијаат врз вредноста на средствата, па идните приноси не можат однапред да се гарантираат.
Со предложените законски измени се предвидува воведување три инвестициски портфолија – растечко, балансирано и конзервативно. Овој модел треба да овозможи инвестициските стратегии да се приспособуваат на возраста на членовите, периодот што им преостанува до пензионирањето и соодветното ниво на инвестициски ризик.
Сепак, од Агенцијата прецизираат дека примената на ваквиот модел ќе зависи од усвојувањето и стапувањето во сила на законските измени.
МАПАС нагласува дека вториот пензиски столб и пензиското осигурување засновано на генерациска солидарност се меѓусебно поврзани делови на системот, чија заедничка цел е обезбедување поширока основа за идните пензиски приходи.
Според Агенцијата, понатамошните промени во пензискиот систем треба да се темелат на стручни и актуарски анализи, долгорочни проекции и внимателна процена на последиците за сегашните и идните членови, пензионираните членови и финансиската одржливост на системот.
Од МАПАС порачуваат дека за зачувување на довербата во пензискиот систем се неопходни професионално управување со средствата, ефикасна супервизија, транспарентност и доследна заштита на интересите на членовите.
Аналитика








