
Со свечена чартер церемонија, вчера во Скопје официјално беше примен во меѓународното ротаријанско семејство новиот Ротари клуб „Скопје – Дебар Маало“. Клубот обединува луѓе од различни професии кои своето знаење, искуство и време ќе ги посветат на иницијативи за доброто на заедницата.
Чартер-повелбата ја врачи гувернерот на Дистрикт 1912, Боштјан Врховшек, во присуство на основачите, претставници на ротаријанската заедница и гости.
„Секој нов клуб носи нова енергија и можности за дејствување. Верувам дека ‘Скопје – Дебар Маало’ ќе ги поврзе локалните потреби со силата на ротаријанската мрежа и ќе создава трајна вредност за заедницата“, истакна Врховшек.
И координаторот на Сојузот на Ротари клубови на Македонија, Митко Демировски, на синоќешниот настан го поздрави основањето на клубот: „Со ‘Скопје – Дебар Маало’ нашата ротаријанска заедница добива нови луѓе, знаења и идеи. Преку соработка меѓу клубовите, ќе ги поддржиме во создавањето иницијативи што одговараат на потребите на граѓаните“.
Менторот на клубот, Сашко Целаковски, ја нагласи посветеноста на основачите: „Овој клуб започна со луѓе кои имаат желба и подготвеност да придонесат. Задоволство е да се поддржи тим што сака добрите идеи да ги претвори во конкретни дела за својот град“.
Претседателката, д-р Билјана Калчовска, ја претстави првата иницијатива на клубот – поставување маси за играње шах на отворено во Дебар Маало.
„Не сакаме шаховските маси да бидат само дел од јавниот простор. Сакаме тие да станат места на средби и разговори на луѓе од различни генерации“, порача Калчовска.
Под мотото „Градот. Луѓето. Идеите.“, клубот ќе развива иницијативи за образование, култура, солидарност и одговорност кон заедницата.
Аналитика








