ПОВЕЌЕ

    За финансиските проблеми полесно се зборува со ВИ отколку со човек – што открива европско истражување?

    Време зa читање: 3 минути

    За долговите, задоцнетите плаќања и чувствителните финансиски прашања, речиси секој трет Европеец попрво би разговарал со вештачка интелигенција отколку со банкарски службеник. Кај младите оваа подготвеност е уште поголема. Но, иако технологијата добива сè поголема доверба, шест од десет потрошувачи признаваат дека во комуникацијата со ВИ им недостига човечкиот контакт.

    Ова го покажува студијата EOS Banking AI Barometer, спроведена меѓу 4.400 банкарски клиенти во 11 европски земји. Според резултатите, 29 проценти од испитаниците претпочитаат разговор со ВИ за чувствителни финансиски прашања, а кај младите од 18 до 34 години тој процент достигнува 38 отсто.

    Речиси половина од анкетираните, односно 46 проценти, сметаат дека вештачката интелигенција ја подобрила комуникацијата со банките, додека само 11 проценти забележале влошување. Најголемите предности ги гледаат во брзото добивање информации, постојаната достапност и пократкото време за комуникација.

    Сепак, довербата опаѓа кога станува збор за решавање посложени проблеми. Само 35 до 36 проценти позитивно ги оценуваат способностите на ВИ за разбирање, прецизност и решавање конкретни банкарски прашања.

    Интересно е што клиентите очекуваат технологијата и да ги предупредува пред да се соочат со финансиски проблем. Дури 61 процент сакаат известувања при опасност од пречекорување на сметката, а 51 процент би прифатиле персонализирани предлози за отплата на заостанатите обврски на рати.

    „Најдобрите банки користат ВИ како алатка за подобра услуга, а не како замена за односот“, истакнува Марвин Рамке, главен извршен директор на Групацијата EOS.

    Македонија не била опфатена со истражувањето, но искуството на EOS Матрих покажува дека и кај нас се менуваат навиките на корисниците.

    „Во изминатите две години расте бројот на корисници што плаќаат онлајн и отвораат профили на платформата MyEOS. Младите полесно ги прифаќаат современите дигитални решенија, додека повозрасните корисници и натаму го претпочитаат директниот контакт со нашите агенти“, посочува Катерина Бошевска, главен извршен директор на EOS Матрих Македонија и EOS Косово.

    Истражувањето е спроведено во јули 2026 година, а резултатите покажуваат дека вештачката интелигенција сè повеќе станува дел од банкарските услуги, но човечкиот контакт останува важен, особено кога се решаваат чувствителни финансиски прашања.

    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично