ПОВЕЌЕ

    РК Бутел во црвен финансиски дрес – загуба од 84 илјади евра

    Време зa читање: 4 минути

    РК Бутел ја остварил спортската цел во сезоната 2024/2025 – обезбедил место во плејофот и првенството го завршил како шестопласиран тим во разигрувањето за титулата. Во регуларниот дел скопскиот суперлигаш одиграл 22 натпревари, забележал 12 победи и 10 порази и освоил 24 бода.

    На ракометниот терен Бутел обезбедил место во друштвото на најдобрите. Но, надвор од паркетот клубот води многу потежок натпревар – во 2025 година повторно останал во црвената зона. Во оваа сфера крајниот резултат е нето-загуба од 5,17 милиони денари или од околу 84,1 илјада евра. Патем, минусот е малку продлабочен во однос на позицијата од 2024 година, за 1,8 насто.

    Приходите од работењето изнесувале 9,39 милиони денари, односно 152,7 илјади евра. Една година порано се зборувало за 12,81 милион денари (208,3 илјади евра), па оттаму и падот од 26,7 отсто.

    Расходите исто така се намалиле, но не доволно за да одигра улога во евентуалното затворање на финансиската дупка. Во текот на минатата година трошоците достигнале 14,75 милиони денари (239,8 илјади евра). А тоа, на годишно ниво е помалку за 18,6 отсто.

    Од каде доаѓаат парите?

    Од вкупниот износ на приливите, само 624 илјади денари (10,1 илјада евра) се прикажани како приходи од продажба. Деталната евиденција покажува дека целиот тој износ е приход од наемнина. Од овој извор, преклани биле остварени 25,2 илјади евра, па во овој сегмент има пад од близу 60 отсто.

    Далеку поголем дел од средствата се водат како останати приходи – 8,77 милиони денари (142,5 илјади евра). Притоа, доминантна е ставката „приходи од премии, субвенции, дотации и донации“, која изнесува 8,13 милиони денари или 132,2 илјади евра. И зафаќа 86,6 отсто од сите средства што се обезбедуваат со работењето на клубот. Меѓутоа, од годишната сметка не може да се види колкав дел од овој износ е премија, колкав субвенција, дотација или донација.

    Услугите – најголем трошок

    Најголемата ставка на расходната страна се услугите со карактер на материјални трошоци, за кои во 2025 година биле издвоени 11,55 милиони денари, односно 187,8 илјади евра. Тоа се повеќе од три четвртини од вкупните расходи од работењето. Добрата вест за Бутел била што овие трошоци се значително пониски од претходната година и тогашните 246,3 илјади евра.

    Трошоците за вработените, пак, се намалиле од 20,5 илјади на 14,4 илјади евра. Во нив се пресметани и 10,7 илјади евра за дневници, ноќевања и патни трошоци. Од друга страна, за репрезентација се потрошени 10 илјади евра, нешто повеќе од претходната година.

    Кредитите тежат повеќе од целиот имот

    РК Бутел на крајот од 2025 година има 404,85 илјади евра краткорочни обврски. Од тој износ, дури 376,5 илјади евра произлегуваат од заеми и кредити. Една година претходно вкупните краткорочни обврски изнесувале 358,1 илјада евра, од кои 330,9 илјади евра биле обврски по заеми и кредити.

    Наспроти должничката состојба е вкупната актива на клубот од 3,92 милиони денари, или 63,8 илјади евра.

    Воедно, негативната главнина е 341 илјада евра, а пренесената загуба од претходните години достигнала 283 илјади евра.

    Ако спортската цел е РК Бутел секоја сезона да останува во плејофот, финансискиот натпревар се чини мошне потежок: да се најде формула со која добрата игра и резултатите на теренот ќе бидат проследени со сигурни приходи и помал товар од долгови.

    М.А.

    Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и важат условите опишани на следниот линк.
    14,794Следи нè на facebookЛајк

    слично