Немања Ѓуриќ, од Синдикатот на правосудството на Србија и претставник на „Студентската листа“, за српската телевизија „Нова“ изјави дека постои план за формирање посебен суд наменет за постапување по предмети што се однесуваат на високи државни функционери. Гостувајќи вчера во утринската програма, Ѓуриќ објасни дека овој суд би се занимавал исклучиво со прашања поврзани со високи функционери, и тоа од стручен аспект – без разлика дали тие припаѓаат на актуелната или на некоја идна власт.
„Ќе видиме каков ќе биде точниот модел, но намерата е да се има суд кој се занимава исклучиво со високи функционери, со професионална стручност. Ова се однесува не само на високите функционери од претходната власт, туку и на оние од идните власти“, рече Ѓуриќ.
Тој се осврна и на претходно најавеното формирање на таканаречена „обвинителска полиција“, напоменувајќи дека конкретниот модел што ќе се примени во тој случај допрва треба да се утврди.
Во претходно интервју за „Нова“, Ѓуриќ зборуваше за плановите на „Студентската листа“ за реформа на правосудството, истакнувајќи дека политичкото влијание, недостигот од професионална компетентност и отсуството на механизми за ефективно функционирање на обвинителството се меѓу клучните проблеми во правосудниот систем на Србија. Правосудството со децении се користело како инструмент од страна на политичките партии, рече Ѓуриќ, нагласувајќи дека промената на системот бара сеопфатен пристап: развивање правни решенија, избор на квалификуван кадар и зајакнување на институционалната одговорност. З
Зборувајќи за мерките што „Студентската листа“ би ги спровела доколку дојде на власт, Ѓуриќ најави дека посебен акцент ќе биде ставен на борбата против корупцијата, транспарентноста на правосудството и намалувањето на политичкото влијание врз судиите и обвинителите.
Меѓу темите што претходно ги истакна се Законот за потекло на имотот, Законот за одземање на имот стекнат со кривично дело, како и процесот на лустрација – за кој, како што наведе, студентите сметаат дека е неопходен. Сепак, Ѓуриќ нагласи дека неговиот ангажман во „Студентската листа“ и неговото членство во синдикатот се две одделни прашања, истакнувајќи дека Синдикатот на правосудството мора да остане автономна, демократска и независна организација на вработените.
„СТУДЕНТСКАТА ЛИСТА“ НАЈАВИ СЕОПФАТНИ ОПШТЕСТВЕНИ ПРОМЕНИ
На 29 октомври, на првата прес-конференција по победата, претставниците на Студентската листа ги конкретизираа своите први барања. Тие се поитни и подетални од предизборната програма.
Меѓу нив се:
1. Оставки и смени во безбедносните служби. Побараа заминување на директорот на полицијата Драган Васиљевиќ, директорот на Безбедносно-информативната агенција (БИА) Владимир Орлиќ и директорот на Воено-безбедносната агенција (ВБА) Ѓуро Јованиќ. Побараа и разрешување полициски функционери што ги обвинуваат за незаконско постапување кон демонстрантите.
2. Повторно отворање и забрзување на истрагите. Особено го нагласија случајот со уривањето на натстрешницата на железничката станица во Нови Сад, но и случаите „Крушик“, Савамала, убиството на Оливер Ивановиќ, падот на воениот хеликоптер и други предмети што предизвикаа јавен интерес.
3. Финансиска ревизија на големите државни проекти. Побараа проверка на паричните текови за ЕКСПО, „Белград на вода“, автопатот „Милош Велики“, Коридор 10, проектите поврзани со „Рио Тинто“ и други јавни инвестиции.
4. Промени во обвинителството и Уставниот суд. Побараа оставки од одредени високи обвинители и од претседателот на Уставниот суд, Владан Петров, поради наводна пристрасност и селективно постапување.
5. Реформа на јавниот сервис РТС и медиумскиот регулатор РЕМ. Побараа промени во раководството на РТС, целосно функционален и независен регулатор и проверка на работењето на државниот телекомуникациски оператор „Телеком Србија“.
6. Итен попис на состојбата во државните институции. Сакаат да се документираат финансиските обврски, договорите, јавните набавки и имотот во министерствата, јавните претпријатија, Електростопанството на Србија и државните фондови, како и да се спречи евентуално уништување документација во периодот на примопредавање на власта.
„Студентската листа“ предвидува и пошироки реформи со директно влијание врз секојдневниот живот.
Проверка на имотот на функционерите и лустрација. Планираат закон за потеклото и одземањето на незаконски стекнатиот имот, зајакнување на даночните контроли и утврдување одговорност за злоупотреба на јавни функции. Лустрацијата подразбира проверка на одговорноста за тешки злоупотреби и евентуално ограничување на вршењето јавни функции. Таа би морала да се спроведува со индивидуално утврдување на одговорноста и право на жалба.
Крај на партиските вработувања. Директорите на јавните претпријатија и раководителите во институциите би се избирале преку транспарентни конкурси врз основа на стручни квалификации, со построга контрола на јавните финансии.
Бесплатни учебници за сите ученици. Предвидено е сите основци и средношколци да добијат бесплатни учебници, независно од местото на живеење. Програмата вклучува и модернизација на наставата.
Поголема сигурност за работниците. Со измени на Законот за работни односи, максималниот период за работа на определено време би се скратил од 24 на 12 месеци. Намерата е да се намали долготрајната несигурност при вработувањето.
Поповолно домување за младите. Програмата предвидува станови со поволни услови за закуп и можност за откуп, како и даночни олеснувања за младите семејства и за вработени во образованието и здравството.
Поевтини лекови и подобро здравство. Најавуваат регулирање на цените на лековите, обновување на селските амбуланти и мерки за вработување млади лекари во помалите населени места.
Економија заснована на знаење. Предвидуваат грантови и субвенции за домашни компании, стартапи, иновации и земјоделци, како и мерки против монополските практики на пазарот на храна
Првиот носител на Студентската листа, Илија Срдановиќ, по изборите изјави дека приоритет е да се создадат услови за владеење на правото и слободно функционирање на институциите. Особено го нагласи целосното расветлување на трагедијата во Нови Сад, која и го поттикна студентското движење пред две години.
(Фото: победнички банер, ден по изборите во Србија, Emilija Knezevic – Own work, CC BY 4.0)
Аналитика








