Системот на јавни набавки добива нови правила: се зголемуваат вредносните прагови, се проширува електронското набавување, а Бирото за јавни набавки добива можност да користи и алатки базирани на вештачка интелигенција за следење на постапките и препознавање неправилности и ризици. Собранието ги усвои измените и дополнувањата на Законот за јавните набавки.
Кај класичниот јавен сектор, Законот ќе се применува за набавки на стоки и услуги од 2.000 евра нагоре, наместо од досегашните 1.000 евра, а кај работите прагот се зголемува од 5.000 на 10.000 евра. Истовремено, вкупниот годишен лимит за сите набавки што се реализираат под овие законски прагови се зголемува од 12.000 на 25.000 евра.
Воедно, Бирото за јавни набавки ќе може да развива дигитални алатки и модели, вклучително и решенија базирани на вештачка интелигенција, за автоматизирано следење, откривање и спречување неправилности и ризици во постапките. Се предвидува и поширока анализа и размена на податоци преку веб-сервиси.
Поголема улога добива и критериумот „најдобар однос помеѓу цената и квалитетот“. Кај институциите што планираат повеќе од три набавки со вредност над 130.000 евра, најмалку три такви постапки задолжително ќе треба да завршат со избор врз основа на цена и квалитет. Ако се планирани помалку од три такви набавки, критериумот ќе се применува кај сите.
Се проширува и Електронскиот пазар за набавки од мала вредност, преку кој ќе може да се набавуваат стоки, услуги и работи до 20.000 евра. За стандардизирани производи и услуги институциите ќе можат да избираат директно од достапните каталози, без класична тендерска документација.
Промени има и кај постапките со преговарање без објавување оглас. Наместо задолжително претходно мислење од Бирото во определени случаи, ќе се воведе обврска за известување за доброволна претходна транспарентност.
Поскапува и жалбената постапка. Надоместоците од досегашните 50, 100, 150 и 200 евра се зголемуваат на 150, 300, 450 и 600 евра, зависно од вредноста на понудата.
За службениците за јавни набавки, пак, повторното полагање испит за продолжување на сертификатот се заменува со најмалку 21 час континуирано професионално усовршување во периодот на неговата важност. Ова решение ќе почне да се применува од 1 јануари 2027 година.
Целта на усвоените промени е да се постигне поголема ефикасност, пошироко користење на електронските алатки, поголема примена на критериумот цена-квалитет и модернизација на системот на јавни набавки.
(Илустрација генерирана со вештачка интелигенција)
Аналитика








